Lotus пркна по преземањето од Geely

Lotus Emira

Британскиот производител на спортски автомобили Lotus Cars постави производствен рекорд во првото полугодие. Од фабриката во Норфолк излегоа 2.200 возила.

Целото производство на Lotus меѓу јануари и јуни се темели на моделот Emira. Спортскиот автомобил со средишно вграден мотор е првиот нов модел на марката, откако кинескиот Geely ја презеде компанијата во 2017 година. Тоа е воедно и нивниот последен модел со мотор со внатрешно согорување.

Кинескиот производител на автомобили има зацртано амбициозна стратегија на раст за Lotus. Новиот електричен СУВ-модел Eletre ќе се произведува во Вухан, а првите примероци веќе им се испорачани на клиентите. До 2028 година, Geely планира производството на Lotus да го зголеми на 150.000 возила годишно. Следен чекор е марката со електричните автомобили да почне да нотира на берзата во Њујорк.

Lotus бара локација за фабрика во САД

„Ги гледаме првите зелени пупки на инвестицијата“, вели Мајк Џонстоун, кој во јануари беше назначен за комерцијален директор на Lotus. Во извештајот за првото полугодие понатаму стои: „Тоа покажува дека машината сега пали.“ Производителот наведува дека книгата со нарачки е полна со 17.000 налози за моделите Emira и Eletre.

Третиот модел во понудата на Lotus, хиперавтомобилот Evija, се произведува во мала серија.

Lotus Evija pretstavuvanje
Lotus Evija

Lotus планира да пушти во продажба три нови модели до 2025 година. За производствениот капацитет да може да држи чекор со плановите за раст на Geely, веќе се бараат нови фабрики. Очигледно е дека Соединетите Држави се во потесен избор. Таков потег одговара и за ослободување од трошоците за увоз на автомобилите што се прозведени во Кина, како и за користење на погодностите од Актот за намалување на инфлацијата.

Исплатлив бизнис со СУВ-моделите

Марката Lotus првенствено е позната по своите компактни и лесни спортски автомобили. Основачот, Колин Чепмен, работеше според начелото дека автомобилот треба да се ослободи од секаков вишок тежина, за да биде побрз и поподвижен. Електричниот СУВ Eletre значеше отфрлање на корените на марката, иако инженерите ветуваат дека преку совршената тежинска рамнотежа е задржано чувството да се вози Lotus.

Lotus сепак не се единствени што ја направија оваа отстапка и почнаа да нудат СУВ-модели. Истото се случуваше и со Porsche, Bentley, Lamborghini, Aston Martin, па дури и Ferrari стартуваше на пазарот со кросоверот Purosangue, за да го искористи бумот во продажбата на спортски теренски возила, каде што се постигнуваат големи заработки.

 

Претходна објаваДиректорка на Audi: „Кризата со чипови нема да исчезне во 2024“
Следна објаваТајфунот во Јапонија се движи кон фабриките за автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here