Концернот на Пежо и Фиат ќе произведува водородни комбиња во Полска и Франција

Стелантис ќе започне со големосериско производство на доставни возила со погон на водород од средната и големата категорија во Европа. Концернот што во 2021 година произлезе со соединувањето на ПСА Пежо Ситроен и Фиат Крајслер Аутомобилс, со овој чекор дополнитепно ја проширува својата понуда од доставни возила со нулта емисија на штетни материи.

Во објавата на производителот со седиште во Амстердам се наведува дека во фабриката во Гливице, на југот на Полска, ќе се произведуваат поголемите доставни возила, додека товарните модели од средна големина ќе излегуваат од фабриката во Орден, во северна Франција.

Концернот веќе има во понуда доставни возила со батериски електричен погон, а и досега ги имаше во понуда вановите со средна големина што користат горивна ќелија и погон на водород, меѓутоа истите беа достапни само за избрани поголеми клиенти.

Стелантис, патем, располага со најголемата фабрика за производство на лесни товарни возила во Европа. Станува збор за фабриката што се наоѓа во средноиталијанскиот град Атеса, со капацитет за производство до 1.200 големи ванови на ден. Од фабриката излегуваат возила од марките Фиат Професионал, Пежо, Ситроен, Опел и Воксхол, како и од Тојота.

Големата најава доаѓа во момент кога италијанската влада не се согласува со плановите на Стелантис и на најголемиот единечен инвеститор во концернот, Ексор, којшто е инвестициски огранок на моќната фамилија Ањели.

Рим се пожали дека концернот во одредени пригоди донел одлуки што се против интересите на земјата, затоа што истите воделе кон скусување на продукцијата во Италија.

Стелантис лани произведе околу 230.000 возила во Атеса, далеку повеќе отколку во полско Гливице, каде што беа произведени околу 100.000 возила.

Во својот долгорочен план, концернот очекува продажбата на ванови со водороден погон да достигне 10.000 возила во 2025 година.

Групацијата во понеделникот објави дека нејзините ванови со водороден погон располагаат со досег до 400 километри кај моделот со средна големина, односно до 500 километри кај поголемите модели. Полнењето водород на посебни станици се врши за 4 до 5 минути, исто колку што трае и полнење резервоар на возило што користи погон со обично гориво.

Претходна објаваРено има нова стратегија за електричните автомобили и за софтверот
Следна објаваПарижани се сложуваат со намерата да се наплаќа поскап паркинг за големите СУВ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here