Рено повторно се наврати на своето минато за да добие инспирација за уште еден нов електричен модел во својата понуда. Овојпат се работи за „ретрофутуристичкиот“ Рено 4, малечок СУВ, којшто може да мине до 400 километри со полна батерија и ќе биде достапен со две различни големини на батерија и два степени на моќност на електромоторот.
Оригиналниот Рено 4 беше лансиран во почетокот на 1960-те и се произведуваше до раните 1990-ти години, достигнувајќи вкупно 8 милиони продадени примероци. Тоа беше издржлива и практична комбилимузина, со големо растојание од подлогата, што им се допаѓаше и на возачите во градските средини, и на возачите во селските подрачја. Според Рено, новиот модел ќе нуди слична функционалност.
Дизајнерите на Рено, под раководство на Жил Видал, побараа инспирација од историскиот Рено 4. Автомобилот сепак не е замислен да ја враќа историјата на Рено во сегашната понуда, напоменува Видал. Преземени се одредени детали, како што се трапезовидните задни прозорци, задните светла со облик на пилула, маската што сега има заднинско осветлување и вертикалните линии во предниот браник.
Рено 4 е третиот модел што е конструиран врз платформата АмпР Смол на групацијата Рено, по штотуку лансираниот градски модел Рено 5, којшто ја следи формата на каросеријата на оригиналниот модел од 1970-те, и по спортската изведба Алпин А290.
Исто како Рено 5, четворката ќе се произведува во изведби со батерија од 40 или 52 киловатчасови. Електромоторот е со моќност од 90 или 110 киловати, погонот е напред. Со 4,1 метар, четворката е 12 сантиметри подолга од Рено 5, а има и осум сантиметри подолго растојание (2,62 метри).
Додека Рено 5 главно е наменет за користење во град, Рено 4 се обраќа на поширок круг купувачи, кажа оперативниот директор на марката Рено, Фабрис Камболив.
„Со електричниот Р4 Е-Тек, Рено продолжува со напорите за електричните возила да станат главна движечка струја во Европа,“ изјави тој во соопштението за медиуми, воочи отворањето на салонот за автомобили во Париз.

Електричните возила годинава стагнираа во Европа, но се очекува дека продажбата ќе се врати во 2025 година. ЕУ ќе воведе построги ограничувања за емисијата на карбон и во продажба ќе бидат пуштени неколку подостапни електрични автомобили од повеќе марки.
Рено 4 ќе се натпреварува во растечкиот сегмент од малечки СУВ со целосно електричен погон, каде што спаѓаат Ситроен е-Ц3 Еркрос, Џип Авенџер, Опел Фронтера-е, Опел Мока-е и Пежо е-2008.
За време на претставувањето пред медиумите, воочи утрешното отворање на салонот во Париз за публиката, Рено посочи дека очекува купувачите на Рено 4 да доаѓаат од Рено Каптур. Тоа е популарен малечок СУВ на Рено, со погон со мотор со внатрешно согорување. Секако дека се очекува да бидат привлечени и заинтересираните купувачи на слични модели од конкурентските марки.
Сегментот на малечките кросовери/СУВ е најголем пазарен сегмент во Европа, со продадени 1.537.135 возила до август, според податоците од Датафорс. Тоа е за 6,5 проценти повеќе од истиот период лани. Најпродаван модел е Фолксваген Т-Рок со 135.625 возила, пред Тојота Јарис Крос со 130.278 возила. Рено Каптур, којшто долго време беше лидер во сегментот, се наоѓа на 6-то место со продадени 96.995 возила.

Полнењето од 10 до сто проценти трае 4 и пол часови, на обичен јавен полнач од 11 кВ. Во случај на достапност на брз полнач, 4-та ќе полни со најмногу 100 кВ, и ќе постигне наполнетост од 80 проценти за 30 минути.
Батеријата од 52 кВч, со хемија никел-манган-кобалт (НМЦ), испорачува енергија до електромоторот од 110 кВ, со најмногу 400 километри досег. Изведбата со батерија од 40 кВч доаѓа со електромотор од 90 кВ и постигнува 300 километри досег.
Рено не ги соопшти цените. Од првите конкуренти, новиот Ситроен е-Ц3 Еркрос и Опел Фронтера-е почнуваат од околу 30.000 евра во основните изведби. Опел Мока-е и Пежо е-2008 се движат околу 35.000 евра. Французите ќе почнат со нарачки уште во првото тромесечје од 2025 година.

Електричната 4-ка ќе се произведува во фабриката на Рено во Мобеж, којашто е дел од производствената мрежа на групацијата што е посветена на електрични возила и делови за нив, и распоредена е во северниот дел на Франција. Електормоторите се изработуваат во Клеон, а батериите се составуаат во Дуе.
Од март, батериски ќелии ќе се изработуваат во гигафабриката во Дуе, во соработка со АЕСЦ.
Меѓу практичните својства спаѓа нискиот под на багажникот, којшто е на 61 сантиметри од подлогата и за 10 сантиметри е понизок од просекот на СУВ моделите во класата. Истото важи за електричното отворање на вратата на багажникот и за соборливите седишта што создаваат простор за товар долг 2,2 метри. Со доплата се добива сончев покрив којшто е изведен со платно и тоа е полесно решение од стаклен покрив. Својствено за електричниот погон е можноста да се вози без потреба од притискање врз сопирачките, шри што се избира еден од трите степени, за забавување на возилото при отпуштање на педалата за возење. Тоа секако ја дополнува енергијата во батеријата.
Исто како Рено 5, четворката има можност за двонасочно полнење. Со сопствениот полнач од 11 кВ, возилото може да напојува надворешни потрошувачи што работат на 220 волти. Вишокот енергија од батеријата може да се насочи кон дистрибутивната мрежа. Рено посочува дека корисниците ќе можат да си вратат половина од трошокот за струја, преку испорачување на енергијата назад во струјната мрежа ноќе.
Забрзувањето до темпо сто трае 8,5 секунди со посилниот мотор, крајната брзина е 150 км/ч.
Во арматурната табла се наоѓа исправен средишен дисплеј што користи автомобилски оперативен систем на Гугл и ги вклучува познатите апликации, од мапи до говорни команди. Може да се преземат и наменски апликации. Исто како во Рено 5, аватар со име Рено помага при ракувањето со менито.
















