
Уделот на батериските електрични автомобили во вкупната продажба на возила во Европа во следната година би можело да достигне 24 проценти. Тоа го предвидува здружението Транспорт и Животна Средина, коешто ги обединува сите движења во Европа за заштита на животната средина од емисијата на сообраќајот. Предвидувањето се темели врз фактот што производителите во следната година ќе понудат во продажба подостапни модели, со коишто ќе се постигне пресвртница во продажбата на електрични возила, соопштуваат од Транспорт и Животна Средина.
Доаѓа „наплив од нови, подостапни модели“, вели Лусјен Матје, директор за автомобили во Здружението.
Лобито очекува „рапиден раст“ во продажбата на батериски електрични автомобили, повикувајќи се на сопственото истражување на продажбата во првото полугодие и на предвидувањата.
Пазарен удел од преку 20 проценти би претставувало огромен скок во споредба со годинава.
Од јануари до јули, целосно електричните возила сочинуваат 12,5 проценти од вкупната продажба на нови автомобили во ЕУ, според податоците од здружението на производители АЦЕА.
Европската автомобилска индустрија се соочува со предизвикот да го забави наглото опаѓање во побарувачката, откако некои влади ги укинаа субвенциите и во време кога кинеските производители почнуваат да го шират своето присуство во Европа.
Концернот Фолксваген за првпат во историјата е во ситуација кога треба да затвори фабрика во Германија. Францускиот производител Рено предупреди дека автомобилската индустрија ќе мора да плати казни во висина од милијарди евра, доколку не ги исполни строгите лимити за штетни материи на ЕУ.

Според Транспорт и Животна Средина, производителите на автомобили треба да ги забрзааат своите планови за електричните автомобили. Во тие планови се вклучени седум нови електрични модели со цена под 25.000 евра, што доаѓаат во оваа и во следната година.
Рено 5 и Ситроен е-Ц3 се меѓу тие што ќе помогнат да се премости големиот скок до построгите емисии на ЕУ за ЦО2 што стапуваат на сила в година, стои во извештајот.
Додека во Транспорт и Животна Средина вложуваат големи надежи во идниот раст кај електричните возила, данокот од забавената побарувачка го чувствуваат работниците во фабрики што се оптоварени под капацитетот. Илјадници работници во понеделникот предизвикаа нереди во Брисел, во демонстрациите за поддршка на работниците во фабриката на Ауди што се соочува со можност да биде затворена.

Во северна Италија, продукцијата во фабриката Мирафиори на Стелантис во првото полугодие опадна за 63 проценти, поради забавената побварувачка за електричниот Фиат 600.
Транспорт и Животна Средина ги повикуваат ЕУ и националните законодавци да дадат поголема поддршка за да се зголеми побарувачката за електрични возила. За тоа да се постигне, неопходно е да се постави ограничување на емисијата на штетни материи на возен парк на ниво на компанија, да се прошири мрежата од полначи и да се воведат програми за лизинг по достапни цени. Во меѓувреме, производителите на автомобили што нема да успеат в година да бидат под лимитите за ЦО2 на ЕУ, ќе можат да се здружат со производители што се под лимитот и продаваат повеќе електрични автомобили, за на тој начин да си го подобрат просекот.
Европските производители на автомобили засега се поделени околу строгите лимити за емисија на ЦО2. Лобито на производители АЦЕА уште нема искажано став во тој поглед.















