Новата Порше Панамера со кокпит како Тајкан, сé е на волан

Начинот на ракување што Порше го воведе во електричната лимузина Тајкан и познат е како Порше Драјвер Експериенс, ќе биде одлика и на новата генерација на Порше Панамера. Верно на класата на лимузината, сé е на скалило погоре.

Порше применува иновативен и интуитивен начин на ракување во новата Панамера. Возачот е средиштето на Порше Драјвер Експериенс, во средина за којашто дизајнерите на спортската марка велат дека постигнува рамнотежа меѓу аналогни и дигитални команди.

„Спортскиот автомобил меѓу луксузните лимузини“ во новата генерација се одликува со внатрешност што оддава исклучителен квалитет и исто така посредува врвно спортско чувство.

Штутгарт го открива датумот на премиерата на Порше Панамера, таа ќе се случи на 24-ти ноември

Еден дел од важниот новитет на Порше ќе биде познат кога јавноста првпат ќе го види новиот модел во целост: Внатрешноста. Таа е осмислена исто како во Тајкан, нуди дигитални инструменти, широк опсег од можности за местење по желба и природно ракување.

Главното во осмислувањето на Порше Драјвер Експериенс е групирањето на командите што се однесуваат директно на возењето, на воланот. Идејата е на тој начин да се поедностави ракувањето, посебно при динамично возење.

Преклопикот за избор на приказот во дигиталните инструменти и вртливиот прекинувач за программите за возење се наоѓаат на воланот. Веднаш зад него е рачката за избор на степен за возење.

Така се создаде слободен простор во средишната конзола, за елегантно дизајнирано поле за ракување со климата, за сензорски површини, но и за физички прекинувачи.

Новина во средишната конзола се отворите за воздух што се без вообичаените ламели и се местат со електромотор. Може да се избира меѓу неколку претходно конфигурирани и персонализирани начини на работа на климатизацијата. Има и повеќе простор во преградата за одлагање.

Дигиталните инструменти се издвоени од таблата и го нагласуваат тоа што Порше го нарекува возачка оска. Дисплејот е заоблен и има пречник од 12,6 инчи, на македонски палци, односно тоа се 320 милиметри. Информациите се прикажуваат во три подрачја. Опција е проекциски дисплеј, со којшто се ракува директно од воланот.

Луксузни материјали во спортската лимузина

Меѓу одликите на новата Панамера спаѓа и новиот концепт на декорирање. Тој почнува од средишната конзола, се пренесува на арматурната табла и продолжува во вратите. Уште една одлика е закосената средишна конзола.

Порше првпат применува амбиентално осветлување по целата површина на арматурната табла, со што се нагласува ширината. Седиштата се исполнети со нов пенест материјал за попријатно седење, со подобра еластичност за покомфорно чувство.

Во моделите Егзекјутив се вградува задна клупа со нова контура, за седењето да биде правилно. Тоа ќе овозможи патниците на задната клупа да бидат поодморни кога по долго патување ќе се пристигне на одредиштето.

Материјалите оддаваат квалитет. Може да се избира меѓу широка понуда од двобојни комбинации. Најскапите и највпечатливи комбинации секако се дело на занаетчиското одделение Порше Мануфактур. По желба, Порше ќе ја испорача новата Панамера и во верзија без кожа.

 

Претходна објаваЗападна Австралија на фирмите им покрива 50% од трошокот за полначи за електрични автомобили
Следна објаваЗа 88 години и два месеци: Тојота произведе 300 милиони возила

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here