за

Тест · Пежо 408 · Така денес изгледаат купе-моделите на Французите

Кај Пежо 408, сé е околу добрата основа: Техниката доаѓа од 308, дизајнот е од човекот што го нацрта Пежо e-Леџенд, а основата за формата е во историските купеа на марката со лавот.

Пежо со својот 408 направи каросеријата да стане душата на автомобилот. Техниката доаѓа од Пежо 308, но во возењето 408 се докажува како автомобил со сопствен идентитет, наполно различен модел. Со „четиристотката“, Пежо си враќа и една омилена каросериска форма во својата понуда.

Марката со лавот изведе вистински спектакли за Пежо 408 да го донесе на сцената. Овој автомобил со несекојдневна форма на каросеријата дури и лебдеше во проѕирна сфера по авто-салони и во најразлични пригоди, за марката најверно да објасни што значи „Неочекувана од секој агол“. Потоа беше воспоставена соработка со пет најзвучни имиња од светот на уметноста, кога на пример арт-фотографите Оливиеро Тоскани и Мистер Фифу ги пушти да возат „408“, едниот низ Тоскана, другиот низ Монтреј, и да снимаат кадри што потоа беа прикажани во најпознатите галерии ширум светот – и беа понудени за купување.

Зошто сиот овој труд околу автомобил што дури и не е СУВ, како форма на автомобил што денес успева гарантирано, секаде и секогаш? Единственото објаснување може да биде: Затоа што стратезите на Пежо сакаа во понудата да ја вратат каросериската форма што ќе биде блиску до купе. Јасно дека 408 не е купе од ковот на безвременскиот Пежо 406, со дизајн на Пининфарина, а уште подалеку е од формата на последниот купе-модел со лав, Пежо РЦЗ. Меѓутоа, улогата што ѝ е доверена на „четиристотката“ во гамата на марката, сепак е иста со таа што некогаш ја уживаа класичните купе модели.

Кога ќе се погледне од денешно временско растојание, излегува дека Пежо во целата своја понова историја има само пет купе-модели: 304 Купе, произведувано од 1969 до 1980 година, 504 Купе (од 1974 до 1983 година), 406 Купе (од 1995 до 2005 година), 407 Купе (од 2006 до 2012 година) и РЦЗ (од 2010 до 2015 година). Тешко е за верување тоа што Французите успеаја со само пет купе-модели да сењ наметнат на сцената како марка што создала некои од највпечатливите модели со оваа каросериска форма на сцената. Но, токму тоа кажува колку е моќна оваа каросериска форма.

Секое време има свое „купе“

Колку 408 е купе? Во формата, одвај. Во улогата, целосно. Марката со лавот ја сместува четиристотката меѓу 308 (комбилимузина) и 308 СВ (комби) од една страна, и 3008 (компактен СУВ) и 508 (спортска лимузина од средна класа) од друга страна. Таа црпи елементи од сите овие класични каросериски форми и на сето тоа додава елементи на купе. Опашот завршува како купе-СУВ, носот најавува купе.

Намерата е да се понуди автомобил со отмена и стилска појава, што нема да зафаќа толку високо како Пежо 406, туку ќе остане во ценовниот опсег меѓу класичен компакт и лимузина, односно компактен СУВ. Притоа, сé што 308 го прави добро, 408 го прави уште подобро. Најновиот Пежо повеќе цели кон купувачите што сакаат 308-ка од завршетокот на ценовникот, најопремена и далеку од основен модел, и секкао дека можат да си ја дозволат таква, меѓутоа сакаат и нивното возило со формата да се разликува, а тоа да не биде СУВ-шема.

Тие петнаесетина проценти разлика во цената со комбилимузината 308 се користат за 408 да се издвои како отмена алтернатива

Деталите во каросеријата укажуваат дека овој фастбек не е создаван со цел да се понуди поевтино, туку цел е појавата да се направи уште попривлечна и поблагородна, за 408 така да ги најде своите купувачи. Деталите и не се толку мали. Тоа најдобро се забележува кај задните светла, коишто изледаат како вжештено парче метал да е втиснато во каросеријата. Такви детали чинат во производството, но токму со овие фини зафати, 408 си го обезбедува местото на сцената.

Каросеријата изгледа долга, елегантна, тенка. Мајсторијата е во тоа што Пежо 408, во сите свои ликови, вклучува и лик на СУВ. Поточно, функционалност на СУВ. Но, таа страна на четиристотката останува прикриена. Растојанието од подлогата е зголемено на 188 милиметри, што е за палец и пол повеќе отколку кај 308. Тоа значи дека и седењето е на повисоко. Токму тие неколку сантиметри екстра обезбедуваат релаксираност во градското секојдневие.

Со просторната комоција, 408 е поблиску до лимузина од средна класа, отколку до компакт. Меѓуоскиното растојание е за 112 милиметри подолго во споредба со 308, и тоа се огледува солидно и во просторноста на задната клупа. Сé е поголемо за еден број. Вратите се широки, простор има толку што може да се сети и со скрстени нозе.

Сé е поголемо за еден број во Пежо 408

Секако дека и багажникот е поголем за еден број. Но, верно на повисоката спецификација што ја ужива 408 во споредба со 308, просторот е обработен уште повнимателно. Во нивото на опременост ГТ дури е додадена и челична плоча, што од една страна поштедува од грдата слика, кога од често користење на багажникот остануваат траги на пластиката, а од друга страна овозможува тешкиот и габаритен багаж да лизга лесно преку работ на багажникот. Тоа е отменост а ла Пежо.

