Директорка на Audi: „Кризата со чипови нема да исчезне во 2024“

Директорката за набавки во Audi, Ренате Фахенауер, во интервју за германскиот „Аугсбургер Алгемајнен“ изјави дека „кризата со микрочипови ќе биде надмината во среден до долг рок, откако и во Европа ќе почнат да работат значително поголем број фабрики за чипови.“

Ренате Фахенауер, првата дама одговорна за набавки во Audi, цени дека „кризата со микрочипови нема да исчезне во 2024 година.“ Таа ги поздравува плановите на фирмите од ковот на Intel и TSMC.

Побарувачката за микрочипови расте општо, не само во автомобилската бранша, и поради тоа мора да се зголемуваат производствените капацитети. Фахенауер предлага алтернатива: Производителите можат да се потрудат, помалку да користат полупроводници што значително се разликуваат од марка до марка и од едно до друго подрачје на примена. Тоа значително би го поедноставило снабдувањето.

Многу нарачки чекаат да бидат испорачани

Кога почнаа масовните затворања на фабриките за време на корона-кризата, голем број производители ги смалија своите нарачки за микрочипови. Откако се врати производството, фабриките не успеваа доволно брзо да ги обезбедаат потребните количини од микрочипови. Фабриките произведуваа полупроводници за браншите што со време си нарачаа доволни количини.

Тоа предизвика бројни проблеми во изминатите години. Повеќе фабрики за автомобили мораа да го прекинат производството, затоа што недостигаа микрочипови за автомобилите да се довршат.

Недостигот од нови возила доведе до поскапувања, па на крајот и користените автомобили ги коригираа цените угоре. Во меѓувреме, ситуацијата почнува полека да се нормализира. Производителите на автомобили уште работат на нарачките од минатата година. Кога ќе бидат довршени тие нарачки, ќе следи силен пад на пазарот. Се претпоставува дека тоа посебно ќе го погоди германскиот автомобилски пазар, веројатно пред заврешетокот на годината.

Најголемиот дел од полупроводниците се произведуваат во Тајван. Напнатоста меѓу островската држава и надмоќната Кина продолжува. Пекинг го гледа Тајван како одметната провинција и повеќепати се има заканувано со насилно соединување.

Доколку се случи конфликт таму, тоа би имало далекусежни последици. Тоа ги вклучува и микрочиповите што се испорачуваат ширум светот. Поради тоа, Европа вложува напори да обезбеди независно производство на микрочипови.

Претходна објаваТест · SsangYong Korando e-Motion · Кореја може и на струја
Следна објаваLotus пркна по преземањето од Geely

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here