Nio лансира паметен телефон посебно за електрични автомобили

Кинескиот производител на премиум електрични автомобили Nio претстави паметен телефон од висока класа, со низа функции коишто се поврзани со самиот автомобил, меѓу другото и команда за автомобилот да се паркира самостојно.

Лансирањето на Nio Phone, како прв телефон од кинеска компанија, што е наменет за користење во комбинација со автомобил, укажува на високото ниво на технологии што се применуваат кај електричните автомобили на најголемиот пазар во светот. Еден од секои три продадени автомобили во Кина, вози чисто на струја.

Возачите на Nio ќе можат да го користат телефонот за да испратат порака до својот автомобил, за возилото самостојно да се довезе до местото на коешто тие се наоѓаат. Тоа е дозволено во Кина, на ограничен простор и со ниска брзина. Телефонот може исто така да се користи за вратите да се отклучат, дури и ако корисникот го исклучил.

Извршниот директор Вилијам Ли кажа дека Nio Phone располага со повеќе од 30 функции што се поврзани со автомобилот и дека телефонот отвора нов свет за технологиите за конективност.

„Верувам дека голем број од нашите соперници ќе учат од иновациите во нашиот паметен телефон и ги охрабрувам да го направат тоа,“ кажа Ли.

Достапни се три модели, со цена меѓу 6.499 и 7.499 јуани (одговара приближно на 51.500 до 59.500 денари). Телефонот во почетокот ќе биде достапен само во Кина, а испораките ќе почнат на 28-ми септември.

Ли притискаше да се доврши проектот со паметниот телефон, иако меѓу инвеститорите постои загриженост, дека производителот што претрпи загуби во жестоката ценовна војна во Кина, си зема преголем залак со проектот.

Аналитичарот на IDC, Вик Вонг, верува дека главната цел на производителот на автомобили при проектирањето на овој телефон, повеќе била да се собираат податоци од корисниците, отколку телефонот да стане главен носител на заработка.

„Паметните телефони ќе бидат добра платформа за да се собираат повеќе податоци, што е клучно во денешниот свет на техологијата и има потенцијал да донесе подобро корисничко искуство и поврзување со клиентите,“ вели аналитичарот.

Потегот на Nio е најновиот пример за спрегата што се воспоставува меѓу светот на паметните телефони и автомобилите. Meizu, компанија што посредно е во сопственост на концернот Geely, во март претстави паметни телефони што можат да се поврзат со автомобилите од марката Link & CO, која што е дел од концернот, меѓутоа телефоните се достапни и во широка продажба.

Производителот на паметни телефони Xiaomi исто така е на пат да започне со производство на автомобили.

Nio, којшто е 9-ти најголем производител на електрични и хибридни автомобили во Кина, двојно ги зголеми инвестициите во сопствен развој на технологии за клучни компоненти, како што се чипови и батерии.

Компанијата исто така создаде круг на обожуватели меѓу возачите во Кина, преку формирање клубови со ексклузивно членство и понуда на ексклузивни производи, меѓу кои и вино Nio.

При презентацијата на телефонот, Ли кажа дека Nio располага со тим од 11.000 инженери што работат на клучните подрачја кај паметните технологии за електрични автомобили, почнувајќи од чипови и батерии, до самостојно управување и паметно производство.

Откако продажбата опадна во првата половина од годината, Nio покажува знаци дека се враќа во форма. Испораките во август се зголемија за 81 проценти во споредба со лани, благодарение главно на популарноста на освеженото моделско годиште на СУВ-моделот ES6.

Од јануари до август, Nio продаде 94.350 возила, што претставува зголемување од 32 проценти во споредба со истиот период лани. Тоа е многу над растот од 20 проценти на вкупниот автомобилски пазар во Кина.

Претходна објаваСпецијалната серија од Mercedes Actros во 400 примероци веќе распродадена
Следна објаваLexus ќе го претвори главниот плоштад во Мадрид во уметничка галерија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here