
Липмотор, кинеската марка што е дел од концернот Стелантис, уште годинава ќе отпочне со продажба на електрични возила во 9 европски земји.
Стелантис во септември ќе отпочне со продажба на целосно електричните модели од кинескиот производител Липмотор во девет земји во Европа.
Земјите во коишто прво ќе биде достапна марката Липмотор се Германија, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Португалија, Белгија, Грција и Романија. Продажбата во Обединетото Кралство ќе започне во март 2025 година. Потоа следат Данска и Швајцарија. Тоа го соопшти извршниот директор на Липмотор за Европа, Тианшу Шин, за време на настанот што беше организиран за новинари. Датумите подробно не се наведуваат.
Стелантис ќе го продава целосно електричното мини Т03 и СУВ-моделот од средната класа Ц10, исто така со целосно електричен погон, преку мрежа од 200 дилери во почетокот. Намерата е нивниот број до 2026 година да се зголеми на 500.
„Немаме намера ценовниот семент од 20.000 евра на пазарот да го препуштиме на нашите кинески соперници,“ изјави извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, на истиот настан во минатата недела. „Независно дали јас го сакам тоа или не, кинеските производители освојуваат пазарен удел во Европа. Јас се обидувам да бидам опортунист и да ја искористам динамиката што веќе е присутна тука.“

Тавареш кажа дека Т03 со цената ќе биде позициониран под целосно електричниот градски автомобил Ситроен е-Ц3, што исто така е дел од концернот Стелантис. Французите најавија и изведба од е-Ц3 со покус досег, што ќе се продава по цена од 19.990 евра.
Т03 ќе биде позициониран под Фиат 500е, којшто повеќе е премиум модел, кажа Тавареш.
Главниот соперник на Т03 ќе биде електричното мини Дачиа Спринг, што во Франција почнува од 20.800 евра и исто така се увезува во Европа од Кина. Гигантот БИД планира во Европа да го лансира својот модел Сигал, со цена што ќе биде под 20.000 евра.
Досегот на Т03 изнесува 265 километри според ВЛТП, додека поголемиот Ц10 може со полна батерија да мине до 420 километри.
Ц10 ќе се натпреварува со Тесла Модел 3, Модел Ипсилон, како и со Фолксваген ИД.3 и ИД4, кажува основачот и извршен директор на Липмотор, Жу Џианминг.
Ц10 е првиот модел на Липмотор што е развиен за светскиот пазар. Тој е конструиран врз платформата Леап 3.0 на Липмотор и има освоено пет ѕвезди за безбедност на Е-НКАП.
Тавареш соопшти дека Стелантис размислува дали да ја увезува изведбата од Ц10 со приклучен хибриден погон со продолжен досег, што во моментов е во продажба во Кина.
Стелантис очекува ЕВ што годинава ќе се увезат од Кина да учествуваат со 10 проценти на европскиот пазар, додека се зголемува продажбата на моделите на БИД, Полстар и други марки.
Нема да се чека на делови
Липмотор ќе се здружи со Стелантис, за да обезбеди деловите да бидат достапни брзо и да се овозможат поправки, што е заеднички проблем за сите понови кинески марки. На деловите за автомобили од Кина им е потребен долг пат и долго време, додека пристигнат во сервисните работилници во Европа.
„Ќе обебедиме потрошувачите да не останат заглавени со возилата, чекајќи деловите да пристигнат од далечина,“ кажа Тавареш. Деловите ќе бидат дистрибуирани преку 130-те центри за делови на Стелантис во Европа.
Продажбата во почетокот ќе се одвива преку дилерската мрежа на Стелантис & Ју. Липмотор ќе се додаде како нова марка во дилерствата за повеќе марки на Стелантис. Директорката за финансии на Стелантис, Натали Најт, опиша дека Липмотор е 15-та марка на компанијата.
Договорот со Липмотор во моментов не вклучува споделување технологија, напомена Тавареш, меѓутоа Стелантис ќе се движи во насока да се постигне заедничка набавка на компоненти и суровини со Липмотор.
Производство во Европа
Партнерството меѓу Стелантис и Липмотор стартува во услови на затегнати трговски односи меѓу Кина и ЕУ, во време кога Унијата врши истрага дали Пекинг недозволиво ги субвенционирал домашните производители на електрични автомобили, за на тој начин возилата да бидат поевтини на извозните пазари.
Локалното производство на Липмотор зависи од тоа дали ЕУ ќе ги зголеми увозните царини за кинеските автомобили до ниво на казнена царина или на друг начин ќе го блокира увозот, кажа Тавареш. Фабриката на Стелантис во Тихи, Полска, може да биде избрана како локација, додаде шефот.
БИД и Чери се меѓу кинеските производители што објавија дека планираат да произведуваат автомобили во Европа. БИД гради фабрика за автомобили во Унгарија, додека Чери ќе произведува во поранешната фабрика на Нисан во Барцелона.
Стелантис и Липмотор ја основаа Липмотор Интернационал, со седиште во Амстердам, откако Стелантис во октомври купи 21 проценти од акциите во Липмотор за 1,5 милијарда евра. Стелантис поседува 51 проценти во Липмотор Интернационал, останатиот удел е на Липмотор.
Липмотор Интернационал од последното тромесечје годинава ќе цели на Јужна Америка, Средниот Исток и Африка, како и на Индија и на регионите во Азискиот Пацифик. Тавареш кажа дека Липмотор засега нема намера да продава автомобили во САД, бидејќи „во моментов не постои вистинска кинеска конкуренција на пазарот во САД.“
„Се чини дека САД се движи во насока на мошне крут протекционизам,“ кажа Тавареш, посочувајќи на царините што Бајден ги доведе во вторникот. „Ставањето на овој проблем во балон ќе биде краткотрајно решение.“
Со пет модели со цена од 49.900 јуани и 151.800 јуани, Липмотор во првото тромесечје испорача 33.410 возила со хибриден погон и чисто електирчен погон во Кина. Тоа претставува 2,4 проценти од вкупната продажба на електрични возила во Кина во периодот.















