
Италија постави барање до Донгфенг Мотор, за кинескиот производител да ги прифати заштитните мерки во поглед на сајбер безбедноста и заштитата на податоци. Тоа е услов за Рим да одобри кинескиот автомобилски концерн да гради фабрика во земјата.
Додека напредуваат преговорите со Донгфенг, владата на италијанската премиерка Џорџа Мелони бара одредени компоненти, на пример, системите за инфо-забава, да бидат испорачувани од домашни производители. Тоа се прави наводно со цел да се постигне безбедност од сајбер напади и заштита на податоците, кажуваат лица што се упатени со случувањата.
Италијанските власти исто така бараат податоците од корисниците на возилата на Донгфенг да се собираат и со нив да се управува во Италија.
Владата на Мелони вложува напори да искористи дополнителни придобивки од инвестициите на кинеските производители во италијанската автомобилска индустрија, што ослабна во последните децении.
Премиерката во минатата седмица одржа средба со кинескиот претседател Кси Џинпинг во Пекинг, со намера да се обноват нарушените трговски односи со моќната азиска земја.
„Доаѓањето на кинескиот производител во Италија може да придонесе за внесување нов живот на пазарот што стагнира, доколку локалните добавувачи имаат клучна улога во снабдувањето со компоненти и гарантираат западни безбедносни стандарди – посебно за новите генерации автомобили,“ кажа Стефано Аверса, претседател на консултантската куќа Аликс Партнерс за Европа, Средниот Исток и Африка.
Ограничувањата се дел од точките во поширокиот договор, со кои што меѓу другото треба да се промовираат италијанските добавувачи.
Италија бара Донгфенг во секој автомобил што ќе го произведе во Италија, најмалку 45 проценти од деловите да потекнуваат од локално производство. Со тоа, кинеската компанија ќе се квалификува за неколку стотини милиони евра пари од државата.
Италија има поставено цел продукцијата на автомобили во земјата да ја зголеми на 1 милион возила до 2030 година. Во минатата година беа произведени 880.000 возила во земјата.
Продукцијата последен пат надмина 1 милион возила во 2017 година, кога беа произведени 1,14 милион. За споредба, италијанските фабрики во 2000 година произведоа 1,74 милион возила.
Мелони и министерот за индустрија Адолфо Урсо имаат намера да привлечат уште еден голем производител на автомобили во Италија, откако Стелантис, којшто доминира во земјата, најави можност некои од моделите што се произведуваат во Италија да се преселат во други земји во коишто се пониски трошоците.
Стелантис има соработка со Донгфенг во Кина и во минатата година се сложи на кинеската компанија да ѝ продаде дел од своите капацитети во земјата.
Италија преговара и со други производители од Кина, коишто најавија изградба на фабрики во Европа, со цел да ги избегнат високите царини за увоз на ЕВ од кинеските фабрики.
Со привлекувањето на Донгфенг, Италија ќе добие важна улога во напорите на Европа да го засили производството на електрични автомобили, додека во исто време земјата ќе може да ја обнови својата соработка со Кина, откако Кси ја напушти Иницијативата Појас и Пат, односно „новиот пат на свилата“.















