Тест · SsangYong Korando e-Motion · Кореја може и на струја

Што навистина постигна теренскиот специјалист SsangYong, со пуштањето на електричната изведба од својот продажен пулен Korando, може да се види и во календар. СУВ-модели од компактната класа со погон на струја, стартувани во последните три години: Volvo C40/XC40, Kia Niro, Renault Megane E-Tech, Mercedes-Benz EQA, BMW iX1, Mazda MX30 – и SsangYong Korando e-Motion. Корејскиот специјалист не само што веќе вози во ерата на електромобилноста, туку вози добро.

Како на електричните автомобили им успеа да го прескокнат делот со детските болести? Тоа што досегот се држи во ограничени рамки и нема станица за полнење зад секој агол, не спаѓа меѓу детските болести, туку е чиста математика. Меѓутоа, што се однесува до функционирањето на самиот погон, до возливоста и чувството во возење, па на крајот и ефикасноста, на електричниве не може многу да им се забележи.

Со овој вовед однапред е јасно, дека SsangYong Korando e-Motion, батериската електрична изведба на познатиот модел со бензински и дизел мотор, што неретко е во Топ 3 најпродавани компактни СУВ на македонскиот пазар, ни оставила одличен впечаток на тестот. Или во духот на месец житар: Созреаниот модел Korando, покажува зрелост и во чисто електричната изведба e-Motion.

Автомобилите со бензински мотор, или со доскорешната европска миленичка – дизел моторот, не беа секогаш толку совршени во погонот. Само последните примери: Требаше да се појави систем за впрскување на горивото, германски „ајншпритцунг“, во замена за карбураторот (или за четири карбуратори со две грла) за силните и големи автомобили првпат да може да се возат со едноцифрена вредност за потрошувачката. Во поглед на досегот, патем, 300 километри пат со еден резервоар, ретко успеваше тогаш.

Во почетокот со механичка, а дури потоа со електронска контрола, системот за вцпрскување на горивото и самиот стана недоволен, па производителите почнаа да применуваат 16-вентилска техника. Така се постигна еден мотор да биде и доволно штедлив кога се вози во град, и доволно силен, кога ќе се јурне по автопат. По неколку меѓускалила следеа брегасти вратила со променлива фаза … Паралелно на тоа, кај дизелите: Турбо-натполнење за моќност, директно впрскување, впрскување со заеднички вод под висок притисок, повеќефазно впрскување на горивото, „летечки“ замавник, турбина со променлива геометрија, итн.

Ако им се превидат ограничувањата со досегот и мрежата од полначи, елеткричниве возат совршено уште од самото појавување

Електричниве, пак, возат сосем комотно и суверено, „само“ со еден електромотор што го заменува бензинецот или дизелот. Инженерите ќе сфатат за наводниците, затоа што е далеку од едноставно да се конструира електричен погон, но така се доаѓа до поентата.

Се случи тоа, електричните да бидат „совршени“ во поглед на возните карактеристики, затоа што нивниот развој долги години наназад се одвиваше интерно. Додека кај бензин- и дизел-класиката честопати се ризикуваше и во продажба се пуштаа технологии што не беа толку зрели и проверени, со намера да се избие во предимство пред конкуренцијата, па соодветно на тоа се случуваа бламирања, електричниве созреваа спокојно, на сопствените пробни патеки на производителите, „прикриени“ во обични автомобили, во развојните одделенија.

SsangYong уште во 2010 година се јави дека е подготвен да стартува со електричен автомобил. На тогашниот салон во Бусан, корејскиот производител прикажа концептен Korando EV, од претходната генерација на моделот, C200. А, концептен автомобил се покажува кога веќе сé е завршено, а не кога допрво се почнува со работа. Корејците уште тогаш, дванаесет години пред да стартува електричниот Korando од тековната генерација C300, во време кога дебитираше Nissan Leaf, можеа комотно да излезат на пазарот со својот модел – ако пазарот покажеше дека е доволно зрел за тоа.

