Американскиот огранок на Киа подготвува спот во времетраење од 60 секунди за Супербоулот што се одржува во февруари. Видеото ја продолжува долгата традиција на Киа да создава кампањи што освојуваат награди и секако привлекуваат големо внимание на сцената.
Спотот за педесет и осмиот Супербоул ќе го означи 15-то појавување на Киа на најгледаниот телевизиски настан на годината во САД.
Моделот што Киа го поставува во центарот на вниманието на американската сцена е електричниот СУВ-модел ЕВ9, прв модел од големосериско производство со погон на струја, што располага со три реда седишта.
ЕВ9 е знаменосецот на стратегијата што Киа ја води како План С и којашто има за цел корејскиот производител да го претстави како компанија што се грижи за животната средина.
Петметарскиот СУВ е воедно и првиот модел на Киа што дозволува енергијата од батеријата да се пренасочи кон домот, за потрошувачите да можат да ја користат „евтината“ енергија од батеријата на ЕВ9, на пример, во периодите на скапа тарифа. Исто како ЕВ6, големиот СУВ може да се користи и како извор на енергија, за приклучување електрични уреди, кога се прави излет во природа или слично.
ЕВ9 неодамна беше прогласен за СУВ на годината на Северна Америка, од страна на жирито на изборот за северноамерикански автомобил на годината.
Третпат во изминатите пет години, жирито именува модел на Киа како најдобар избор во соодветните категории. Вторпат се избира електричен модел на Киа.
Годинава во фабриката на Киа во Вест Поинт, Џорџија, стартува и северноамериканската продукција на Киа ЕВ9.
















