Порше се откажа од комби изведбата Спорт Туризмо во гамата на Панамера и моделот од новата генерација ќе биде достапен само во лимузинска изведба, исто како во почетокот.
Спорт Туризмо се придружи во гамата на Панамера во 2017 година. Во изминатите години, побарувачката беше главно за лимузинската изведба, наведува Порше во соопштението за медиуми.
„Во Кина и во САД, нашите главни пазари во сегментот Д, Спорт Туризмо има безначајна улога. Поради тоа, при лансирањето на новата генерација решивме да ја откажеме оваа моделска изведба,“ кажуваат од Порше.
Новата Панамера располага со поголема батерија и со посилен електромотор во изведбите со приклучен хибриден погон, што се клучни за продажбата на моделот. Голема новина претставува и дигиталниот кокпит, којшто е усовршување на кокпитот познат од електричната лимузина Тајкан.
Приклучниот хибрид Панамера Е-Хибрид поседува батерија од 25,9 киловатчасови, што е голем скок во споредба со 17,8 киловатчасови на претходниот модел. Досегот сега изнесува до 91 километар. Исто и електромоторот е посилен, сега со 190 КС, место со 136 КС.
Изведбите со приклучен хибриден погон учествуваат со 75 проценти во продадените 4.364 примероци од Панамера во Европа, во првите десет месеци од годината. Тоа го покажува статистиката од истражувачката компанија Датафорс.

Панамера со доплата ќе биде достапна и во изведба со напреден систем на пневматска амортизација, за којашто Порше ветува дека нерамнините ги „апсорбира речиси во целост“ и спречува навалување на каросеријата во свијоци.
Панамера е петтиот најпродаван модел на Порше во првите три квартали од 2023 година, со продадени 26.779 примероци. Најпродавана моделска серија е Макан, со продадени 68.354 примероци до октомври.
Знаменосецот Турбо Е-Хибрид го комбинира електромоторот со усовршена иведба на својот четирилитарски мотор Ве-8, со турбо натполнење. Сето тоа произведува системска моќност од 671 КС.

Моделот со приклучен хибриден погон спринтува до темпо сто за 3,2 секунди. Порше ќе нуди вкупно четири различни изведби од Панамера Е-Хибрид.
Основата на понудата и натаму ќе ја претставуваат Панамера и Панамера 4, со 2,9-литарски мотор Ве-6, без електромотор. Моќноста е зголемена за 23 КС и сега изнесува 348 КС.
Природно е тоа што Панамера поскапе во новата генерација. Со 107.800 евра, најдостапната изведба на Панамера во Германија ќе чини 10 проценти повеќе од тековниот модел. Испораките почнуваат во март. Врвниот модел ќе стартува од (или за) 192.500 евра.
Најголемата промена се воочува во кабината, каде што сега доминираат дигитални инструменти од 12,6 инчи. Во средината на таблата со инструменти се наоѓа дисплеј од 10,9 инчи, а со доплата може ист таков дисплеј да биде вграден и пред совозачкото седиште.
Бирачот за возење, од средишната конзола е преместен од десната страна на воланот. Порше цени дека со оваа промена се постигнува „совршена рамнотежа меѓу дигиталните и аналогните контроли.“ Инфо-забавниот систем има добиено дополнителни функции, па преку Епл КарПлеј може меѓу другото да се контролираат климатизацијата, масажата на седиштата и амбиенталното осветлување.
View this post on Instagram
Порше ја збогати стандардната опременост на Панамера, којашто сега вклучува и воздушна суспензија ПАСМ (Порше Актив Суспенжн Менаџмент). Како опција, купувачите можат да доплатат за активен систем за суспензија, што располага со активни амортизери, коишто се поврзани со хидраулична пумпа што работи на струја. Порше опишува дека системот „прави каросеријата на Панамера во секое време да остане право, дури и при посилно сопирање, управување и забрзување.“
Системот може и набрзина да ја подигне каросеријата, кога ќе се изгасне моторот, за на тој начин да се олесни излегувањето од возилото.
Порше додаде и неколку нови системи за асистенција, вклучувајќи автоматско паркирање со далечинска контрола, со помош на мобилна апликација.
Активниот асистент за брзина автоматски ги следи брзинските ограничувања што ги чита од знаците. Тоа е стандард во новиот Порше.
Стандарндата опременост вклучува и диодни матрични светла и безжичен полнач за телефон, во комбинација со ладење.
Првпат во Панамера може да се избере кабината да биде обложена без да се користи кожа, со Рејс-Текс или пепита платно.
Изведба со продолжена каросерија Егзекјутив ќе се нуди и од новата Панамера.
















