Бројот на вкупно продадени автомобили во Европа во јули покажува стагнација и покрај тоа што неколку важни пазари постигнаа голем раст. Проблем е Германија и огромниот пад во продажбата на електрични автомобили во земјата.
Продажбата на автомобили во Европа во јули остана на речиси исто рамниште со продажбата лани, поради тоа што продолжи да слабее побарувачката за електрични возила во Германија, најголем пазар за ЕВ на континентот.
Бројот на новорегистрирани автомобили во ЕУ, ЕФТА и ОК во јули се зголеми за само 0,4 проценти, со вкупно 1,03 милион продадени возила, соопшти здружението на европски производители АЦЕА.
Додека продажбата на батериски електрични автомобили се зголеми во некои земји, како Франција и Обединетото Кралство, тој раст беше недоволен да го надомести падот од 37 проценти во продажбата на ЕВ во Германија.
Динамиката на продажба на нови автомобили во Европа од јануари ’23 наваму

Продажбата на ЕВ во Европа е забавена веќе со месеци наназад, што во одреден дел се должи на повлекувањето на владините субвенции за купување батериски електрични автомобили.
Германија ненадејно ги укина субвенциите за ЕВ во средината на декември, а за намалената потрошувачка на Германците дополнително влијаеше и постојаното слабеење на економијата во земјата.
Забавената продажба ги доведе производителите во ситуација да ја смалат продукцијата и да ги забават плановите за укинување на моторите со внатрешно согорување.
Групацијата Фолксваген бара начини да направи уште подлабоки скусувања на трошоците, вклучувајќи дури и затворање на фабриката за ЕВ на Ауди во Брисел.
Карлос Тавереш, извршен директор на Стеантис, втор најголем производител во Европа, ги опомена марките чијшто резултати беа под плановите, откако концернот го заврши првото полугодие со речиси преполовена добивка.
Мерцедес-Бенц исто така ги смали предвидувањата за маржата за годинава и се откажа од плановите за продажба на ЕВ во среден рок, наведувајќи дека преоѓањето од мотори со внатрешно согорување на елеткричен погон ќе трае подолго од очекуваното.
„Можно е бројот на новорегистгрирани БЕВ да продолжи да се смалува, имајќи предвид дека отсуствуваат субвенции и интерес меѓу купувачите што не се трендсетери,“ изјавија Џилијан Дејвис и Мајк Дин, аналитиачри на Блумберг.

Предвидувањата за европскиот пазар на ЕВ се комлицираат дополнително со трговските тензии со Кина. Европската Унија го обвини Пекинг дека нечесно ги субвенционирал производителите на ЕВ во земјата и најави дополнителни царини за увозот на ЕВ од Кина. Во ноември ќе се решава дали казнените царини ќе бидат трајни.
ЕВ во минатиот месец учествуваа со 13,6 проценти во вкупната продажба на возила во Европа, наспроти 14,5 проценти во истиот месец лани. Продажбата на бензински модели падна за 8,4 проценти, додека дизелите имаа намалување за 11 проценти.
Хибридите се големи добитници во месецот, со раст од 24 проценти.
Тесла продолжува по надолна линија, со пад од 15 проценти во јулската продажба. Вкупно во првите седум месеци, продажбата на марката од САД е 12 проценти во минус.
