Електричниот погон има добра основа во оваа марка – SsangYong е ценета марка по своите СУВ-модели што се издржливи, солидни, чесно изработени и умерени со цената

Korando e-Motion е сосем различна приказна од тој концептен автомобил и во него се пренесени „само“ искуството и вежбата на инженерите, затоа што компонентите се сосем други. И тоа е поентата, затоа електричните автомобили ги прескокнаа годините на детските болести – затоа што развојот се случуваше надвор од сериското производство.

Сите постапија како што е ред со електричниот Korando e-Motion. Тоа значи дека и дизајнерите си го испочитуваа принципот. Korando на струја, на улица се распознава од Korando на бензин или дизел. Бидејќи нема потреба преку решетка во маската да се доведува воздух до кошот на моторот, маската на e-Motion е затворена. Има и неколку ефектни украси на местото на маската, во форма на мат-алуминиумска лајсна, или рабови околу долното светлечко трио што личат на перка на ајкула. Во диодните светла исто се забележува светлосината графика. Тоа се зафати што укажуваат дека во овој автомобил работи напредна техника.

Диодните задни светла со впечатлива светлечка графика, заедно со бранестата лајсна во мат сребрена боја, со испис Korando, го создаваат препознатливиот изглед на опашот на моделот.

Целата оваа комбинација од класичните италијански линии на Korando, со стилските додатоци на e-Motion, создаваат симпатична појава

Класичниот Korando со строго хоризонталните линии по целата ширина на носот остава впечаток како да има најмалку два метри од еден до друг крај. Тој дел од појавата по малку се смени кај електричниот e-Motion, со затворената маска, но тоа не менува ништо во фактот дека кабината нуди ширина во секој правец.

Од просторноста на кабината се нема изгубено ниту милиметар. Електричниот Korando нуди исто толку простор колку неелектричниот Korando. Најчувствителниот простор кај моделите што се достапни и со електричен и со бензин/дизел погон, тоа секако е багажникот. Тука нема отстапка, господски 551 литар во двата случаи. И тоа е само уште еден знак дека изведбата со батериски електричен погон беше испланирана уште од самиот почеток на развојот на Korando C300.

Должината на e-Motion е 15 милиметри поголема од класичниот Korando, главно поради промената во предниот браник, заради постигнување уште поголема аеродинамичност. Сите други димензии се истоветни. Разлика има единствено во реастојанието од подлогата, коешто со 169 mm кај Korando e-Motion е за 11 mm покусо во споредба со бензин/дизел моделот. Тоа веројатно се должи на заштитата на батеријата во подот. Дури и теренската геометрија е иста, со тоа што e-Motion има 15,9 степени агол на рампа, додека класичниот модел има 15,4 степени.

Од иста количина енергија, електричниот погон претвора во движење 64 проценти од енергијата, дизелот 45 проценти, бензинецот само 20 проценти

Тежината е најголема „тежина“ кај електричните автомобили, според тоа како сцената гледа на овој погон. SsangYong Korando e-Motion додава 198 килограми во тежината, наспроти Korando без e-Motion, со дизел и автоматик. Колку тоа е проблем за електромоторот, што мора постојано да влече 200 килограми батерија? Одговорот е во ефикасноста на погоно

т: Степенот на делотворност на електричниот погон, со сите отпори и загуби, изнесува околу 64 проценти, општо. За споредба, дизелот постигнува ефикасност од околу 45 проценти, а бензинецот само 20 проценти. Според тоа, двестоте килограми на батеријата, Korando e-Motion одвај дека ги чувствува. Тоа е исто како да се верува дека коњ ќе се замори од тежината на јавачот.

Носивоста од 410 килограми е коректна (инаку 468 kg), приколка со сопирачки смее да тежи 1,5 тон (инаку 2 тони).

Електричниот Korando e e-Motion

SsangYong Korando е далеку од тоа да биде незнајник на сцената, посебно во оваа генерација. Домашната сцена досега го познава моделот до последната завртка, а генерално, моделот се цени по тоа што е издржлив и што е способен за сериозно теренско возење. Нема сомнежи во кредибилитетот на Корејците, како произведувачи што се специјализирани за теренски СУВ. Кусо, сцената го цени Korando и му ја цени и марката. Но, како вози електричен Korando?

