
Рено очекува годинава да се забрза растот во продажбата, благодарение на пуштањето во продажба на голем број нови модели.
Францускиот производител во вторникот објави раст од 1,8 проценти во првото тромесечје и промет во висина од 11,7 милијарди евра. Високите камати го зголемија прометот на финансискиот огранок на Рено. Продажбата во светски рамки порасна за 2,6 проценти, на 549.099 возила, во споредба со првото тромесечје лани.
Рено се наоѓа во екот на пресвртницата, додека во исто време го забрзува преоѓањето кон електрични автомобили и за годинава има најавено почеток на продажба на седум нови модели. Меѓу нив спаѓа и целосно електричниот Рено 5, со цена од 25.000 евра.
Светскиот автомобилски сектор се соочува со тешка година, поради забавената побарувачка за електрични возила. Тоа им поставува дополнителен предизвик на компаниите што веќе се борат против острата конкуренција од Кина.

Недостигот од модели со подостапна цена беше главна сопка за поширокото прифаќање на ЕВ.
Рено е на пат да ги скуси трошоците за своите ЕВ за околу 40 проценти до 2027 година, кажа во вторникот директорот за финансии Тјери Пието.
Нарачките за освеженото моделско годиште на Дачиа Спринг ЕВ, којашто чини под 20.000 евра (со субвенциите во Франција) ќе започнат во втората половина од годинава, изјави Пието за аналитичарите.
Нема намалувања на цените на електричните автомобили
Водечкиот производител на електрични автомобили, Тесла, ги скуси цените на неколку пазари, со што им направи дополнителен притисок на европските производители. Тесла ја скуси цената на својот Модел 3 на 37.500 евра на домашниот пазар на Рено. Тоа соодветствува со цената на новиот електричен Рено Сеник.
Пието кажа дека Рено ќе постигне пониски цени за своите клиенти преку скусување на трошоците за новите модели, место да дава попусти.

Директорот посочи дека Рено користи од издржаните цени и од дисциплината на трошење, во услови кога расте побарувачката за моделите каков што е електричниот Меган е-Тек, додека целиот пазар на електрични автомобили забавува.
„Ние почитуваме политика на постојаност во цените,“ кажа Пието пред новинарите во вторникот. „Ние успеавме да ги скусиме трошоците во пристојна мера – нашите нови модели нам ни носат поголема маржа, а пониска цена на нашите клиенти.“
Аналитичарите на Бернштајн во објава до своите клиенти напишаа дека „инвеститорите ќе бидат охрабрени“ од стратегијата на цени на Рено и од фактот што „вестите од производителот во целина остануваат позитивни.“
Рено ги подигна своите предвидувања за 2024, поставувајќи како цел оперативна маржа од најмалку 7,5 проценти и 2,5 милијарди евра прилив на готовина.
Во март, продажбата на целосно електрични автомобили во Европа опадна за 11 проценти, главно поради високите камати на кредитите, забавениот економски раст и укинувањето на широкоградите субвенции.

Сложените услови го наведоа извршниот директор Лука де Мео во почетокот на годинава да се откаже од намерата, за акциите во огранокот на Рено за софтвер и електрични автомобили да ги пушти за тргување на берзата. Меѓу причините за тоа беа честите скусувања на цените на Тесла и засилената конкуренција од Кина.
„Пазарот на ЕВ е побавен отколку што се предвидуваше пред две години, но сé уште расте,“ кажа Пието во вторникот.
Разговори со Фолксваген
По разлабавувањето на долгогодишната соработка со својот долгогодишен партнер Нисан лани, Рено води преговори со соперниците, меѓу другото и со Фолскваген. Со Германците се разговара за споделување на трошоците за развој на платформа што ќе овозможи подостапни ЕВ.
Пието кажа дека „нема поважни вести“ околу разговорите со Фолксваген, „но, остануваме отворени за партнерство“ за платформата.















