Тојота ќе го направи сетапот на секој примерок од специјалната серија од ГР Јарис според желбата на купувачите. Пакетот „Високи перформанси“ е стандард, каросеријата може да биде црвена или бела. Цената, специјална: 42.490 евра.
Тојота ја прославува тројната победа во светското првенство во рели со ексклузивна серија од ГР Јарис. Таа се води едноставно под името Едишн и чини 42.490 евра.
Тркачкиот мотор од 1,6 литар доаѓа стандардно со пакет за високи перформанси. Заинтересираните купувачи – а како што се покажа досега, секогаш постои купувач плус за секој еден произведен примерок од екстремниот Јарис – може да се пријават на онлајн страниците на Тојота.
Најголемиот светски производител на автомобили вели дека „малата атлетичарка вози со вградена гаранција за уживање“. Моќноста останува непроменета, што значи 261 КС. Поголем доказ, од ГР Јарис, дека три цилиндри се сосем делотворни и ништо не им недостига, не постои.
Њутнметрите се распределуваат кон двете погонски оски преку системот ГР-Фор. Торсен диференцијал со блокада ја подобрува тракцијата и на најпредизвикувачки подлоги.
Спринтот до темпо сто трае 5,5 секунди. Тркачите знаат да проценат во што е посебноста на серијата: Секој купувач може да побара амортизацијата, работата на системите за асистенција, разни детали, да бидат нагодени по лична желба. Секако дека зафатите ќе ги изврши шампионскиот тим на Тојота Газу Рејсинг Ворлд Рели Тим.
Скапоцениот, но моќен Јарис, лакиран е во кармин црвена металик или платинесто бела боја со бисерен ефект. Не постои ставка што може да се доплати, односно сé е веќе вградено.
Покрај ковани тркала од 18 инчи со 10 краци, уникатниот модел со три врати располага и со сопирачки клешти во црвена боја и вентилирани-режени дискови од 356 милиметри (14 инчи). Изведени се дополнителни отвори за воздух за ладење на сопирачките. Покривот од карбон е стандард кај секој ГР Јарис.
Тристите примероци од „Едишн“ ќе се изработат во првото тромесечје од 2024 година. Испораките ќе почнат заедно со почетокот на летото. Нарачките се отворени само до 4-ти декември.
















