Тојота ќе ги изработува првите гига одливки за моделите на Лексус

Со преоѓањето на гига леење, место од стотина делови, главните каросериски потструктури ќе се изработат од само еден или два дела. Концептот Лексус ЛФ-ЗЦ на Токио Мобилити Шоу

Лексус планира да користи гига одливки за каросериската структура на своите идни електрични модели. Почетокот ќе го означи ЛФ-ЗЦ, што луксузната марка на корпорацијата Тојота Мотор го прикажа како концептно возило на Јапан Мобилити Шоу.

Тојота Мотор ја избра својата премиум марка Лексус, да го води преодот на компанијата кон примена на гига одливки за големите делови од алуминиумски легури.

Новата производствена постапка прв ја воведе производителот на електрични возила Тесла и таа сега се прифаќа масовно од остантите производители. Волво најави почеток во 2025 година, со своите идни електрични модели, а Киа исто така потврди дека ќе ја користи оваа технологија.

Лексус планира да користи гига одливки за своите електрични возила, почнувајќи од ЛФ-ЗЦ, кажа претседателот на Леџус, Такаши Ватанабе, на Јапан Мобилити Шоу во минатиот месец. Лексус прикажа концепт на лимузина од средна класа и има намера да почне со производство на серискиот модел во 2026 година.

„Гига леењето ќе игра мошне голема улога во ЛФ-ЗЦ, бидејќи сакаме значително да ја поедноставиме производствената постапка за следната генерација на нашите електрични автомобили,“ кажа Ватанабе.

Лексус го предводи и преоѓањето кон електрични возила во Тојота Мотор. Поради тоа, марката ќе ги добие електричните автомобили од новата генерација една година пред матичната Тојота, којашто според тоа ќе следи со свој модел веќе во 2027 година. Намерата е Лексус да прерасне во целосно електрична марка до 2035 година.

Повеќе големи делови во едно

Тесла користи гига преси за да ги изработи предната и задната каросериска потструктура на Модел Ипсилон. Двата делови потоа се соединуваат во една потструктура, со користење комбинација од пресувана ламарина и алуминиумски делови. Лексус, пак, планира да ја изработува целата каросериска потструктура со користење три засебни гига одливки, по еден за напред, за средина и за назад.

За да го тестира процесот, Тојота користи преса од 4.000 тони, од јапонскиот специјалист Убе. Се тестира со преработени секции од постоечкиот електричен кросовер би-зи-фор-крос, во леарницата во Миочи.

Тојота Мотор ја примени новата технологија кај постоечкиот кросовер би-зи-фор-крос.. Место од стотици засебни делови, каросериската структура во иднина ќе може да се изработува од само три модули, преку гига леење

Првичните резултати покажуваат дека задниот под на би-зи-фор-крос може да се изработи во едно парче во една постапка. Со тоа се заменуваат 86 делови, за коишто се потребни 33 производствени постапки. Тоа води кон значително скусување на времето за пресување и претставува големо поедноставување на монтажата.

Консултантската компанија Манро и Асошиејтс од САД, цени дека со примената на гига леење за задната потструктура на Модел Ипсилон е избегнато користење на преку 120 пресувани делови, стотици постапки за прицврстување, а воедно и нема потреба од 14 роботски станици за производство.

Досег од 1.000 километри

Серискиот ЛФ-ЗЦ што треба да се појави во 2026 година ќе располата со литиум-јон батерија со високи перформанси, што ќе овозможи досег до 800 километри. Во следниот чекор, Ватанабе кажа дека електричните модели на Лексус што ќе следат по ЛФ-ЗЦ ќе располагаат со досег од преку 1.000 километри.

Тоа се очекува да биде постигнато во 2027-28, кога Лексус ќе почне да користи батерии со биполарна катода со високи перформанси. На тој начин ќе се удвои досегот на Лексус РЗ, којшто располага со досег од 404 километри. Тојота би-зи-фор-крос и Лексус РЗ се сестрински модели.

Претходна објаваЊу Џерси е уште една држава во САД што ќе забрани нови бензинци по 2035 година
Следна објаваПроизводителите се јавија со достапни е-автомобили, по заканата од Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here