Групацијата Volkswagen постави поранешен главен инженер во Tesla за да раководи со развојот на новиот софтвер за електричните возила на германскиот производител.
Санџај Лал од ноември ќе го замени сегашниот работодавец Rivian Automotiv со новиот работодавец Volkswagen Group. Индиецот ќе помага за концернот да ја развие новата генерација на софтверската платформа што ќе се користи за идните модели од марките на групацијата.
Лал две години работеше како главен инженер во Tesla, со средината на 2019 година, пред да почне да работи во Google, како експерт за проектот Android Automotive.
Софтверскиот експерт ќе раководи со Cariad, специјализирано одделение на VW, во развојот на новата софтверска платформа за идните електрични модели на групацијата.
Готовите софтверски продукти од Cariad ќе се применат прво во два нови електрични модели од марките Audi и Volkswagen. Напредниот софтвер понатаму ќе претставува основа, од којашто ќе може да се развиваат и понапредни и поедноставни системи, за тие масовно да се користат во моделите од одделните марки на VW Group.
Извршниот директор Оливер Блуме презема чекори за да ги надмине проблемите што го задржуваат концернот да се впушти во целосна битка со конкуренцијата на сцената на електричните автомобили, што се менува многу брзо. Покрај слабиот развој на софтвер, концернот се соочува и со неефикасно производство кај марката Volkswagen, како и со слабеење на пазарот во Кина.
