Четиристотката почнува да се однесува како четиристотка откако ќе се појде. Поради подолгото меѓуоскино растојание во споредба со 308, се стекнува впечаток дека амортизацијата работи уште покомфорно и помирно на правец, а дефинитивно е тивко и во поглед на отсуството на звуци од подвозјето.

Целата замисла да се седне во фастбек место во СУВ се наградува кога ќе се влезе во побрзи свијоци. Тежиштето на каросеријата останува поблиску до комбилимуизина, отколку до СУВ, што се огледува во лесната управливост, во довербата дека подвозјето е способно да издржи и посмели влегувања во свијок, и во општиот впечаток дека се вози автомобил што е по вкус и на спортски возачи. Секако дека и амортизацијата користи од тоа што тежиштето е „нормално“ и од тоа што стабилноста не е купена со тврда амортизација и ограничени одови на пружините. Тука 408 почнува да се допаѓа уште повеќе.

Мотор од 1,2 литар е едно, мотор од 1,2 литар со турбонатполнење е нешто сосем друго

Во поглед на моторот, на нашите простори што се преплавија со силни и некогаш скапи лимузини и џипови од плацевите со преискористени автомобили „од маргините на ЕУ“, уште е несфатливо како може 1,2-литарски мотор да биде задолжен да движи лимузина од пет метри и 1,5 тон од старт. Тоа е балканското сезнаење, коешто ја побива компетентноста на менаџери со милионски плати, коишто раководат со бизниси вредни милијарди евра.

Зошто светот вградува мотори со пониска работна зафатнина отколку што очекуваат експертите од обложувалниците? Затоа што даунсајсингот е поим што е составен дел од браншата најмалку дваесет години и којшто има за цел да се смали потрошувачката на гориво кај новите генерации мотори, што значи да ја смали и емисијата на штетни материи, и на ЦО2, којшто е основа на секое свесно и совесно постапување околу животната средина.

Мотор од 1,2 литар е едно, мотор од 1,2 литар со турбонатполнење е друго. Тоа што на локалните сезнајковци им е мало, во денешниот свет на автомобилизмот се поистоветува со атмосверски мотор од 1,8 литар од пред дваесетина години – во поглед на моќноста, но не и во потрошувачката и емисијата. Турбонатполнењето е тоа што прави моторот во возењето да остава впечаток на класичен 1,8-литарец. Секако дека на тоа се надоврзуваат уште дузина други технологии, од директно впрскување, до варијабилна фаза на двете брегасти вратила.

Автоматскиот менувач многу „менува“, додава квалитет во возењето

Осумстепениот автоматски менувач додава квалитет плус во возењето. Тоа е докажан класичен автоматик што се вградува во целиот концерн Стелантис, со задачата на класичен автоматик, неговата работа да остане незабележана во текот на целото возење – и во текот на целиот животен век на автомобилот. Кога ќе се погледне дека по секое излегување од град, менувачот е во осмиот степен и моторот работи одвај со 2.500 вртежи, јасно е дека оваа погонска конфигурација ќе трае. Потрошувачката во град се движи меѓу 8 и девет литри, и тоа е сосем нормално за категоријата и класата на Пежо 408.

Французите во гамата на четиристотката нудат уште три можности за избор: 1,2-литарец во верзија на благ хибрид со 136 КС, значи со стартер-генератор, но и со мал електромотор што е вграден со автоматскиот менувач, со цена околу 5% над класичниот 1,2 ПјурТек; Приклучен хибрид со 1,6-литарец со системски 180 КС; Приклучен хибрид со 1,6-литарец со системски 225 КС. Круна на гамата ќе биде е-408, целосно електрична изведба.

Колку се сменил автомобилскот свет? Исто колку што 408 е различен од 406 Купе

Пежо 408 најверодостојно го отсликува сменетиот автомобилски свет. Со цена од 40.450 евра за моделот со основниот 1,2-литарски мотор со 130 КС, Пежо 408 секако дека не е меѓу најевтините понуди на пазарот, Меѓутоа, моторот денес не е репер за да се суди околу цената. Пежо 408 е сé освен мотор. Зошто е така: Затоа што 408 доаѓа стандардно со 8-степен автоматски менувач, затоа што во тестираната изведба станува збор за врвно ниво на опременост ГТ, што автомобилов го воздигнува во луксузен и престижен превоз; Затоа што станува збор за каросерија што не е евтина да се произведе, со сите детали и дизајнерски желби.

И на крајот, зошто воопшто Пежо 408, па и со 1,2-литарец со 130 КС? Затоа што престижот денес не е да се има изобилство од коњски сили и густ зад облак назад при нагло забрзување, туку е престиж да се патува спокојно, комфорно, со возило што при патување користи функции што се поврзани на нет, со интелигентни системи за асистенција, како адаптивен темпомат и систем од камери што прави цел филм за да го прикаже возилото при паркирање и маневрирање. А, ако 130 КС и 230 њутнметри се малку – Пежо 306 Седан, во средината на 1990-те години, престижен автомобил во нормалните времиња на македонскиот автомобилски пазар, возеше со 1,9-литарски дизел со 68 КС и 120 њутнметри. Некогаш треба да се знае и колку е доволно.

Технички податоци, опременост, цени за Пежо 408 ПјурТек 130 ГТ во онлајн-каталогот со сите нови модели автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Peugeot 408 PureTech 130 GT

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Дајмлер Трак продаде повеќе камиони и автобуси лани

Поло прво беше Ауди: Јубилеи на марката од Инголштат во 2024