Фабрика на Ланд Ровер има роботски пес чувар

Во одделот во фабриката на Јагуар Ланд Ровер во Ковентри, во којшто се произведуваат и се тестираат електрични автомобили, пристигна еден несекојдневен колега. Тоа е роботскиот пес Ровер.

Задача на Ровер во фабриката на Јагуар Ланд Ровер е самостојно да врши надзор на сложените постројки, но и навреме да открива можни пречки во работата и да утврди кога работните алати се истрошени.

Роботот е производ на Бостон Дајнемикс и целосно автоматизирано врши цела низа претходно зададени рути. Ровер патролира 24 часа на ден, дење и ноќе, седум дена во неделата, без нешто да му го одвлекува вниманието. Песот користи вештачка интелигенција за да отвори врата, да се искачи по скали или да се движи во прометен простор без да им пречи на другите.

Како секој верен пес, секако дека и Ровер поседува своја куќарка во кругот на фабриката, каде што меѓу работните смени ја полни 50-волтната батерија.

Благодарејќи на подвижноста на неговите четири нозе и на роботската рака, Ровер може со леснотија да ги врши своите задачи. Од клучна помош се најнапредните сензори. Со нив, Ровер може да открие протекување гас што човечкото уво не може да го слушне. Со термосензорите се надгледува температурата на батериите. Преку постојаното вршење мерења и проверка на вентилите и машините, роботот ја сведува опасноста од човечка грешка на нула.

Доколку роботскиот пес се докаже во Ковентри, намерата на ЈЛР е во иднина да користи цел чопор од Ровери во своите производствени фабрики ширум светот.

Цената како за роботски пес е мошне привлечна, околу 75.000 долари.

 

Претходна објаваЏили ќе произведува во фабриките на Волво и Рено во Европа
Следна објаваШкода создава љубопитност околу изгледот на електричниот Елрок, премиера во октомври

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here