Вкупно 24 семејства мотори што концернот Stellantis ги вградува во автомобилите од своите 14 марки можат без каква било измена да користат е-Fuels, моторни горива што не се од фосилно потекло.
По повеќе месеци обемно тестирање во техничките центри на концернот Stelantis, експертите дојдоа до заклучок дека во 28 милиони автомобили од марките Peugeot, Citroen, Fiat, Opel, Alfa Romeo, Jeep и други марки, што се наоѓаат во редовна примена и се возат секојдневно, може без преправки да се точи е-гориво.
При тестирањето се мереа емисијата, стартувањето на моторот, моќноста на моторот, издржливоста, трајноста, влијанието врз разредувањето на моторното масло, водовите за гориво и филтрите. Исто така се проверуваше и како е-горивото се однесува при исклучителен студ и при високи температури.
Партнер на Stellantis за обемните тестирања на моторите беше Aramco, една од водечките енергетски и хемиски компании во светски рамки
Е-горивата, e-Fuels, се синтетски моторни горива што содржат ниска количина на јагленводороди. Горивата се произведуваат по пат на реакција меѓу CO2, што се повлекува или од атмосферата или се произведува во индустриски постројки, и водород од обновливи извори. На тој начин, горивото се произведува без негативно влијание врз климата и животната средина.
Емисијата на јаглероден диоксид на постоечките возила со мотори со внатрешно согорување може на тој начин да се смали за најмалку 70 проценти, во споредба со мотори со погон на фосилни горива, гледано во целиот животен век на автомобилот.
Во Минхен се одржа конференција за синтетски горива, учествуваa 70 држави
Aramco моментно работи на две постројки на коишто ќе се истражува производството на синтетски моторни горива што содржат малку јаглеводороди. Во Саудиска Арабија, заедно со Enowa (Neom Energy and Water Company), Aramco демонстрира како се произведува синтетски бензин за автомобили.
Во друг проект со Repsol, Aramco во шпански Билбао работи на производство на синтетски дизел за автомобили и керозин за авиони. Во исто време се соработува со тимови во мотоспортот и со организатори на тркачки серии, за да се искористи потенцијалот на горивата со ниска содржина на јаглеводороди, а со тоа и ниска емисија на СО2.
















