Македонскиот пазар ги помни големите лимузини за народот. Големи во смисла на успехот што го постигнале тука, не само во поглед на каросеријата. Корола и Октавиа, тоа се живи легенди, а сцената уште се сеќава на Фиат Темпра, Фолксваген Џета, Рено 19, Пежо 306, Хонда Сивик и Нисан Сани, Опел Кадет и Форд Ескорт. Потоа доаѓа низата од корејските големци, Киа Капитал и Сефиа, Деју Нексиа и Есперо.
Тоа е долг список и веројатно спомнува само половина од моделите. Но, пак недостигаат две легенди коишто се погодија во вистинското време и на вистинското место, за да ги напишат своите историски поглавја. Тоа се Шевролет Круз и Мицубиши Лансер, последните хит лимузини од златните времиња на македонскиот автомобилски пазар, пред отворањето на границите за увоз на луксузен крш во 2010 година.
Времето и местото сепак немаше да им бидат погодени, доколку прво не беше погодено основното мерило за народски голем автомобил да успее. А, тоа е противвредноста. Круз и Лансер нудеа многу, повеќе отколку само сантиметри.
Недостигаше уште нешто. Лимузина од кинески производител. Летово на македонскиот пазар се појавува Еолус, уште една марка на кинескиот производител Донгфенг, со својот прв модел Шајн, што упатува токму на таа прочуена двојка со корејски-германски-јапонски гени. Еолус Шајн ги има сите предуслови за неочекувано да се отвори уште едно големо лимузинско поглавје на македонскиот пазар. Шајн нуди големина, нуди цена, нуди солиден мотор, пристојна опременост, добар изглед.
Производителите од Кина досега го услужуваа пазарот со СУВ модели. Сега е ред за лимузина: Еолус Шајн
Единствено е непозната марката, но за тоа треба да се има доверба во увозникот АБЦ Брадер, којшто од истиот концерн Донгфенг претходно ги донесе ДФСК Глори 580 и Глори 500, Ф5, Фортинг Т5 Ево, Серес 3. Главното прашање на луѓето што го видоа Еолус Шајн за време на тестот и по неколкуте објави на друштвените мрежи: Како е со издржливоста, добар ли е автомобилот… Вистинскиот одговор за сите прашања: Погледнете во огласите за автомобили, колку во нив ќе ги најдете овие автомобили, покрај сознанието дека за сиве години се продадени повеќе стотини примероци од нив. Сопствениците се задоволни, не ги продаваат своите автомобили.
Бројките секогаш кажуваат најверно. Следи споредба на главните технички податоци за Еолус Шајн, со „историските“ Шевролет Круз и Мицубиши Лансер, во основните моделски изведби:
Еолус Шајн 1.5 |
Шевролет Круз 1.6 |
Мицубиши Лансер 1.5 |
|
|
Моќност |
117 КС/6000 мин-1 |
113 КС/6400 мин-1 |
109 КС/6000 мин-1 |
|
Вртежен момент |
158 Нм/4500 мин-1 |
153 Нм/4200 мин-1 |
143 Нм/4000 мин-1 |
|
Издувна норма |
Еуро 6 |
Еуро 5 |
Еуро 4 |
|
Цилиндри |
4 |
4 |
4 |
|
Вентили |
16 |
16 |
16 |
|
Менувач, степени |
Мануелен, 5 |
Мануелен, 5 |
Мануелен, 5 |
ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНИ |
|||
|
Должина |
4670 мм |
4603 мм |
4570 мм |
|
Ширина |
1812 мм |
1797 мм |
1760 мм |
|
Висина |
1490 мм |
1477 мм |
1490 мм |
|
Меѓуоскино растојание |
2680 мм |
2685 мм |
2635 мм |
|
Багажник |
454 литри |
450 литри |
400 литри |
|
Празно возило |
1278 кг |
1375 кг |
1305 кг |
|
Носивост |
– |
459 кг |
445 кг |
|
Тркала |
205/55 Р16 |
205/60 Р16 |
205/60 Р16 |
ПЕРФОРМАНСИ |
|||
|
0-100 км/ч |
11,5 |
12,5 с. |
11,6 с. |
|
Највисока брзина |
175 км/ч |
185 км/ч |
189 км/ч |
ПОТРОШУВАЧКА |
|||
|
Град (НЕДЦ) |
– |
9,0 л/100 км |
7,7 л/100 км |
|
Пат (НЕДЦ) |
– |
5,5 л/100 км |
5,2 л/100 км |
|
Просек (НЕДЦ) |
6,0 л/100 км |
6,8 л/100 км |
6,1 л/100 км |
|
Резервоар |
51 литри |
60 литри |
59 литри |
ГАРАНЦИИ |
|||
|
Возило |
3 год/100.000 км |
3 год/100.000 км |
3 год/100.000 км |
|
Лак |
3 год |
3 год/100.000 км |
|
|
Корозија |
6 год |
12 год |
|
ЦЕНА |
|||
|
Каталог на Шваке |
15.990 евра |
14990 евра |
14990 евра |
Не постои нешто да е поискрено и поточно од бројките. А, тие потврдуваат дека Еолус Шајн, и во поглед на каросеријата и во поглед на моќноста, се мести точно на стартната линија, што Круз и Лансер ја исцртаа за наследниците на нивното место на пазарот.
