Tesla „си го ископа сопствениот гроб“ со Cybertruck, вели Илон Маск

Познат е датумот кога првите купувачи на Tesla Cybertruck ќе го добијат својот долго очекуван пикап. По две години одложување, испораките ќе стартуваат на 30-ти ноември.

Во фабриката на Tesla во Тексас веќе е започнато производството на електричниот пикап Cybertruck. Во 2025 година, американскиот електро специјалист планира да достигне годишна продукција од 250.000 примероци од Cybertruck.

Пикапот ќе ѝ отвори пристап до сосем нов круг купувачи на Tesla. Тоа е токму најголемиот круг купувачи на американскиот пазар, на пикапите од XXL-формат.

Сепак постои голема неизвесност дали пикапот на Tesla со својата футуристичка форма и со сомнителната безбедност во сообраќај ќе успее да ги освои симпатиите на купувачите.

Владетелите со големиот пазарен сегмент, Ford и General Motors, досега постигнуваа одличен успех со големи пикапи што изгледаат класично и имаат класични мотори со внатрешни согорување. Постојат и неколку модели со хибриден погон.

Двете историски компании сепак успеаја побрзо од Tesla да стартуваат на пазарот со своите пикапи со батериски електричен погон. Моделите како Ford F-150 Lightning, Hummer EV и Chevrolet Silverado EV, најавени беа долго по премиерата на Cybertruck во 2019 година, а повеќето веќе се во продажба, или се кусо пред својот пазарен старт.

Маск се пожали дека почетокот на производството на Cybertruck се оддолжил премногу, затоа што возилото е крајно необично и прво морало да се најде начин како да се произведе. „Со Cybertruck си го ископавме сопствениот гроб“, се пошегува Илон Маск во телефонска конференција со аналитичарите.

Бројките од изминатиот квартал разочараа. Маск е загрижен за високите камати што ги обесхрабруваат купувачите. Tesla надоместува преку смалување на цените, но тоа влијае врз профитабилноста. Поради тоа, фирмата се обидува „беспоштедно“ да ги скуси своите трошоци, кажува главниот инженер Ларс Морави. Tesla сепак ги потврди плановите за годинава да испорача 1,8 милион возила.

Маск одби да одговори на голем број од прашањата за време на телефонската конференција. Тој меѓу другото беше запрашан дали Tesla ќе преземе одговорност, кога со возилото управува напредната верзија на системот за асистенција „Autopilot“. Прашањето се поврзува со Mercedes-Benz, којшто ја презема одговорноста за работата на својот систем за асистенција од Ниво 3. Техниката на германскиот производител управува самостојно со возилото, на одредени делници од автопатот и само до брзина од 60 километри на час.

Во својот делумен одговор, Маск се ограничи на тоа дека техниката на Mercedes
не ја смета како многу корисна, затоа што Tesla имала многу поголеми амбиции. Маск постојано говори за автономно возење, меѓутоа неговиот Autopilot и натаму е систем за асистенција, кај којшто човекот зад воланот секогаш е одговорен и мора во секое време да биде подготвен да реагира.

Маск не одговараше и на прашањата, кога хуманоидниот робот на Tesla ќе почне да работи во фабриките на фирмата и како напредува развојот на роботските такси возила без возач. Тој само наведе дека е мошне задоволен со брзината.

На прашањето за плановите за проширување на фабриките во Берлин и во Тексас, како и за планираната нова фабрика во Мексико, тој наведе дека во моментов е приоритет да се постигне максимална продукција на постоечките производствени линии.

Маск ги споредува тешките времиња за економијата со временска непогода. Tesla била робусен брод. „Нема да тонеме, но некогаш и големите бродови мора да се борат со невремето“. Акциите на Tesla, што пред телефонската конференција уште беа во раст, веќе во следното утро изгубија пет проценти од вредноста.

Tesla во изминатиот квартал успеа да го зголеми прометот во споредба со лани, за девет проценти, на 23,35 милијарди долари. Аналитичарите сепак сметаа на вредност од далеку над 24 милијарди долари.

Добивката се скуси за 44 проценти, на 1,85 милијарда долари. Бројот на испорачани возила во изминатиот квартал опадна, меѓу другото и поради планираните прекини во производството, заради модернизацијата на фабриките. Но, аналитичарите во своите процени ги зедоа предвид и овие прекини.

Претходна објаваПо новиот Citroen e-C3 следат уште најмалку шест модели во најдостапната ценовна категорија
Следна објаваRimac Nevera со осум години бесплатно користење на брзите полначи Ionity

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here