Првите две специјални серии од тековниот Mercedes-Benz Actros, сериите Edition 1 и Edition 2, наидоа на одлична прифатеност меѓу клиентите на Daimler Trucks. Принципот според којшто Mercedes ги изведува овие серии е едноставен: Уште повеќе дизајнерски детали, уште повеќе комфор, и престиж на Actros. Во меѓувреме стартуваше и специјална серија Edition 3, но и таа се „потроши“.
Без разлика дали се работи за зголемување на продуктивноста, кога возачите имаат на располагање примерок од специјална серија од Actros, или на компаниите им е „само“ важно за нивните камиони да се издвојуваат уште толку и дополително да прават реклама, специјалните серии на топ-камионот на Mercedes-Benz се бараат.
Третата специјална серија од актуелната генерација на Actros, соодветно именувана Edition 3 и изработена во 400 примероци, повеќе не е достапна за нарачки. За сите 400 примероци се пријавија сопственици. Основата е Actros L, значи изведбата со продолжена кабина. На таа основа доаѓаат сите дизајнерски елементи од Edition 1 и 2, за на тоа да следат уште 30-на дополнителни пакети опрема или стилски пакети.
Mercedes-Benz го испочитува статусот на Actros како „некрунисан“ S-Class меѓу камионите и соодветно ги осмисли овие специјални серии. За каква ексклузивност станува збор, може да се стекне претстава уште по тоа што арматурната табла и рачките во вратите се обложени со најмека телешка кожа, позната и како напа-кожа.
Mercedes Actros Edition 3 беше претставен точно за 18-годишнината од Actros Black Edition
Бројни детали во кабината се изработени со финиш на карбон, а отворот на таванот има посебно амбиентално осветлување. Совозачкото седиште е во изведба SoloStar и секако дека е обложено со кожа. На страната на совозачот се наоѓа плочка Edition 3, а името на серијата е напишано и на прагот на двете врати.

Горниот лежај се испорачува заедно со постелнина и широк е 900 милиметри. Приватноста во кабината ја обезбедува завеса по целата ширина, одвнатре во боја на бадем, однадвор во црна боја.
