Секако дека Донгфенг за нам новата марка го испочитува напредокот на техниката што се случуваше во меѓувреме, па Шајн троши помалку и постигнува за најмалку уште една класа почист издув од „историските“ лимузини.
За среќа, бројките одамна не кажуваат сé околу автомобилите, па останува стариот добар тест. Како тогаш се однесува Еолус Шајн во возењето?
Како главно одредиште на тест-возењето беше поставено Мариово, во смисла на вредностите. Тоа е еден крај на којшто државата одамна престанала да му ја препознава и признава вистинската вредност. Секако, почетниот дел во видеото е посветен на таа тема, на разликата околу вредноста и цената, пренесено преку мариовскиот крај, од неговата прилепска страна.
Моторот е 1,5-литарски бензинец, атмосферски, за којшто Донгфенг нагласува дека е од сопствен развој. Три моделски изведби стојат на располагање на македонскиот пазар. Едната е иста како на тестот, со мотор со 117 КС и ниво на опременост Комфор, во комбинација со 5-степен мануелен менувач. По неа следи изведба со 6-степен автоматски менувач со двојна спојка, каде што кинескиот производител дополнително вградува сончев покрив, сензори назад и приказ од камери во 360 степени, плус грејачи на ретровизори и диодни предни светла. Сето тоа е содржано во двете илјади евра колку што изведбата со автоматски менувач чини повеќе од најосновниот модел.
Врвот му припаѓа на моделот со 1,5-литарец со турбонатполнење со близу 200 КС и менувач со двојна спојка, што за 20.890 евра додава уште предупредување за возило во мртов агол, странични воздушни перници напред, безжично полнење телефон, избор на спортски режим на возење, собирање на ретровизори, електрика за предните седишта и спортски двоен издув.
Во почетокот се забележува прво колку правилно работи амортизацијата. За модел од компакт класата, тоа е сосем пристојно потиснување на звуците од работата на подвозјето, но и мошне хармонична работа на амортизерите и пружините. Во управувањето се чувствува намера да им се удоволи и на возачите што сакаат да возат подинамично. Ништо не се издвојува посебно во подвозјето, сé е по правило на служба.
Техничките податоци за Еолус Шајн Комфор, главните ставки од опремата и цената може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Дури подоцна почнува да се чувствува тоа што го има главниот збор во овој автомобил, а тоа е моторот. Без преголеми очекувања, возењето до превојот Слива, до влезот во Мариово, мина релаксирано, со доволна резерва од моќност угоре кон Плетвар, со пристојна динамика во свијоците. Моторот вистински го привлече вниманието кога на оваа рута се покажа вредност на просечната потрошувачка од околу 5,5 литри. Вистина, човек ќе се посомнева дека податокот е неточен и вистинската вредност е далеку повисока. Но, не е така. Шајн извозе близу 700 километри со резервоарот од 51 литри, со останато гориво за уште стотина километри, што даве просек од околу шест литри, пресметано грубо, сметајќи ги и првите неколку стотини километри, кога секој нов мотор троши повеќе.
Тоа го префрлува вниманието на моторот. И навистина, тоа на што во претходните километри не му беше придадено значење, почнува да се потврдува на секој следен километар, како што возењето напредува во Мариово. Моторот работи меко и со мошне пријатен звук, простува кога менувачот ќе се заборави во степен подолу и наоѓа сила да повлече и од 2.000 вртежи. При посилно забрзување се слуша и резок звук од издувот. Не се сведува само на звук, моторов се покажува како доволно силен.