Вози како што може да се вози со моќност од 140 киловати и вртежен момент од 360 њутнметри, што стои на располагање порано од кој било мотор со внатрешно согорување. Поаѓањето е мазно, нема нервоза и погрешно модулирање на тоа што возачката или возачот ќе го побара преку притискањето врз педалата за забрзување. На вжештениот августовски асфалт и на мазна подлога, контролата на тракција може да изгуби од „вниманието“ и да се слушне чкрипење, доколку се притисне посилно врз педалата. Тоа сепак не ја намалува возливоста, туку само укажува на изобилниот вртежен момент со којшто располага автомобилов. Чкрипењето може да се провоцира и ненамерно, кога при пониска брзина ќе се притисне нагло врз педалот.

За возењето да биде пријатно, секако дека придонесува и чувството при притискање врз сопирачката. Се дозира исклучително прецизно, со осетно линеарен раст на силата на сопирање, некој добро си ја завршил работата тука.

Ако проект менаџерите во SsangYong ценат дека автомобилот мора да поседува одредена функционалност, тогаш таа ќе се обезбеди; Пример, рачките за „елеткричното сопирање“

Двете рачки зад воланот ќе ги израдуваат уживателите во електричното возење. Со нив се одредува колку силно ќе забавува Korando e-Motion, кога ќе се отпушти педалот – „моторното сопирање“. Може да се избира меѓу три степени, со тоа што во најсилниот степен, се придонесува и рекуперацијата, односно полнењето на батеријата при сопирање, да се одвива со повисок интензитет, отколку во најслабиот степен. Мошне корисна функција, што не се подразбира кај сите електрични автомобили, но SsangYong во свој манир, не пропушта да го додаде тој „детал“.

Возењето во град е стандардно уживање со електрично возило. Нема постојано стартување и гаснење на моторот при чекање на семафор, нема ракување со менувачот и спојката, или грижа дали моторот ќе прегрее во застојот. Електричниот погон е „градски“ погон.

Колку што погонот е предност во град, толку повеќе е предност на пат. Постои и дополнителен безбедносен фактор, затоа што секогаш кога треба и смее да се престигне возило на тесен простор, електромоторот е способен да повлече моќно и целата постапка завршува за миг. Korando e-Motion со своите 360 Nm е моќен и култивиран. Фамата дека струјата се троши премногу кога се вози по автопат е само фама и ништо повеќе од предрасуда.

Во податокот за преостаната километража може да се верува

Може да се верува во досегот и човек да се потпре на податокот дека во батеријата има енергија за уште 250, 300 или 50 километри пат. Во сите досегашни тестови на елеткрични автомобили што биле реализирани во Аутомедиа, не се случило да биде неизвесно дали со преостанатата енергија ќе се пристигне до одредиштето.

Во поглед на просечната потрошувачка, вредностите во опсег од 16 до 20 киловатчасови на сто километри, беа пријатно изненадување. Тоа меѓу другото зборува и за квалитетот на инженерингот и на техниката што е вградена во Korando e-Motion. Со вообичаена динамика на возење, вклучувајќи главно градско возење и повремено тури од по стотина километри, може да се очекува досег од 300 до 320 километри.

Доколку се земе просечна дневна километража од околу 40 километри на европски возач, тоа значи дека со едно полнење на батеријата може да се мине цела работна недела и да останат уште сто километри за преку викенд – доколку се наполни преку ноќ, тоа ќе биде доволно за спокојно да се отпатува до Охрид и со истата батерија да се извози назад до Скопје.

При достапност на полнач со еднонасочна струја и моќност од 100 kW, електричниот Korando ќе има батерија наполнета 80% по само триесетина минути

Во случај да не стои на располагање каков било полнач, тогаш може да се смета и на обичен шуко-приклучок. За девет часови, од 22 до 07 часот, батеријата ќе наполни околу 19 киловатчасови, што е доволно за 120 километри. Под претпоставка дека батеријата била полна 20% пред да се приклучи, тоа би значело дека по такво полнење „во краен случај“, електричниот SsangYong би имал батерија за близу 190 километри пат.

Секако дека најдоброто решение е поставување домашен полнач. Неодамна објавивме дека трговскиот синџир Лидл во Германија продава полнач од 7,4 kW за околу 300 евра. Сите увозници што вклучија електрични возила во својата понуда, логично дека нудат и полначи, па полнењето воопшто не е проблем како што се прикажува по коментари и по кафеански маси.

