Хибридниот Фиат 600 може да биде големо освежување на пазарот

Фиат 600е се вбројува меѓу моделите со електричен погон во сегментот на малечки СУВ, чијшто број постојано се зголемува.

Благиот хибриден погон веќе одамна е стандард во целата гама на Фиат, од Панда и 500, до Типо и 500 Икс. Со доаѓањето на новиот модел во понудата, Фиат 600, италијанската марка ќе добие и нова изведба на благиот хибриден погон, со посилен електромотор и со способност одредено растојание да мине чисто на струја.

Секој Фиат е достапен во изведба со благ хибриден погон. Во Панда и „500“ работи еднолитарец со стартер-генератор од 3,6 кВ и малечка батерија од 11 амперчасови. Тоа е сосем доволно за потрошувачката во град да се скуси за дваесетина проценти, а добро доаѓа и мекото стартување на моторот по секое запирање.

Во поголемиот Типо и 500 Икс, од зимата ’22 работи 1,5-литарец со 130 КС, со седумстепен менувач со двојна спојка, но и со 48-волтен стартер-генератор што е вграден во менувачот, со моќност од 15 киловати.

Во новиот Фиат 600, којшто користи иста платформа со Џип Авенџер, доаѓа трета изведба на благиот хибриден погон во италијанската марка. Комбинацијата ја сочинуваат 1,2-литарец, мотор од Стелантис, со моќност од 100 КС, потоа шестстепен менувач со двојна спојка и електромотор со моќност од 21 киловати, односно 29 КС. Тоа е воедно и најсилниот електромотор во гамата од модели со благ хибриден погон на Фиат.

Вообичаено, тој е вграден во менувачот, за на тој начин да овозможи малечкиот СУВ да поаѓа на струја, да минува кусо растојание на струја, и исто така да се движи тивко и чисто кога се паркира или се маневрира.

Додека за другите пазари може да биде поинтересна целосно електричната изведба Фиат 600е, дотолку повеќе на македонскиот пазар ќе биде привлечна изведбата со благ хибриден погон.

Електромоторот помага и за одржување на брзината кога се вози под мало оптоварување по отворен пат и со постојана брзина, а доколку има енергија во батеријата, доаѓаат екстра 55 њутнметри при забрзување и престигнување.

Главниот талент е во способноста на стартер-генераторот, којшто во основа е електромотор, да произведува енергија и да ја полни батеријата, кога се отпушта гас и кога се сопира. На тој начин, Фиат 600 Хибрид има екстра енергија при секое поаѓање на семафор или на крстосница.

Стартер-генераторот е замена за анласерот и за алтернаторот. Тој е поврзан со коленастото вратило на моторот преку ремен и го стартува на тој начин – место со вообичаената комбинација од „бендекс“ и запченик на замавникот, што служи токму за цел да го стартува моторот. Стартувањето на моторот е тивко, меко и брзо, тоа е дополнителен комфор во градското возење.

Италијанската марка цени дека Фиат 600 може на струја да мине 1 километар со полна батерија. Просекот според фабрика е 5,1 литар. Кај благите хибриди, тоа е мошне веродостоен податок.

Важниот модел на Фиат практично доаѓа на местото на Пунто и се сместува во гамата под Фиат 500 Икс. Багажникот располага со семеен формат од 385 литри, односно 1.256 литри максимално.

Џип Авенџер веќе стартуваше на македонскиот пазар, се чека Аутомобиле СК да јави за пристигнувањето на Фиат 600.

Претходна објаваДекемвриската продажба назадуваше за 4% поради застојот кај електричните автомобили
Следна објаваВо Европа се продаваат повеќе електрични автoмобили отколку дизели

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here