Стелантис е подготвен в година да го скуси производството на автомобили со мотор со внатрешно согорување, со цел да не ги пречекори новите ограничувања на ЕУ за емисијата на ЦО2, место да плаќа скапи казни, кажа европскиот шеф на концернот.
Со скусување на производството би можело да се почне уште на 1-ви ноември, кажа Жан Филипе Импарато, кој на 10-ти октомври беше назначен за оперативен директор за делувањето на концернот во Европа, вклучувајќи ги Евроазија и Турција. Новото назначување на Импарато е дел од сеопфатните промени во управата на Стелантис.
Импарато претходно беше извршен директор за Алфа Ромео, а пред соединувањето на Групација ПСА и Фиат Крајслер во концернот Стелантис во јануари 2021 година, тој беше извршен директор на Пежо.
Некои производители, вклучувајќи ги БМВ и групацијата Рено, побараа да се направат промени или да се одложи воведувањето на построгите норми за ЦО2. Новите норми ги условуваат производителите, електричните автомобили да учествуваат со 20 до 25 проценти во вкупната продажба на возила, според груби процени. Во периодот од јануари до август годинава, електричните автомобили учествуваат со 13 проценти во вкупната продажба во Европа.
Стелантис се противи за секакво одложување или ублажување на новите норми. Извршниот директор Карлос Тавареш изјави на 15-ти октомври, за време на салонот во Париз, дека Стелантис ќе ги исполни барањата и дека секакво одложување на новите норми ќе води кон натамошно заостанување на европските производители на автомобили зад кинеските марки, коишто во моментов се технолошки понапредни.
Импарато во интервју на 14-ти октомври, исто така за време на салонот во Париз, кажа дека Стелантис в година ќе мора да го зголеми уделот на електричните возила на 24 проценти во вкупната продажба на возила, за концернот да ги исполни барањата на ЕУ. Доколку побарувачката за електрични возила остане на денешното ниво, единствениот начин да се исполнат барањата и да се избегне плаќање скапи казни ќе биде смалување на производството на автомобили со мотор со внатрешно согорување, кажа Импарато.
Постигнување рамнотежа меѓу производството и побарувачката
„Мојата прва задача е производството на возилата што ќе се продадат во првото тромесечје во 2025, да го подготвам до првата седмица од ноември“, објаснува шефот.
Откако автомобилот ќе ја напушти производствената линија, потребни се околу 60 денови, додека тој се регистрира од крајниот корисник, било да е тоа приватен или деловен корисник, или дилер.
Новите правила на ЕУ стапуваат на сила на 1-ви јануари и предвидуваат просекот од емисијата на ЦО2 на сите автомобили што еден производител или концерн ќе ги продаде, да биде под 95 грами на километар. Тоа е под просекот од 106,6 грами ЦО2 на километар, што важеше како гранична вредност во 2023 година
Производителите што ќе ја пречекорат граничната вредност, ќе плаќаат казна во висина од 95 евра за секој грам над лимитот, за секој продаден автомобил.
Според Лука де Мео, извршен директор на Рено, производителите може да се соочат со казна што би достигнала вкупно 15 милијарди евра. Аналитичарите во Барклејс Банк, коишто ги цитира Фајненшел Тајмс, калкулираат со вредност од преку 10 милијарди евра.
Стелантис ја има таа предност што неодамна вложи во Липмотор, кинески производител што отпочна со продажба на два електрични модели во Европа. Овие автомобили, што се производ на заедничката компанија Липмотор Интернационал, каде што Стелантис поседува 51 проценти од акциите, ќе учествуваат во пресметувањето на вредноста на емисијата на ЦО2 на ниво на концерн.

Импарато не ја наведува продажбата што се очекува Липмотор да ја постигне во Европа в година, но напомена дека вклучувајжќи ги возилата на Липмотор, просечниот удел на електричните автомобили во вкупната продажба на Стелантис ќе се движи околу 20 проценти.
За да се осигури дека Стелантис е на пат да ги исполни барањата на ЕУ за емисијата на ЦО2, Импарато кажа дека вкупниот буџет за производството ќе го одредува раководејќи се според бројот на нарачки за електричните возила.
„Имајќи предвид дека произведуваме само возила што се нарачани, ние ќе произведеме толку возила со мотор со внатрешно согорување, колку што се потребни, за уделот на електричните возила да го одржуваме на потребното ниво,“ кажа тој.

Проблеми со постоечките залихи
Скусувањето на производството на возила со мотор со внатрешно согорување, со цел да се остане под ограничувањата на ЕУ, може да ги усложни проблемите со коишто Стелантис се соочува во Европа, барем во еден кус период. Производителот неделава соопшти дека испораките во Европа забележале пад од 17 проценти во третото тромесечје, поради доцнењето со клучните модели, како што се новите Ситроен Ц3 и е-Ц3.
Повеќе начини да се забрза продажбата на електричните автомобили
Импарато кажа дека на располагање му стојат повеќе начини да ја зголеми продажбата на електрични возила, со цели што ќе бидат одредени посебно за секој пазар во Европа, зависно од тоа како во тие земји се продаваат електричните автомобили. Тој наведе пример дека дилерите во Шпанија и Италија, каде што уделот на ЕВ во продажбата е под 5 проценти, немаат обврска в година да ја зголемат продажбата на 20 проценти, но затоа од дилерите во Холандија ќе се бара да постигнат удел од 50 проценти.
Компанијата ќе ги зголеми премиите што дилерите ги добиваат за електрични автомобили, кажа шефот. „Ако тие ја играат играта, ќе заработат многу,“ кажа Импарато, додавајќи дека новата програма на премии ќе го наградува целиот ланец за дистрибуција, од продавачите до регионалните менаџери.
Доколку по усвојувањето на новите премии за ЕВ, побарувачката за возила со мотор со внатрешно согорување биде над проекцијата со којашто се задоволуваат ограничувањата на ЕУ за емисијата на ЦО2, Стелантис би можел да ги зголеми цените за возилата со мотор со внатрешно согорување „на флексибилна основа, по модел, марка и пазар“, кажа Импарато.
Друг начин да се забрза продажбата на ЕВ е помагање за дилерите да ги надминат можните тесни грла во договорите за лизинг,
Во минатото, цените на користените возила беа поставена релативно високо, со цел месечните рати да бидат пониски. Но, цената на користените ЕВ падна нагло, вклучувајќи ја Европа, откако Тесла почна глобална ценовна војна кон завршетокот на 2022 година. Тоа им предизвика голема загуба на производителите и дилерите, кај користените автомобили и кај автомобилите што се враќаат од лизинг.
Дилерите сега се соочуваат со „планина“ од ЕВ што се враќаат од договори за лизинг потпишани во 2021/22 година и неопходна е производителите да им помогнат околу цената на користените возила, кажува Импарато. Избегнувањето дополнителен товар е уште една причина, за производството во иднина да биде доведено во тек со побарувачката на ЕВ, објаснува шефот.
Производителите морат да научат како да ја одредат цената на ЕВ во подолг временски период, кажува Импарато. „ЕВ можете да продадете трипати,“ мислејќи притоа на првото изнајмување на ново возило од фабрика и на уште две следни изнајмувања како користено возило.
За тоа да се постигне, вредноста на користените ЕВ мора да се пресмета внимателно, кажува тој, почнувајќи од самите услови на лизинг.
















