Стари батерии од електрични автомобили во иднина масовно ќе се расклопуваат во Хамбург и ќе се користат за рециклирање.
Во индустрискиот реон во Билбрук, дел од градот Хамбург, шведскиот прозиводител на батерии Northvolt и компанијата за рециклирање метал European Metal Recycling (EMR), што е активна ширум светот, пуштија во работа нов погон за рециклирање батерии.
На површина од 12.000 метри квадратни ќе се донесуваат околу 10.000 тони батерии годишно, коишто понатаму ќе се расклопуваат на батериски модули, ќелии и останати компоненти. Според директорката за животна средина во Northvolt, Ема Неренхајм, „способноста за ефикасно рециклирање на батериите е решавачка, за револуцијата на електричните автомобили да се изведе колку е можно повеќе одржливо за животната средина.“
Со растечкиот број на автомобили со електричен погон станува релевантна и темата за рециклирање на батериите. Northvolt цени дека кон завршетокот на деценијата, крајот на својот животен век годишно ќе го достигнат околу 250.000 тони батерии. Тие батерии ќе се рециклираат.
„Растот ќе се забрза значително, затоа што во 2030 година само во Западна Европа ќе се регистрираат повеќе од осум милиони нови електрични автомобили“, кажуваат од Northvolt. Електричните автомобили во следните години забрзано ќе ги заменуваат автомобилите со мотор со внатрешно согорување и на тој начин ќе го забрзаат преоѓањето на индивидуален сообраќај што не ѝ наштетува на животната средина.
Искористување на вредни метали
Копмпаниите почнуваат да го откриваат рециклирањето на батериите како поле за бизнис. Aurubis, најголема топилница за бакар во Европа, лани пушти во работа пилот-погон за рециклирање во Хамбург. Таму од т.н. црна маса се издвојуваат скапи метали, како литиум, кобалт, манган и графит.
BGM @TschenPe hat heute die Batterierecyclinganlage von Northvolt & EMR eröffnet und damit eine wichtige Zukunftsbranche in Hamburg begrüßt. Das Recycling von Batterien aus Elektroautos stellt einen Meilenstein für den Klimaschutz in der deutschen Automobilindustrie dar. pic.twitter.com/1PPOYlyarh
— Hamburger Senat (@Senat_Hamburg) August 24, 2023
Процесот во Northvolt и EMR се одвива на следниот начин: Во Хамбург се довезуваат батериите и се расклопуваат. Потоа, преостанатите батериски модили се испраќаат за рециклирање во производствените погони на Northvolt. Таму се ситнат модулите, за да се овозможи повраток на пластиката, алиминиумот и бакарот.
„Црната маса“ се преработува во постројката за рециклирање на Northvolt што се води како „Revolt Ett“ во Скелефте. Во овој чекор се издвојуваат литиум, никел, манган и кобалт. Планираниот годишен капацитет изнесува 125.000 тони, што одговара на половина од капацитетот на првата фабрика на Northvolt, што исто така се наоѓа во Скелефте – во фабриката на северот на Шведска се вработени и неколку Македонци.
Градоначалникот на Хамбург, Петер Ченчер, при отворањето на погонот говореше дека „рецикилирањето штеди суровини и ја штити животната средина.“ Политичарот посочува и дека германската автомобилска индустрија „станува повеќе независна од увозот на ретки и скапи суровини и прави напредок во насока на кружната економија“.
Northvolt планира да гради фабрика и во Германија. Станува збор за инвестиција од 4,5 милијарди евра, за 3.000 работни места и капацитет за батерии за еден милион електрични автомобили годишно.
















