
Растечката побарувачка за електричните модели им донесе зголемување во септемвриската продажба на Тесла, Волво и Шкода на европскиот пазар. Наспроти тоа, пазарот помалку е заинтересиран за електричните модели на Форд. Голем напредок постигнаа три производители од Кина. Во септември, повеќе марки имаа пад во продажбата, отколку раст. Вкупната септемвриска продажба е намалена за 4,4 проценти во споредба со лани.
Шкода во минатиот месец ја зголеми продажбата за повеќе од 11.000 возила, што одговара на раст од 20 проценти, со вкупно продадени 67.550 возила. Со овој силен поттик, Шкода во септември е 3-та најпродавана марка. Во истиот месец лани, Чесите беа 8-ма најпродавана марка.
Голем двигател на продажбата беше целосно електричниот Ениак иВ (тест). Продажбата на СУВ моделот од средната класа во минатиот месец порасна за 50 проценти, на 9.237 возила. Шкода Ениак беше трет најпродаван електричен модел во Европа, по Тесла Модел Ипсилон и Тесла Модел 3.
Тесла во септември ја зголеми продажбата за преку 8.000 возила, односно за 26 проценти, на вкупно 43.618 возила. Иако СУВ-моделот од средната класа Модел Ипсилон беше најпродаван автомобил воопшто во Европа, главната причина за целата марка да се искачи од 16-то место во септември 2023 на 12-то место годинава е продажбата на лимузината од средна класа Тесла Модел 3. Побарувачката за неа се зголемила за 258 проценти во споредба со лани.
Растот од 24 проценти во продажбата на Волво, со вкупно продадени 29.636 возила ја донесе шведската марка на 15-то место, четири места понапред во споредба со септември ’23. Волво во септември продаде преку 5.600 возила повеќе од истиот месец лани. Најголема заслуга за тој успех има целосно електричниот СУВ-модел од градската класа Е Икс 30.
Растот што заедно го постигнаа овие три производители придонесе вкупната септемвриска продажба на електрични автомобили во Европа да се зголеми за 13 проценти, на 211.647 возила.
Паѓа продажбата на Форд, што во дел се должи и на слабата побарувачка за целосно електричниот Мустанг Мах-Е.
Шпанската марка на концернот Фолксваген, Сеат, се искачи на 20-то место, наспроти 23-то место лани. Главниот двигател во септемвриската продажба на Сеат беше градскиот модел Ибица, чијашто продажба порасна за 46 проценти, на 6.172 возила.
Мерцедес го загуби местото во Топ 3 во септември и се најде на 5-то место, откако вкупната продажба се намали за 5 проценти, на 63.179 возила. Меѓу причините за падот е смалувањето на побарувачката за целосно електричниот СУВ од средна класа Е Ку Ц за 99 проценти.
Ауди во минатиот месец падна на 7-то место, наспроти 4-то место во истиот месец во 2023, со продажба смалена за 8,6 проценти и 58.528 продадени возила. Главната причина за тоа е падот во побарувачката за компактниот премиум модел А3 за 21 проценти.
Форд излезе од Топ 10 и во септември се најде на 11-то место, две места подолу од септември лани. Продажбата на Форд падна за 16 проценти, со 44.397 продадени возила. Пазарот го губи интересот за електричниот Мустанг Мах-Е, со продажба намалена за 59 проценти и само 1.089 продадени возила.
Кинеските производители постигнаа голем раст
Кинескиот БИД направи голем скок во септември и се најде на 30-то место, од 38-то место во истиот месец лани. Продажбата порасна за 187 проценти, со 4.825 возила. Продажбата на БИД ја предводат Сил, Сил Ју и Долфин, коишто му донесоа раст на кинескиот производител за преку 3.400 возила.
Експенг е на 43-то место, од 59-то место лани, со продажба зголемена за близу 600 проценти, односно со 927 продадени возила во септември.
Најголемиот напредок го постигна огранокот на Чери што се води под името Омода, којшто се искачи од 77-то место лани на 35-то место годинава. Омода продаде повеќе возила од Јагуар, Субару и Смарт.
МГ, најпродавана кинеска марка во Европа, падна на 20-то место, од 18-то место лани, со пад од 28 проценти и продадени 19.184 возила.

Повеќе губитници, отколку добитници
Во минатиот месец 29 производители ја зголемија продажбата во Европа, наспроти 21 производител во август. Меѓу нив се кинеските Зикр, Воја и Липмотор, како и британските Мекларен, Морган и Ланд Ровер.
Три производители се во минус, но нивниот пад пак е помал од 4,4-те проценти колку што се смали целиот европски пазар во септември.
Топ 50 Најпродавани модели на европскиот пазар во септември 2024
Марка |
Модел |
Продажба |
|
| 1 | Tesla | Model Y | 28680 |
| 2 | VW | Tiguan | 20763 |
| 3 | Renault | Clio | 20306 |
| 4 | Dacia | Sandero | 19346 |
| 5 | Kia | Sportage | 16284 |
| 6 | Peugeot | 208 | 16103 |
| 7 | VW | Golf | 15722 |
| 8 | Toyota | Yaris Cross | 15498 |
| 9 | VW | Polo | 15291 |
| 10 | Ford | Puma | 14927 |
| 11 | Tesla | Model 3 | 14393 |
| 12 | Toyota | Yaris | 14285 |
| 13 | Opel | Corsa | 14218 |
| 14 | Hyundai | Tucson | 13614 |
| 15 | Peugeot | 2008 | 13181 |
| 16 | Skoda | Octavia | 13132 |
| 17 | VW | T-Roc | 12531 |
| 18 | Renault | Captur | 12470 |
| 19 | Dacia | Duster | 12341 |
| 20 | Toyota | C-HR | 11881 |
| 21 | BMW | X1 | 11701 |
| 22 | Nissan | Qashqai | 11145 |
| 23 | MINI | One/Cooper | 10344 |
| 24 | Ford | Kuga | 10335 |
| 25 | Nissan | Juke | 9518 |
| 26 | Mercedes | GLC | 9405 |
| 27 | Peugeot | 3008 | 9263 |
| 28 | Skoda | Enyaq iV | 9237 |
| 29 | Toyota | Corolla/ | 9132 |
| 30 | Skoda | Fabia | 8902 |
| 31 | Skoda | Kamiq | 8860 |
| 32 | Skoda | Karoq | 8840 |
| 33 | Audi | A3, S3 | 8662 |
| 34 | Skoda | Kodiaq | 8557 |
| 35 | Hyundai | Kona | 8492 |
| 36 | Toyota | Aygo X | 8321 |
| 37 | Fiat | Panda | 8249 |
| 38 | Mercedes | A Class | 8074 |
| 39 | Citroen | C3 | 7899 |
| 40 | Toyota | RAV4 | 7405 |
| 41 | Jeep | Avenger | 7382 |
| 42 | BMW | 3 Series | 7311 |
| 43 | Ford | Focus | 7265 |
| 44 | Volvo | EX30 | 7161 |
| 45 | VW | ID.4 | 6977 |
| 46 | VW | T-Cross | 6930 |
| 47 | Volvo | XC60 | 6709 |
| 48 | Kia | Niro | 6647 |
| 49 | Kia | Picanto | 6619 |
| 50 | Cupra | Formentor | 6572 |















