
Од пред неколку години, европските купувачи што ќе појдат во салон за да купат евтин автомобил, се соочуваат со непријатно изненадување. Тоа важи и за најмалечките автомобили, како Рено Твинго, и за наједноставните модели од градската класа, чијашто цена е одвај под 20.000 евра. Уште подалеку од евтини се најдостапните модели на автомобили со електричен погон, коишто чинат далеку над 30.000 евра.
Европскиот сегмент на мини-автомобили речиси се преполови во 2022 година, откако го достигна врвот со 1,2 милион возила во 2017 година. Клучните модели во тој сегмент повеќе не се произведуваат. Тоа беа модели како Ситроен Ц1 и Пежо 108 или Шкода Ситиго и Сеат Ми. На останатите модели, како Рено Твинго, им се приближува завршетокот на производството и не се планираат наследници.
Производителите почнуваат да се посветуваат на батериски електрични автомобили, што се произведуваат во Европа и имаат достапна цена, постигната главно благодарение на примената на поевтина батериска технологија. На тој начин, европската бранша се спротивставува на заканата од новодојденците од Кина и воедно реагира за големата загрижност за растечките трошоци за живот во регионот.
Концернот Стелантис и групацијата Рено неодамна објавија дека во Европа ќе почнат со продажба на локално произведени електрични автомобили што чинат под 20.000 евра.
Групацијата Фолксваген исто така објави детали дека својот целосно електричен ИД.2 ќе го продава за помалку од 25.000 евра. Извршниот директор Оливер Блуме најави и модел под 20.000 евра, што веројатно ќе ја носи ознаката ИД.1 и што треба да се очекува во продажба во втората половина од деценијата.
Тесла, којашто има голема фабрика во близина на Берлин, има намера да го забрза развојот на малечок електричен автомобил, што би чинел 25.000 евра или под тоа. Киа исто така има планови за градското мини Пиканто во следната генерација да го замени со достапен електричен автомобил.
Новата насока во којашто се движи браншата доаѓа меѓу другото и од напредокот кај батериите литиум-железо-фосфат (ЛФП). Во овие батерии се користат суровини што се достапни масовно и соодветно се поевтини. Според некои процени, цената по киловатчас за ЛФП е пониска за околу 30 проценти во споредба со цената на батерија што користи хемија никел-манган-кобалт (НМЦ).
Рено и Стелантис ќе користат батерии ЛФП барем во своите најдостапни модели. Концернот на Пежо и Фиат штотуку потпиша писмо на разбирање со кинескиот КАТЛ, за изградба на гига фабрика во Европа, во којашто ќе се произведуваат батерии ЛФП.
„ЛФП е хемија што ќе дозволи мошне поволно ниво на достапност и ќе го подржи фактот дека почитуваме, мобилноста да биде достапна за секој, како што е случај со Ситроен Њу е-Ц3 со цена од 23.300 евра, и со уште голем број други модели што следат со цена под 20.000 евра“, кажува Максим Пика, директор за набавки во Стелантис, во заедничкото соопштение со КАТЛ.
Со неодамнешните потези се дава одговор и за загрижноста дека Европа нема да успее да развие сопствен ланец за набавка на суровини за електричните возила, ниту пак ќе биде во состојба да произведува евтини автомобили во регинот, посебно откако целата еврозона се наоѓа под силен притисок од инфлацијата.
Производителите на автомобили нагло ги зголемија просечните продажни цени почнувајќи во 2020 година, како одговор на кусокот во ланецот на набавки што беше предизвикан од пандемијата. Во исто време пораснаа и цените на енергијата. Индустријата признава дека со смалувањето на довербата на купувачите, станува мошне извесно дека тие ценовни скокови нема да се одржат.
Следи кус преглед на достапните електрични автомобили што ќе се произведуваат и продаваат на европскиот пазар:

Ситроен
Марката на Стелантис го скрши мразот на цени под 25.000 евра во Европа, откако во окромври најави дека ќе го продава малечкиот Њу е-Ц3 по цена на основниот модел од 23.300 евра. Притоа го зголеми влогот и најави дека ќе понуди и уште подостапен модел, со цена од 19.900 евра, во 2025 година. Њу е-Ц3 е конструиран врз т.н. платформа Смарт Кар на концернот, што е развиена за Индија и за останати пазари во развој.

Фиат
Во интервјуто на извршниот директор на Фиат, Оливие Франсоа, во август, шефот најави електричен модел инспиран од Панда, без додатоци што ќе ја покачат цената, за помалку од 25.000 евра. Моделот премиерно ќе се појави пред светот на 4-ти јули 2024 година. Италијанскиот модел исто така ја користи платформата Смарт Кар, заедно со идните модели на Опел и Пежо. Новата Панда ќе се произведува во Србија.

Рено
Извршниот директор на групацијата Рено, Лука де Мео, првично ја најави идејата дека идниот градски автомобил Рено 5 ќе се продава по цена од околу 25.000 евра. Во минатата недела тој ја потврди најавата, кога говореше пред инвеститорите, додека групацијата се подготвува за огранокот за електрични возила Ампер да стартува на берзата.
Де Мео имаше и мало изненадување: Рено ќе ја произведува новата генерација на Твинго, што е најавена за 2026 година, како електричен автомобил што ќе чини под 20.000 евра. Рено 5 ќе се произведува во северна Франција. За Твинго не е потврдено, меѓутоа е мошне извесно дека тоа ќе излегува од фабриката во Ново Место, Словенија.
Фолксваген веќе неколкупати го потврди стартот на својот ИД.2
Тесла
За Тесла долго се шпекулира околу моделот со пониска цена, што ќе биде позициониран под Модел 3. Американскиот производител досега има само неколку официјални најави околу тој автомобил. Последната најава дојде во почетокот на месецов: Тесла ќе произведува автомобил со цена од 25.000 евра во својата фабрика во близина на Берлин. Тоа за Ројтерс го изјави лице што е упатено во состојбите во компанијата. Изворот, што сакаше да остане анонимен, не наведе кога би почнало производството.
Извршниот директор Илон Маск планира Тесла да достигне продажба од 20 милиони електрични автомобили на годишно ниво. За тоа да се постигне, секако дека е неопходно понудата да се збогати со подостапни и помали модели. Во фабриката во Берлин исто така е планирано продукцијата да се зголеми на еден милион возила на годишно ниво.
Концернот на Киа и Хјундаи развива мини автомобил со погон на струја, но ќе мине уште извесно време додека тој модел почне со продажба на европскиот пазар. Концернот во поширокиот регион има фабрики во Словачка, Чешка и во Турција, каде што би можело да се одвива производството на моделот. Идниот градски модел би ја заменил сегашната Киа Пиканто.















