Пежо го најавува новото моделско годиште на своите Е-Партнер, Е-Експерт, Е-Боксер, коишто го сочинуваат триото доставни возила под знакот на лавот, во верзија што користи исклучиво електричен погон.
Француската марка посебно го цени дизајнот на своите доставни возила, затоа што компаниите што ги користат овие модели во своите возни паркови, меѓу другото го создаваат имиџот и со нивните возила што секојдневно се гледаат наоколу. Меѓу доблестите што Пежо ги гледа во своите доставни модели се вбројуваат и свежата техногија, пристапот до онлајн-услуги, и секако комфорот, којшто е важен во макотрпното возачко и професионално секојдневие во браншата за достава.
Најголемата доблест сепак е електричниот погон. Буквата Е во ознаката се однесува на целосно електричниот погон. Пежо им нуди на купувачите електрична верзија од сите свои модели што ги има во доставната понуда: Партнер, Експерт, Боксер, односно Е-Партнер, Е-Експерт, Е-Боксер.
Целта на Пежо е до 2025 година да понуди електрична изведба од сите свои модели, вклучувајќи ги и патничките модели. Чекорот потоа е целосно преоѓање на е-погон во Европа, од 2030 година па патаму.
Чистиот и тивок електричен погон, и тоа како има смисла во денешните градови. Се воведуваат заштитни зони во коишто не смее да се пристапува со возило со висока штетна емисија, а голем број градови веќе почнаа и да ги прошируваат тие зони – пример Лондон.
Досегот, како главна пречка за компаниите да се осмелат за електричниот погон, не игра улога во доставата, затоа што возилата дневно минуваат помалку од 200 километри.
- Што значи да се извозат стотина киолометри низ град, тестиравме неодамна со електричната Тојота би-зи-фор-икс.
Во браншата е важна и услугата: Со сервисите на Пежо на поголемите пазари може да се потпишат договори за сервисирање и одржување во времетраење од лавовски осум години или 200.000 километри.
Пежо Е-Партнер, моделско годиште 2024
Сменет дизајн, зафати за повеќе да се ужива во возењето, надоградена безбедност (нови системи за асистенција) и досег до 330 километри го одликуваат најмалиот во триото, Е-Партнер. Топлинска пумпа помага да се одржува температурата во кабината, без да се одзема премногу од енергијата во батеријата.
Процената е дека во 2025 година, една третина од продажбата на доставни возила во Европа ќе отпаѓа на електричните модели.
Батеријата е вградена во подот и не се одзема корисен простор за товар. Може да се смета на зафатнина до 4,4 метри кубни, носивост до 780 килограми и приколка тешка до 750 килограми.
Во кабината се забележува новиот средишен дисплеј од 10 инчи. Инструментите исто така се дигитални (10 инчи). Нов е воланот, со команди за радио, темпомат и со рачки за одредување на степенот на регенеративно сопирање. Седиштата се обложени со поиздржливо и поелегантно платно.
Електромоторот е со моќност од 136 КС и вртежен момент од 270 њутнметри. Батеријата располага со 50 kWh. Крајната брзина е ограничена на 130 km/h, забрзувањето до темпо сто трае 11,2 секунди.
Е-Партнер поседува полнач со моќност од 7,4 киловати. На брз полнач може да се полни со најмногу 100 киловати. Во најдобар случај, полнењето до 80 проценти ќе трае триесетина минути.
Новиот Пежо Е-Партнер е достапен во две големини: Стандарден фургон со 3 седишта, со должина од 4,4 метри, или продолжен фургон, со кабина со 3 или 5 седишта, долг 4,75 метри.
Покрај електричната изведба се нудат и верзија со бензински мотор со 110 КС и дизел со 100 или 130 КС. Промените во изгледот и во кабината важат за сите моделски изведби на Партнер.
Пежо Е-Експерт
Истите зафати се преземени и кај средниот модел, Пежо Е-Експерт, со тоа што поголемата батерија (75 киловатчасови) тука дозволува досег до 350 километри. Зафатината на товарниот простор досега до 6,6 метри кубни, носивоста до 1.263 килограми, а приколката може да биде тешка до 1.000 килограми. Постои и изведба со батерија од 50 kWh, во случај кога нема потреба од поголем досег.
Посебност кај Пежо Е-Експерт е изведбата со погон на водород. Овој модел со додаток Хидроген во името ќе постигнува досег до 400 километри, но и полнење на резервоарот за водород за само неколку минути. Пежо уште нема стартувано со продажба на моделот и тоа е сосем разбирливо, имајќи ја предвид крајно ограничената јавна мрежа од станици за водород.
Пежо Е-Боксер си го заслужува името: 270 КС, досег до 420 километри
Со електромотор со 270 КС и досег до 420 километри, Пежо Е-Боксер е друга категорија. Батеријата е целосно во подот, па останува товарниот простор до 17 метри кубни. Носивоста е 1,5 тон. Батеријата од 110 киловатчасови може да се полни на брз полнач под 150 киловати, што ќе трае 55 минути до 80-процентна наполнетост.

