Околу петстепениот менувач се јавува резервираност – сé додека не се добие спомнатата вредност за потрошувачката со петка пред запирката. При темпо на автопат, моторот работи со близу 3.000 вртежи, меѓутоа звукот останува пријатен и кога подолго ќе се патува по автопат со таа брзина. Постојат примери кога некој мотор ќе одушеви со звукот, но тој звук на подолги тури станува заморен. Тоа не е случај кај Шајн. Добрата вест е тоа што степените на пренос се пресметани правилно и се надоврзуваат на темпераментот на моторот. Постојат бројни примери кога моторите функционираат одлично со 5 степени – ете го за пример Голф 7 со 1,6-литарски ТДИ, како една од најхармоничните погонски единици. Затоа, отсуството на 6-ти степен на пренос тука не е мана.
View this post on Instagram
За ниската потрошувачка придонесува и аеродинамичноста на каросеријата. Станува збор за фантастично низок коефициент 0,25 и нема причина за човек да се посомнева во точноста на тој податок. Мал данок на аеродинамичноста е тоа што покривот порано се спушта наназад и во таванот е изведено вдлабнување за да се добие повеќе простор за глава. Во основа, исто е како да се седи во купе-лимузина, со таа разлика што во должината на просторот за нозе и во правилното седење нема што да се забележи. Назад се седи правилно и комотно, тоа секако е меѓу главните одлики на Еолус.
Багажникот задоволува во поглед на зафатнината, покрај своите 450 литри. Функционалноста не може да биде како кај класична комбилимзина или СУВ, затоа што отворот е понизок и човек мора добро да се наведне за да посегне до дното на багажникот. Исто и завршната обработка можело да биде повнимателна. Меѓутоа, главното, а тоа е зафатината, е сосем фер.
На повеќе места се штедело. Вратата на багажникот, на пример, не поседува надворешна брава и мора да се отвори или со копчето на клучот, или од кокпитот. Во вратите не се поставени класични прекинувачи што се поврзани со плафониерата и мора да се посегне рачно за да се осветли кабината. Задната клупа се соборува, но само во еден дел. Воланот не се мести по длабочина. Копчињата на воланот не се испишани, но затоа се обрабени со осветлен прстен и нивната функција се прикажува во дигиталните инстурменти. Тоа се зафатите што се направени за да се постигне цената.
Тоа што овој „кинески автомобил“ делува мошне европски, има објаснување. Платформата ЦМП е развиена во времето пред Стелантис, кога тогашниот ПСА Пежо Ситроен бараше партнер со којшто ќе ги сподели трошоците за развој на нова платформа – и го најде во Донгфенг, којшто гарантираше дека ќе произведе голема серија модели, за трошоците за развој да се скусат. Така бидна. ЦМП е истата платформа што ја користат Пежо 208 и 2008, Ситроен Ц4 и Ц4 Икс, Опел Корса и Мока, Алфа Ромео Јуниор, Фиат 600, Џип Авенџер. Моторите и менувачите во Еолус сепак се различни од европските. Нештата веќе стануваат многу појасни кога ќе се има на ум која е платформата. Уште една заедничка особина. Еолус Шајн се произведува и во целосно електрична изведба, впрочем исто како Пежо, Опел, Ситроен, Фиат и сите модели врз платформата ЦМП.
Еолус Шајн, именуван по грчкиот бог на ветриштата, Еол, и Шајн, практично интернационализам. Добро звучи и македонското име: Ветерко Светкавиот
Еолус Шајн, Ветерко Светкавиот, не е автомобил што ја постигнува цената преку рециклирање стара и надмината техника, туку преку пониските производствени трошоци и преку претходно спомнатите зафати. Дали е подобар избор тој автомобил што по цена од 16.000 евра, ќе биде само голем и со многу опрема, и ќе троши премногу и ќе работи грубо, или автомобил што користи современа платформа, развиена заедно со концернот Стелантис, што е штедлив, култивиран, достоинствен – со неколку „трикови“ за штедење во производството? Тука е јасно.
Донгфенг со овој автомобил уште еднаш ја поучува сцената дека од Кина (повеќе) не треба да се очекуваат само поголеми автомобили, со многу опрема, туку треба да се смета и на класични автомобилски вредности, во поглед на софистицираноста на техниката, во пријатното возење. Затоа, нека ни е наздравје, го добивме новиот Круз, односно Лансер.
















