
Целосно електричниот СУВ од компакт класата Шкода Елрок е прв модел на чешката марка што го прикажува новиот дизајнерски јазик Модерно Солидно, најави производителот од Млада Болеслав.
Шкода создава љубопитност околу изгледот на новиот автомобил, преку објавените цртежи на коишто се прикажува новиот изглед со смалена предна маска Тек Дек, со тенки дигитални светла и со името Шкода што е испишано покрај предниот раб на хаубата, на местото каде што инаку е „Индијанецот“.
Во задниот дел се забележуваат впечатлив кровен спојлер и тенки диодни светла.
Елрок ќе ја доживее својата светска премиера на 1-ви октомври. Шкода соопшти и дека испораките ќе почнат доцна напролет во 2025 година.
Елрок е долг 4,5 метри, што го поставува под СУВ-моделот од средна класа Ениак. Тој е замислен како електрична алтернатива за компактниот СУВ-модел Карок.
Изведбата на Елрок со најдолг досег ќе располага со батерија од 82 киловатчасови, што верува „повеќе од“ 560 километри возење до следното полнење, соопшти Шкода.
Подостапните изведби на Елрок ќе поседуваат батерија од 55, односно од 63 кВч.
Конкуренција на Шкода Елрок се модели од ковот на Рено Сеник Е-Тек, Пежо е-3008 и Форд Експлорер.

Како основа за Елрок ќе служи платформата МЕБ на концернот Фолксваген, којашто се користи за сите електрични модели од големоволуменските марки на производителот, како и за премиум моделот Ауди Ку-4. Истата техника ја користи и Форд за својот Експлорер, во рамките на соработката со ФВ.
Во внатрешноста владее средишен дисплеј од 13 инчи, додека пред возачот е вграден екран од 5,3 инчи.
Багажникот располага со зафатнина од 470 литри, односно до 1.580 литри со соборена клупа, потврдува Шкода. Сите прегради во внатрешноста заедно нудат уште 48 литри простор за одлагање.
Меѓу опциите за Елрок спаѓа своевиден џеб за чување на кабелот за полнење и приспособлива полица во багажникот.
Елрок е прв од 4-те нови електрични модели што Шкода има намера да ги пушти во продажба во следните неколку години.
По компактниот СУВ ќе следи Епик, малечок СУВ со каросерија од 4,1 метри, што е најавен за 2025 година, и за него се очекува ценовникот да почнува од 25.000 евра.
Третиот модел е електрично комби што треба да се појави во 2026 година и ќе биде електро-пандан на Октавиа, најпродаваното комби во Европа, како и на големиот Суперб.
Четвртиот модел што се очекува е сериски модел врз основа на Вижн 7С, којшто е СУВ долг 4,9 метри со опција да се нарача со седум седишта. Со овој концептен автомобил беше првпат прикажан дизајнот Модерно Солиден при неговото деби во 2022 година.















