Ламборгини: Девет месеци годинава подобри од цела 2022 година

Рекорди во прометот, добивката и бројот на испорачани возила за Ламборгини.

Аутомобили Ламборгини ги заврши првите девет месеци од 2023 година со исклучителни резултати. Прометот, продажбата и рентабилноста постигнаа нови рекордни вредности.

За првпат во историјата на Ламборгини, прометот по првите девет месеци го надмина прагот од две милијарди евра. Тоа е за 5,2 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Со 618 милиони евра, оперативната добивка е поголема од добивката за цела 2022 деловна година.

Штефан Винкелман, претседател и извршен директор на Аутомобили Ламборгини, ги потврдува одличните резултати: „Нашиот курс на раст продолжува и нé води кон нови рекорди за компанијата.“ Директорот ја искористи оваа пригода за да направи голема најава: „Диреционе Кор Таури во следните месеци ќе продолжи со важен чекор, претстојат првите испораки на Ревуелто за клиентите, првиот приклучен хибрид во нашата историја.“

Финансискиот директор Паоло Рома додава на тоа, „очекувањата за последниот квартал нé водат кон најдобрата деловна година досега и го зајакнуваат нашето место во луксузниот сегмент.“

Од јануари до септември се испорачани 7.744 автомобили, што е за 4,2 проценти повеќе од истиот период лани. Продажбата се темели речиси во целост на двата модели со мотори со внатрешно согорување, Урус и Хуракан. Овие два модели се распродадени до завршетокот на нивото производство, во втората половина на 2024 година. Потоа целата понуда од модели на Ламборгини ќе се состои од автомобили со хибриден погон.

По региони, води Европа (ЕМЕА) со 3.117 возила, следи Америка со 2.728 и Азија и Пацификот со 1.899 возила. Најголем единечен пазар се САД со 2.342 испорачани возила, втора е Германија со 709 возила, следат Обединетото Кралство (688), Кина, Хонгконг и Макао (643), Јапонија (434), Блискиот Исток (370) и Италија (336).

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Lamborghini (@lamborghini)

Во август на автомобилската недела во Монтереј беше претставена студијата Ланцадор, како најава за идниот, четврти модел во понудата на Ламборгини, што ќе користи целосно електричен погон. Планот е неговото сериско производство да започне во 2028 година.

Во изминатиот квартал се зголеми и бројот на подружници низ светот, со четири нови салони, во Сапоро, Лугано, Верона и Будимпешта. Со тоа, компанијата во моментов располага со 182 дилери на 54 пазари ширум светот.

Претходна објаваАкциите на Форд и Џенерал Моторс се паднати, аналитичари препорачуваат купување
Следна објаваШкода Суперб во 4-та генерација, наследува титула на втор најпродаван модел во класата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here