
Европската Комисија го одби предлогот на кинеската влада, за увезените електрични автомобили од Кина да се продаваат по цена од најмалку 30.000 евра па нагоре. Ројтерс го дознава тоа од три извори. Пекинг се надеваше дека тоа ќе ја запре ЕУ во намерата да воведе казнени царини.
Комисијата ја одби понудата што беше дадена во минатиот месец, да се одреди најниска цена за електричните автомобили што се увезуваат од Кина. Пекинг ѝ го понуди предлогот на ЕУ, како одговор на истрагата за масивните субвенции што производителите на ЕВ во Кина ги добиваат од државата, што доведе до најголемиот трговски спор меѓу двете страни во изминатава деценија.
Досега не се објавени подробности од компромисите што биле понудени во преговорите меѓу Пекинг и Брисел.
Одбивајќи го предлогот за најниска цена, Брисел тогаш наведе дека новите царини не се однесуваат само на цените што кинеските производители на автомобили ги наплаќаат во Европа, туку биле насочени и против државните субвенции што компаниите ги добивале за да произведуваат електрични автомобили во Кина.
Со кинескиот предлог, производителите на електрични автомобили во Кина ќе се спогодеа да се придружуваат до одредена ценовна граница, што ќе спречеше европскиот пазар да се преплави со евтини возила, против коишто европските производители не можат да се изборат.
Кинеските производители, како МГ Мотор, дел од САИЦ, и БИД, во моментов ги продаваат своите електрични возила во Европа по цена што е малку над 30.000 евра. Наспроти тоа, цената на овие возила на кинескиот пазар е далеку пониска. Тоа од една страна сведочи дека тие се мошне флексибилни, а од друга страна говори и за привлечноста што кинеските ЕВ ја уживаат меѓу европските купувачи.
Во почетокот на следната година, БИД ќе започне со продажба на својот малечок електричен автомобил Сигал во Европа, по цена под 20.000 евра. Мала е извесноста дека тој ќе биде понуден на македонкоот пазар, но затоа е мошне сигурно дека уште годинава на нашиот пазар ќе биде понуден сличен модел од сосем друг производител што е добро одомаќен тука: Донгфенг ќе го вклучи својот Бокс во понудата за македонскиот пазар. Цените уште не се објавени.
Можно решение е да се постави минимална цена за секој производител одделно, а по можност и за секој вид на модел одделно, во зависност од класата на возилото и од досегот, кажуваат извори. Еден од изворите наведува дека најниска цена меѓу 35.000 и 40.000 евра би била многу подобра појдовна основа за преговорите.
Предлогот на комисијата да воведе повисоки царини за електричните возила од кинеско производство ја доби потребната поддршка од членките, на гласањето на 4-ти октомври.
По гласањето, комисијата соопшти дека има намера да продолжи со преговорите со Кина, со цел да се изнајде друго решение, место царини.
Повисоките царини ќе почнат да важат од 31-ви октомври, во следните пет години, освен доколку двете страни не се договорат за План Б.
Кина во вторникот воведе привремени анти-дампинг цени за увоз на жестоки пијалаци од ЕУ, што ги погодува франциските марки Хенеси и Реми Мартен. Тоа следи по само неколку денови откако ЕУ ги изгласа казнените царини за ЕВ од Кина.
Кинеското министерство за трговија претходно наведе дека сака да води преговори за да се најде друго решение, место царините, коешто ќе предвидува одреден вид на „обврска за флексибилно одредување на цените“. Не се соопштуваат подробности.
Европската Комисија соопшти дека е подготвена за повторно да разгледува други чекори поврзани со цените, вклучувајќи минимални цени и ограничени квоти за увоз, додека продолжуваат преговорите.
Новите царински стапки во ЕУ за електрични автомобили од кинеско производство, почнуваат од 7,8 проценти за Тесла, поради тоа што компанијата добила најмалку субвенции од Пекинг, и досегаат до 35,3 проценти, за производителите што не соработувале во истрагата на Брисел.
Кога ќе се вклучат и досегашните 10 проценти што важат за увоз во ЕУ, царинската стапка достигнува 45 проценти.















