ЕУ ќе ги смали царините за Тесла и Џили што се увезуваат од Кина

Електрични автомобили од Зикр, марка на Џили, пред да бидат натоварени на брод за Европа.

Европска Унија ќе ги намали дополнителните царински стапки што беа предложени за батериските електрични автомобили, што Тесла и останатите производители ги увезуваат од Кина.

Предложената царинска стапка за Тесла ќе се смали од сегашните девет на 7,8 проценти. За БИД, нема промени и стапката останува на 17 проценти. Кај Џили, новата тарифа ќе изнесува 18,8 проценти, место 19,3 проценти.

Највисока дополнителна царина од 35,3 проценти ќе важи за САИЦ (МГ, Максус и др.) и за останатите компании што не соработувале со ЕУ во истрагата за прекумерните субвенции што Пекинг им ги овозможувал на домашните производители.

Дополнителната царина се додава на постоечката царинска тарифа во висина од 10 проценти, што извозниците од Кина веќе ја плаќаат.

ЕУ ја врши ревизијата врз основа на новите информации што ги доставиле производителите, јавуваат Блумберг и Ројтерс.

На Кина и на погодените компании им се дадени 10 денови да излезат со коментари за новите стапки и за Европската Комисија да ги земе истите во предвид при одредувањето на сменетите тарифи.

Комисијата во август ги смали царините за Тесла Модел 3 што се увезуваат во Европа од фабриката во Шангај. Од 20,8 проценти, царинската стапка беше смалена на 9 проценти. Тесла побара одново да се пресмета стапката, затоа што добивала помалку субвенции од кинеската влада, во споредба со домашните производители на електрични автомобили.

Можно е царините да продолжат да се менуваат, додека напредуваат преговорите меѓу ЕУ и релевантните страни, и доспеваат нови информации, кажуваат извори што се запознаени со случувањата.

За предложените конечни царини потоа ќе гласаат 27-те членки на ЕУ.

Конечните царински стапки треба да стапат на важност по 30-ти октомври и ќе бидат на важност пет години. Тоа може да се спречи доколку 15 членки на ЕУ што претставуваат 65 проценти од жителите на ЕУ гласаат против. Тоа е висок праг што ретко се достигнува, иако станува збор за предмет со политичка тежина.

Неколку држави, меѓу нив Германија и Унгарија, најавија дека ќе гласаат против усвојувањето на новите царини.

Претходна објаваБМВ ги смали очекувањата за годинава по големиот сервисен повик за сопирачките
Следна објаваКинески Џили бара локација за да изгради фабрика во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here