Кина предупредува дека царините за електрични возила ќе ѝ наштетат на Германија

Кинескиот министер за трговија Ванг Вентао одржа средба со германскиот вицеканцелар и сојузен министер за економија Роберт Хабек во Берлин

Кинескиот министер за трговија кажа дека воведувањето царини за електрични возила од страна на Европската Унија „сериозно ќе ја попречи“ соработката во трговијата и вложувањата и ќе им нанесе штети и на Кина и на Германија.

Во преговорите на 17-ти септември со германскиот заменик канцелар и министер за економија Роберт Хабек, Ванг Вентао искажа надежи дека ќе се успее во најкусо можно време да се изнајде решение што ќе биде во согласност со правилата на Светската Трговска Организација и ќе се избегне заострување на нарушените економски и трговски односи меѓу Кина и ЕУ. Тоа е наведено во соопштението од кинеското министерство за трговија што беше објавено утрото на 18-ти септември.

Европската Комисија набрзо треба да гласа за предлогот да се воведат казнени царини за електричните возила што се произведени во Кина, во висина до 35,3 проценти. Тоа ќе биде дополнително оптоварување, покрај постоечката царина од 10 проценти за увозот на ЕВ од Кина во ЕУ.

Ванг е во посета на Европа за да разговара околу постапката во ЕУ против субвенциите за електрични возила што се произведени во Кина, пред да се гласа за новите царински тарифи.

Ванг кажа дека се надева оти Германија ќе застане во заштита на сопствените интереси и ќе изврши притисок, за соработката меѓу Европската Комисија и Кина да се одвива во заедничка насока.

Хабек посочи дека Германија подржува слободна трговија и им посакува добредојоде на кинеските компании за автомобили и делови што ќе инвестираат во Европа. Тој ќе бара Европската Комисија да најде соодветно решение со Кина и да ги вложи сите напори за да се избегнат трговски спорови, стои во објавата на министерството.

Во посебно соопштение што во средата го издаде кинеското министерство за трговија се наведува и дека Ванг одржал средба со Волфгант Шмит во седиштето на владата во Берлин, каде што на Шмит му било соопштено дека Кина инсистирала да се изнајде разумно решение за постапката против субвенциите на Кина, преку дијалог и консултација.

Кина била длабоко разочарана откако ЕУ ги игнорирала напорите на Кина, инсистирала да се задржат високите царински тарифи и грубо го одбила пакетот мерки што ги предложила кинеската индустрија, кажал Ванг во преговорите.

Ванг посочи дека Кина нема да се откаже од своите напори и ќе инсистира да се одржуваат консултации „до последниот момент“.

„Се надевам дека Германија, како една од највлијателните членки на ЕУ, ќе се заложи активно и ќе изврши притисок за Европската Комисија да покаже политичка волја и да соработува со Кина, за правилно да се разреши постапката,“ кажа Ванг, во второто соопштение за преговорите од министерството за трговија, што исто така беше објавено на 18-ти септември.

Претходна објаваРено ќе вложи 350 милиони долари за производство на нов пикап во Аргентина
Следна објаваШкода Суперб задржува најмногу од вредноста низ годините

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here