Случај Кина, пример ДФСК: Тивка вода брег рони

Фортинг Т5 Ево со 1,5-литарски мотор Мицубиши и луксузна опременост беше на тест возење во Аутомедиа, наскоро целата објава

Некогаш е доволно да се појави еден модел и да ги смени нештата од корен. Во случајот на ДФСК, таков модел е Глори 580. Големиот СУВ со простор на модел од средна класа, моќен и опремен како компакт, а со цена на градски автомобил, уште пред половина деценија постигна продажба како ниту еден модел од кинески производител пред него. „Славата“ на Глори се пренесува на секој следен модел. Што сé содржи денес понудата на увозникот?

ЕУ ќе воведе повисоки царини за кинеските електрични автомобили… Пекинг широкоградо ги субвенционирал домашните автомобилски компании и со тоа им овозможил да ги извезуваат електричните возила под вистинската цена на чинење на производството и транспортот… германските премиум марки негодуваат од одлуката на ЕУ, затоа што е неизвесно со какви мерки ќе возврати Кина и стравуваат дека ќе го изгубат својот најголем пазар… половина дузина кинески производители најавија изградба на фабрики во Европа, што ќе доведе до тоа царините да станат бесмислени… Повеќе нема да биде исто за кинеските производители?

Македонскиот пазар барем во едно е пред германскиот, францускиот, италијанскиот, па и шпанскиот пазар. Марките од Кина кај нас одамна го надминаа статусот на непознато. Пример, ДФСК, марка произлезена од соработката меѓу концернот Донгфенг и групацијата Сокон. Зошто „новите“ производители од Истокот, од каде што пред децении ни дојдоа прво јапонските, а потоа и корејските производители, имаат погласно присуство тука, отколку во срцето на автомобиолска Европа?

Според последната детална статистика за европскиот пазар, во мај во цела ЕУ биле продадени 92 примероци од Фортинг Т5 Ево. Од почетокот на годинава се 178 примероци. Т5 уште им е нова и недооткриена на Европејците, моделот таму е во продажба само неколку месеци. Наспроти тоа, во Македонија, досега се имаат продадено близу 60 примероци од моделот што донесе сосем нови ветришта околу марките на Донгфенг. Неразумно е да се споредува големината на пазарите.

Фортинг Т5 Ево беше на тест-возење во Аутомедиа, набрзо следи објавата што вообичаено е придружена со обемен видео материјал

Уште подобар пример дава Глори 580, моделот што на нашата сцена е присутен преку пет години и досега се има продадено во стотици примероци. Класичарот во понудата на ДФСК на македонската сцена, во ЕУ има вкупно 229 продажби во првите пет месеци од годинава. Растот во споредба со истиот период лани е 154 проценти. Очигледно е дека Европа допрво го открива „580“. Тој модел е несомнено дека одигра историска улога за одомаќувањето на кинеските марки на македонскиот пазар. Се покажа дека компактниот СУВ што е голем за средна класа беше вистинскиот избор. Увозникот АБЦ Брадер избра да го пробива токму Глори 580, иако во понудата на производителот имаше и подостапни или стилски посамостојни модели.

ДФСК Глори 500

Долги години сцената одвај дека придаваше значење на „бројката“ на Глори, сé додека не се појави 500. Како модел поставен во класа за едно скалило под 580, помалиот Глори зафати во најдостапниот ценовен сегмент, понудувајќи СУВ и зрелост на семеен автомобил, по цена на класичен градски автомобил. Станува збор за 16.990 евра, толку во моментов чини основниот модел на ДСФК Глори 500, односно Фенгон 500. Сé беше веќе познато околу тогаш новиот „500“, затоа што сцената повеќе од добро го имаше запознаено „580“.

Во меѓувреме, понудата се збогатуваше со купе-СУВ моделот Ф5 и со целосно електричниот Серес 3 – со истата каросерија од 500 и воедно автомобилот со којшто Аутомедиа ја извозе прочуената тура од извориштето на Треска, во кичевско, преку Јасен, до вливот во Вардар. Серес 3, патем, беше понуден како во време кога на македонската сцена на една рака се броеја целосно електричните модели.

Најсвежиот модел во понудата продолжува во класичниот сегмент во компакт класата – условно класичен, затоа што станува збор за купе-лимузина од 4,7 метри, со мотор Мицубиши со 117 или 197 КС. Вообичаено за кинеските производители, автомобилот носи ознака на концернот Донгфенг, марката му е Еолус, а моделот е Шајн. Увозникот АБЦ Брадер вели 15.990 евра, за модел со автоматска клима, алу-тркала, средишен контролен дисплеј од 13 инчи. Наскоро следи тест возење на Еолус.

Од еден успоешно избран модел во вистинско време, се разви зачудувачка разноликост во понудата од марки и модели во салонот на АБЦ Брадер. Навистина се чини неисрпен фондот од марки што се под капата на концернот Донгфенг и само е прашање што ќе биде следното изненадување.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Но, што направи ДФСК, односно сите марки на Донгфенг што ги запознавме досега, да постигнат толкав успех на македонскиот пазар? Цената очигледно не е единствениот и пресуден фактор, затоа што токму примерот со Т5 Ево покажува дека купувачите се решаваат за овие модели и во ценовниот сегмент каде што има многу широк избор од марки и модели.

Пробивот се должи на флексибилноста. Додека увозниците во Германија или Франција мораат да разработуваат цели стратегии и да организираат многу помасовен увоз, како и да градат широка продажна и сервисна мрежа – но само под услови целиот потфат да е 100% сигурен, на македонскиот пазар сé е многу прегледно. АБЦ Брадер директно ги увезува автомобилите „од фабрика“, нема посредник. Кога ќе се процени дека сцената е зрела за одреден модел, тој доаѓа – и останува. Секој нов модел одново привлекува внимание и се пробива во својот сегмент. Глори 580 секако дека е уште во понуда. Но, сега има и модел Глори 600, уште попрефинет. Тој ќе го донесе приклчучниот хибриден погон во понудата на АБЦ Брадер. Се чека и нов електричен модел, со досег од близу 500 километри. Тоа е стратегија, здрав бизнис дух.

Претходна објаваЕУ може ќе ги поштеди ФВ и БМВ од царини за увозот од Кина
Следна објаваРено назначи поранешен директор на Ферари да раководи со развојот на техниката

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here