Тест · Шкода Октавиа 2.0 ТДИ · Џетата што на Фолксваген никогаш не му успеа

Во знак на добредојде на обновените генерации на знаменосците во понудата, лимузината Суперб и нејзината СУВ-придружничка Кодиак, бестселерот на марката Шкода презеде неколку измени во изгледот, за повеќе да личи со нив во новото моделско годиште. Уште многу нешта се сменети. Тест.

По близу триесет години откако првата (нова) генерација на Шкода Октавиа се појави на сцената, сега е појасно од кога било досега. Бестселерот на Шкода е Џетата што на Фолксваген никогаш не му успеа да ја има. Волфсбург се обидуваше четирипати да изведе лимузина од Голф, и кога тоа последен не му успеа, се појави Шкода Октавиа – и таа остана.

Откако концернот Фолксваген ја има Октавиа, наследник на Џета немало. Последна беше Бора, лимузина од Голф од 4-та генерација, кога и Октавиа ја почна својата кариера. По Бора повторно имаше Џета, но таа продолжи да се продава главно во САД, без престижниот имиџ на европски модел. Големата чешка лимузина што сите ја мислат дека е автомобил од средна класа, а таа всушност е голем компакт, влијаеше своевремено и Сеат да се повлече од тој пазарен сегмент и да се збогува со името Толедо.

Во видеото од тестот, што е веќе редовен дел од секој тест на автомобил во Аутомедиа и прерасна во самостојна содржина на јутјуб, првите дваесет минути се посветени подробно на целиот период што претходеше на Шкода Октавиа.

Зошто Октавиа е толку успешна? Затоа што е големо парче автомобил по цена на Голф, затоа што имиџот го градеше во времето кога ТДИ жареше и палеше на сцената, и затоа што излгеда како лимузина, а практична е како комби. Со незамисливо голем багажник.

Настрана од супер-моделските изведби на Шкода Октавиа што доаѓаат на тест и служат како демо возила, обично во најсилната погонска варијанта и редовно со дузина ставки од дополнителната опрема што чинат колку половина Фабиа, Октавиа е сосем нормален автомобил. Ценовникот на новото моделско годиште почнува од 26.940 евра за изведбата 2.0 ТДИ со 115 КС и 6-степен мануелен менувач. Тоа е дури и цена на попремената изведба. Полињата за основното ниво Есенс се празни во ценовникот, комби-лимузината на македонскиот пазар во моментов се нуди само во нивото Селекшн.

На тестот е изведбата со 150 КС, стандардно со 7-степен менувач со двојна спојка, со ниво Селекшн и со изобилство ставки од дополнителната опрема

По цена на Шкода Октавиа дизел, во Форд, на пример, не може да се добие ниту Фокус со еднолитарски бензинец. За лимузината на Форд, треба да се доплати 6.000 евра. Единствено уште Тојота си ја почитува логиката на купувачите и ја нуди Корола, нормално во лимузинска изведба, по цена од 26.690 евра – и тоа е логично, како хибрид. Бензинец таму почнува од 21.990 евра.

Сите се префрлија на новите каросерски концепти на кросовер, фастбек и слично, Октавиа продолжи по свое

Малку останаа модели како Октавиа. Сите се префрлуваат на кросовер, од Ситроен Ц4 Икс и Рено Конквест, до Пежо 408 и Киа Ексид. Шкода Октавиа сепак се оттргнува од имиџот на „изведена“, таа е наполно самостоен модел, што дури прави да е неважно, дали е модел од компакт, или е сепак од средната класа. Така се гради имиџот уште од почетокот. Вешто. Шкода никогаш не понуди модел помал од Октавиа, што сцената ќе до доживееше како верзија на Октавиа. Скала беше ставена во гамата со толкава резерва, што пазарот дури сега ѝ го сфаќа местото.

Има многу сменето во новото моделско годиште. Светлата се најочигледната промена, поради светлосниот потпис, но и поради тоа што како опција се нудат матрични диодни светла од новата генерација. Смената е во тоа што патот се осветлува подобро, сообраќајот отспротива се заслепува помалку, а нема ниту класично копче да се пуштат магленките, туку има копче на коешто стои дека служи за услови на слаба видливост, и Шкода Октавиа тогаш сама решава како да го осветли патот.

