Пред 50 години: Мерцедес-Бенц 240 Д 3.0, првиот дизел со пет цилиндри

Со 80 КС, претходничката на Е-класа во 1974 година го доби тогаш најсилниот дизел во патнички автомобил, во генерацијата В 115.

Мерцедес-Бенц 240 Д во летото 1974 година означи две пресвртници. Дизелот со фабричка ознака ОМ 617 беше најсилниот дизел мотор во патнички автомобил во тоа време и воедно прв дизел со пет цилиндри.

Обожувателите на еден од најбараните олдтајмери на Мерцедес-Бенц, на лимузините од генерацијата В 115/114, ќе се израдуваат на еден важен јубилеј на оваа моделска серија. На 12-ти јули 1974 година, во Франкфурт на новинарите им беше претставена новата погонска изведба на В115, во Мерцедес-Бенц 240 Д 3.0. Се возеше сто километри до Хокенхајм, до тркачката патека на којашто тогаш гостуваше Ф1.

Поводот беше голем, затоа што Мерцедес-Бенц В 115 (тоа е ознаката за моделите со 4 и 5 цилиндри, В 114 е ознака за шестцилиндарските модели) го доби најсилниот дизел во патнички автомобил во тоа време. Трилитарецот беше и прв дизел со пет цилиндри.

В 114 и В 115 за познавачите е штрих-ахт (/8), за 1968 година, кога Штутгарт почна со продажбата на моделите од таа серија

Основата за трилитарецот доаѓа од четирицилиндарецот во 240 Д, тогаш со 65 КС. Моторот има ист óд и пречник на цилиндрите, и исто растојание меѓу цилиндрите, што значи дека тоа е истиот блок, со еден цилиндар екстра. Штутгарт уште тогаш го применуваше пристапот што е одлика на голем број моторни семејства денес: Трицилиндарци имаат 1,5 литар, четирицилиндарци 2,0 литри, шестцилиндарци 3,0 литри – 500 сантиметри кубни по цилиндар. Тоа има многу предности, главно во заштедата на трошоците, затоа што голем број компоненти се заеднички за сите мотори, на пример, вентилскиот механизам, лежиштата и др.

Од 1974 до 1976 година беа произведени 53.690 примероци од 240 Д 3.0. Истиот мотор ОМ 617 продолжи да се вградува во наследничката, во легендата В 123, сé до 1985 година – до В 124, којашто исто така имаше петцилиндарец во понудата,во 250 Д.

Трилитарецот користи основа од 240 Д, пречникот и одот на цилиндрите е ист, коленастото вратило е сосем различно

Штутгарт води посебна грижа за своите олдтајмери и ги поштедува сопсвениците од маки околу одржувањето и поправките. Посебно одделение Мерцедес-Бенц Класик, меѓу другото се грижи и за снабдување со делови. Во моментов се покриени 160.000 делови за 57 моделски серии.

Секоја година Мерцедес-Бенц Класик продава по 20.000 „Штерне“, како што овој фин оддел ги нарекува возилата што излегуваат оттаму

Секако дека станува збор за врвен квалитет и оригиналност. Уште еден плус е кусиот рок на испорака. Не се останува само на зборови.

Цени на некои резервни и потрошни делови за В 114/115:

  • Раткапна (од германски радкапе, на македонски би било капа за тркало), сериски број A 115 401 03 24) – цена 453,65 евра
  • Топка на рачка на менувач за првата серија со автоматик, сериски број A 113 267 00 10 – цена 65,16 евра
  • Завршеток на издувна цевка, сериски број A 123 492 07 14 – цена 142,23 евра.
  • Комплет за поправка на ѕвездата на Мерцедес, сериски број A 115 586 04 88 – цена 131,71 евра
  • Покажувач на режим на возење за автоматик, сериски број A 114 270 03 52 – цена 395,79 евра.

Не е евтино, но и Мерцедес-Бенц не е евтина марка.

Претходна објаваКонцернот на Пежо и Фиат се поднови со кинеска марка
Следна објаваФолксваген ги прекина преговорите за евтини ЕВ со Рено

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here