
Новите царини на Европската Унија за кинеските електрични автомобили ќе го забрзаат затворањето на фабриките во Европа, од страна на локалните производители на автoмобили. Така цени Карлос Тавареш, извршен директор на концернот Стелантис, образложувајќи дека тоа ќе ги поттикне кинеските производители да градат фабрики во Европа, што ќе внесе дополнителна тежина во проблемот со прекумерните производствени капацитети.
Царините се „добра алатка за комуникација“, но имаат споредни ефекти, кажа Тавареш на салонот на автомобили во Париз, што почна на 14-ти октомври, со денот за новинари.
„Тоа ќе го зголеми прекумерниот капацитет во производствениот систем на Европа. Начин да се избегнат царините е да се гради во Европа,“ заклучува Тавареш. „Ја забрзувате потребата да се затвораат фабрики.“
Во почетокот на месецов, членките на ЕУ со тесно мнозинство го изгласаа воведувањето на повисоки увозни царини за кинески електрични автомобили, коишто достигнуваат 45 проценти. Замислата на Европската Комисија беше да се компензира за масивните субвенции што кинеските производители ги добиваат од Пекинг. На тоа, Пекинг одговори дека не станува збор за нечесна конкуренција и се закани дека ќе воведе противмерки.
Зборувајќи пред италијанските медиуми на салонот во Париз, Тавареш го посочи примерот со кинескиот гигант со електрични возила БИД, којшто веќе ја гради својата прва европска фабрика за возила, во Унгарија.
„Кинеските производители на автомобили нема да отидат во Германија или Франција или Италија, за таму да ги произведуваат своите автомобили, затоа што таму би имале повисоки трошоци, почнувајќи од трошоците за енергија,“ објаснува Тавареш.
Потпретседателката на БИД, Стела Ли, искажа критики за царините, но посочи дека планира речиси сите автомобили што ги продава во Европа, да ги произведува локално.
БИД планира во Европа да произведува компоненти и да монтира батериски модули, во своите европски фабрики во Унгарија и Турција. Од Кина ќе се увезуваат само батериските ќелии, кажа Ли на салонот во Париз.
БИД уште решава дали товарот од повисоките царини – коишто за БИД ќе изнесуваат 17 проценти, дополнително на досегашните 10 проценти – да го префрли на купувачите, за тие да ја платат повисоката цена. Ли не очекува БИД да продава автомобили во Европа по цена под 30.000 евра.
„Не се сложуваме со голем дел од пресметките… тоа не е чесна процена,“ кажа Ли. „Политичарите треба да ги остават царините настрана, коишто внесуваат дополнителни трошоци во производството на автомобили и ја збунуваат автомобилската индустрија.“
Во Париз дојде и Тианшу Шин, извршен директор на Липмотор, којашто е под контрола на Стелантис. Тој кажа дека царините на ЕУ ќе влијаат врз тоа, кои модели ќе ги произведува компанијата во фабриките на Стелантис во Европа, но уште било рано да се каже кои се тие модели.
На прашање дали компанијата ќе остави царините да бидат на грб на купувачите, Шин кажа дека уште не е решено конечно, но компанијата е во состојба да покрие дел од трошоците, затоа што 60 проценти од развојот на возилата се вршат во Кина.
Европските влади, вклучувајќи ја Италија, се обидуваат да ги привлечат азиските производители на автомобили, коишто го засилуваат своето комерцијално присуство во регионот. Произведувањето автомобили во Европа ќе им овозможи, под одреден услови, да ги избегнат царините за ЕВ што ги воведе Европската Унија.
Новите царини за електрични возила што се произведени во Кина, почнуваат од 7,8 проценти за Тесла, како најниска стапка поради тоа што компанијата ужива мала помош од кинеската влада, и досегаат до 35,3 проценти, за производители како МГ/САИЦ, коишто се казнети со тоа што не соработувале доволно со ЕУ во истрагата за субвенциите во Кина.
Кога на тоа ќе се додадат постоечките 10 проценти царина за увоз во ЕУ, вкупната царинска стапка досега до 45 проценти.