Маската исто така е поширока, со поостри контури и поотмена, на што следи и целосно нов дизајн на долната половина од браникот. Назад исто така е нов браникот, но и светлата имаат сменета графика. Динамични трепкачи, задолжително.

Ако некој уште се двоуми дали Октавиа е компакт или средна класа, во тест-примероков пропаѓа секаков обид за двоумење. Главната ставка од дополнителната опрема што ја има Шкода Октавиа на тест е т.н. Суит Коњак, односно салон со седишта и облоги наоколу во боја на коњак. Тоа е цел пакет од ставки што се водат околу отмениот материјал, што уште вклучува електрика, греење и масажа во седиштата, господско осветлување на кабината, дигитални инструменти со унапредена функционалност. Шкода ги води како дизајнерски пакети, односно комбинации од бои и материјали. Може да се избира меѓу четири такви пакети, коњак е најскапиот и чини 3.736 евра. Тоа е фер.

Сите технички податоци, главните ставки од опременоста и цената може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог Аутомедиа.мк

https://avtosalon.mk/listings/skoda-octavia-2-0-tdi-evo-150-selection/

Голема новина, буквално голема, е средишниот дисплеј од 13 инчи. Тој е достапен само како пакет, во три варијанти, почнувајќи од 1.683 евра, заедно со навигација, гласовни команди, виртуелен кокпит и паркинг сензори напред и назад. Дисплејот менува многу, во основа е исто како Порше со новиот автомобил да Ви испорачал и нов паметен телефон. Поточно, таблет.

Главното е во чувството во возење. Тоа јасно укажува дека автомобилов е со потекло од концернот Фолксваген, а тоа значи дека во поглед на вештото дотерување на подвозјето и погонската спрега, со Октавиа може да се излезе и на тркачка патека, чисто заради задоволство и уживање, секако не за уривање рекорди. Во секојдневието, Шкода Октавиа ќе биде комфорна, просторна, безбедна, примерна.

Дизелот е несфатливо штедлив и тоа само уверува дека „Ево“, што техничарите го додаваат за овој во основа многу долго познат мотор, има основа. Со многу поголема маса, со 150 КС и менувач со двојна спојка, новата генерација на Шкода Октавиа, сега во освежено издание, пак троши помалку во споредба со претходничките. Генерално, помалку од шест литри. По желба и далеку помалку.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Ништо не се сменило во Шкода Октавиа и тоа е добро

Моделското освежување на Октавиа ѝ се случи за изгледот да се донесе поблиску до новите генерации на знаменосците Суперб и Кодиак. Чешката лимузина, поточно комби-лимузина, далеку е од тоа дека изгубила привлечност во време на нови каросериски концепти од типот на фастбек, купе-СУВ или слично, во време кога производителите се обидуваат да привлечат внимание со вештачка интелигенција во кокпит, којашто веројатно никој нема да ја бара.

Шкода Октавиа е класична вредност, сигурна инвестиција, долгорочен семеен транспортер и сериозна бизнис лимузина во исто време, скромна и домаќинска, или отмена и престижна, во еден ист автомобил. Дизелот е успокојувачки избор, иако и бензинецот што е изведен како благ хибрид е добро решение, што не повлекува значително зголемени трошоци за гориво, а сепак ја нуди предноста на уживање во бензински мотор, точно лимузински.

Опремувањето е освежено, но пак се препознава политиката на достапни цени на ставките и можност за одделно нарачување опции, по желба. И покрај сите промени во дизајнот, опремувањето, системите за асистенција, скапите опции, Октавиа пак е истата. И тоа е добрата вест.

Сите впечатоци и забелешки за тестот може да се погледнат во видеото што е објавено на каналот на Аутомедиа на јутјуб

Претходна објаваТесла Сајбертрак само над 100.000 долари, основната изведба е избришана
Следна објаваРим бара Донгфенг да вградува домашни радија во фабриката во Италија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here