Пекинг ги собра производителите на состанок, пред ЕУ да гласа за казнените царини за електрични автомобили

Германија ќе претрпи најголема штета од царините за автомобили со големи бензински мотори. На сликата е производството на С-Класа во Зинделфинген.

Кинеското министерство за трговија одржа состанок со производителите на автомобили и со претставници од браншата, на којшто се разговарало околу зголемување на увозните царини за автомобили со големи бензински мотори. Тоа претставува предупредување упатено кон Европската Унија, којашто е пред гласање да се воведат повисоки царини за кинеските електрични автомобили.

Унијата со своите 27 држави ќе гласа во октомври, дали да се воведат дополнителни царини за електричните автомобили што се увезуваат од Кина и што можат да достигнат до 36,3 проценти, дополнително на сегашните 10 проценти царина.

ЕУ на 20-ти август изврши ревизија на предложените царински стапки и незначително ги смали од претходно одредениот максумум од 37,6 проценти. Брисел сепак не се откажа од намерата и со тоа предизвика гнев во Пекинг.

На 21-ви август, Кина возврати и објави дека ја проширила истрагата за увозот на производи од ЕУ, како што се кашкавал, млеко и млечни производи, за коишто смета дека Брисел ги субвенционира прекумерно и со тоа постигнува нефер цена. Истрага веќе се води околу производи од свинско месо и алкохолни производи.

Во соопштението од 23-ти август, Министерството за трговија наведува дека негови претставници „ги слушнале мислењата и предлозите од индустријата, од експертите и научниците, околу зголемувањето на увозните царини за автомобили со погон на бензин со мотори со голема работна зафатнина.“

На средбата се придружиле и претставници на надлежните здруженија на индустријата, агенции за истражување и производители на автомобили, се наведува во соопштението.

Државниот таблоид Глобал Тајмс, којшто прв јави за истрагата околу европското свинско месо и млечни преработки, во јуни исто така најави дека постои можност Кина да ги зголеми увозните царини за европските автомобили со бензински мотори.

Во тој случај, Германија ќе претрпи најголема штета. Нејзиниот извоз на возила со мотори од 2,5 литри и повеќе во Кина, лани достигна вредност од 1,2 милијарди долари, покажуваат податоците од кинеската царина. Кина е најголем пазар за германските марки, како Мерцедес-Бенц, БМВ, Ауди и Порше.

Кина лобираше за поддршка меѓу државите членки на Унијата и бараше тие да се спротивстават на намерата за воведување царини за електричните возила. Европската Комисија, којашто е надлежна за трговската политика во Унијата, не може да ги примени царините, доколку квалификувано мнозинство од 15 членки на ЕУ што претставуваат 65 проценти од населението во Унијата гласа против.

Германија, заедно со Финска и Шведска, гласаше воздржано на консултативното гласање во јули, околу тоа дали трајно да се воведе дополнителната царина.

Франција, Италија и Шпанија го подржаа предлогот и воедно се меѓу државите што ќе бидат погодени најсилно доколку Кина воведе казнени царини по истрагата којашто се шири на сé повеќе подрачја.

Претходна објаваКина има 169 фабрики за автомобили, можат да произведуваат по 30 милиони возила годишно
Следна објаваИзуми на Киа за ладење и греење: Радијатори во подот, 48-волтни грејачи во стакла, фолии што ладат

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here