Кина го ограничува извозот на графит, проблем за батериите за е-автомобили

Од кинеското министерство за трговија напоменуваат дека мерките не се насочени кон одреден сегмент, но лица што се блиски до владините ставови укажуваат дека графитот наоѓа примена и во воена опрема

Ограничувањето што го постави Пекинг за извозот на графит, можно е да има големо влијание врз странските производители на делови за батерии за електрични автомобили. Тоа ќе важи посебно за производителите што не успеаја да се префрлат на примена на вештачки материјали, како нивните кинески соперници.

Најновото ограничување за извозот на стратешки минерали од Кина, за коешто Пекинг вели дека не е насочено кон одреден сектор, предизвика неизвесност во глобалниот синџир на набавка на материјали за електрични возила, откако беше воведено во петокот.

Некои кинески производители, вклучувајќи ги и тие што се присутни на странските пазари, кажаа дека не очекуваат големи промени од новите правила, затоа што во повеќето батерии за електрични автомобили што тие ги вградуваат, се користат синтетички материјали, за коишто не важат новите ограничувања.

Кина владее со светскиот синџир на набавки за батерии за електрични автомобили. Тоа го вклучува и производството на графит, којшто е најзастапена единечна компонента во батериите. Кинеските компании за графит произведуваат и природен материјал од домашните и од странските рудници, но произведуваат и синтетички форми на графит.

Јапонија, Јужна Кореја и САД се најголеми купувачи на кинескиот графит, и во природна и во синтетичка форма. Аналитичарите предупредуваат дека новите мерки би можеле да го забават или ограничат снмабдувањето со графит, што на компаниите им е потребен за да произведуваат аноди – тоа се негативните електроди во батериите за електричните возила.

Со новите правила, почнувајќи од 1-ви декември, Кина ќе бара дозвола за извоз за синтетички графит од врвен квалитет, како и за основните форми на природен графит.

Менаџери во Кина и нивни колеги во светски компании што користат графит, бараат поголема транспарентност околу новите мерки.

Вработен во Ќиндао Хаида, главен преработувач на графит во Кина, кој бара да остане анонимен, затоа што не е овластен да зборува во име на компанијата, изјави за Ројтерс дека компанијата произведува компоненти што содржат сферичен графит, што се користи во аноди за литиум јон батерии и истите се погодени од новите правила. Овие компоненти се извезуваат за Јужна Кореја и Јапонија.

„Не добивме насоки од МОФКОМ (Кинеско министерство за трговија) како да поднесуваме барања за дозвола за извоз, но сигурно е дека тоа ќе ја отежни извозната постапка“, посочи анонимниот извор.

Неодамнешниот потег на Кина да бара дозволи за извоз за производи што содржат галиум и германиум ја задуши меѓународната испорака на метали што се користат за изработка на микрочипови.

Извор што е близок до кинеската влада напомена дека графитот исто така се користи во воена опрема.

Кина притиска за синтетички материјали

Кинеските компании што изградија фабрики надвор од земјата, кажуваат дека ограничувањата ќе имаат само мало влијание врз нивното работење во странските земји. Овие компании во голем дел користат синтетички графит, но тој не е со врвен квалитет и со тоа не е опфатен со новите мерки. Тие се однесуваат на синтетички материјали со густина од 1,73 грам на сантиметар кубен.

Кина произведува големи количини синтетички графит, што овозоможува скусување на времетраењето на полнењето на батериите.

Странските производители почнуваат да се префрлуваат на новите материјали, но замената на природниот графит со синтетички графит кај нив се одвива побавно. Една од причините е тоа што произведувањето синтетички графит на база на петролеј предизвикува поголемо загадување. Од друга страна анодите од природен графит се поевтини. На крајот, тоа прави странските компании да бидат повеќе погодени од кинеските ограничувања.

Кинеската компанија Готион Хај Тек, којашто е под контрола на Фолксваген, произведува батерии во Германија и планира фабрика во САД. Графитот што таа го користи во своите батерии има густина под 1,7 грами на сантиметар кубен, и со тоа е поштеден од новите правила на Кина.

Слично важи за БТР Њу Материјал Технолоџи, најголем производител на аноди во светот, од каде што посочуваат дека ограничувањата нема да влијаат врз нивното работење, затоа што производите содржат меѓу 1,5 и 1,7 грам графит на сантиметар кубен. БТР планира изградба на фабрика во Индонезија, додека Нингбо Шансан, има во план фабрика во Финска.

Удар врз природниот графит

Меѓу светските компании што користат природен графит се Хитачи Хемикал, дел од јапонскиот холдинг Резонак, јужнокорејскиот Поско Фјучр и јапонскиот Мицубичи Хемикал, којшто произведува природен графит во две фабрики во Кина.

Австралиската Сира Рисорсис, добавувач за Тесла, раководи со рудник за графит во Мозамбик и гради фабрика за производство на аноди во Луизијана. Оттаму посочија дека очекуваат купувачите надвор од Кина да отстапат од набавката на природен графит, пред да стапат на сила построги ограничувања.

Индиската Епсилон Адвансд Материјал (ЕАМ) кажа дека планира во текот на неделава да отвори фабрика вредна 650 милиони долари за производство на материјали и компоненти за батерии во Северна Каролина. Индијците преговараат со добавувачите за изворите од коишто ќе се набавуваат суровините, вклучувајќи природен графит.

„Веруваме дека ограничувањето на количините на графит што се извезуваат од Кина – и мошне извесното зголемување на цените на графитот што ќе произлезе од тоа – прави предизвиците да бидат уште поголеми и нé води до неопходноста за локално да развиваме синтетички графит за САД,“ кажа за Ројтерс извршниот директор на ЕАМ, Сунит Капур.

Претходна објаваНосител на сите надежи: Ауди повторно го одложи стартот на Ку-6 е-трон
Следна објаваНа Тојота ѝ успеа уште еден рекорд, близу шест милиони возила за шест месеци

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here