Квалитетната изработка и раскошната опременост се познати доблести на SsangYong. Панелот во сјајно црна боја долж арматурната табла, исто како и панелите во вратите и во средишната конзола што се изработени на истиот начин, оддаваат скапа и грижлива изработка. Во врвните нивоа на опременост, зад тие панели се крие ефектно амбиентално осветување, за коешто може да се избира меѓу 34 бои. Тоа е само еден од бројните примери за изработката. Истото важи и за прекинувачите за прозорците, па и за самиот бирач за возење.

Класичниот стил на кокпитот создава шарм во кабината

Стилот на кокпитот повеќе е на класичната страна, но токму тоа внесува посебен шарм. За опременоста, исто може да убеди само еден пример: Предните седишта стандардно располагаат со вентилација, што може да се избира во три степени. Секако дека тоа не е случајност, најмалку во електричен автомобил. Бидејќи телото се разладува директно од седиштата, клима уредот не мора да се пушти на најсилно, па и температурата може да се остави на пристојна вредност, место на најстудено. Тоа е добро за досегот, колку помалку енергија се троши за ладење, толку повеќе енергија останува за возење.

Топлинската пумпа, исто така стандард, се грижи и греењето да биде ефикасно. Во споредба со класичните грејачи, коишто во основа се отпорници, топлинската пумпа тропи трипати помалку енергија. Нормално, седиштата поседуваат и со грејачи. Задните исто така.

Тоа што конечно убедува дека SsangYong Korando e-Motion е добар избор, тоа се системите за асистенција. Радарски темпомат, што самостојно подзабавува кога напред има побавно возило и забрзува самостојно откако Korando ќе се премести во лентата за престигнување, стандард е во електричниот СУВ, исто како и предупредување при замор, предупредување при опасност од судир, предупредување кога има возило во мртов агол. Конективноста исто така успева примерно, иако за Android Auto е потребен кабел.

Практичноста важи во истиот обем како во класичниот Korando. Багажникот со зафатнина од 551 литри веќе е доволен адут. На тоа следат дводелен под на багажникот со двојно дно, што олеснува да се пристапи до преградата што е веднаш зад задната клупа, потоа две светилки, четири метални прстени, 60 килограми носивост на подната полица, можност клупата да се собори директно од назад, па и можност за аголот на клупата да се нагодува во опсег од 30 степени.

Korando e-Motion нема уште долго да биде единствениот електричен модел на SsangYong

Ниту SsangYong, за којашто би одговарал слоган како „марката што нуди повеќе од цената“, не е марката што ќе направи електромобилноста да биде достапна за сите. Со цена од 41.990 евра, тотално електричниот Korando e-Motion веќе солидно загазува во делот од пазарот каде што може да се избере компактен СУВ со моќен мотор, богата опрема, светкава маска. Со важната напомена: Компактен СУВ со обичен погон. Зошто тогаш би бил интересен Korando на струја? Затоа што, првенствено, Korando не е рискантен избор, туку е издржлив и солиден SsangYong.

Понатаму, затоа што со таа цена, Korando e-Motion е меѓу најдостапните модели на струја, и мошне сигурно е еден од моделите што нуди најголема противвредност. Но, единствената причина зошто луѓето се решаваат за електричен автомобил, најмалку е намерата да се заштеди (иако тоа е водечката идеја), туку е авантурата и пионерството.

Постојат луѓе што сакаат да бидат први, да се разликуваат со тоа што ја почитуваат вредноста на тоа што другите уште не умеат да го препознаат. Секако дека за тоа треба солидна сума пари, меѓутоа ниту оддалеку не може да стане збор за расфрлување. SsangYong Korando e-Motion нема уште долго да остане осамен во понудата на Корејците. Марката со двата змеја прво ќе го пушти новиот Torres на пазарот, модел меѓу Korando и луксузниот Rexton, а потоа доаѓа и Torres e-Motion, електричен.

Технички податоци, цени, опрема на SsangYong Korando e-Motion во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК

SsangYong Korando E-Motion

Претходна објаваДвајца загинати при тест возење на Нирбургринг
Следна објаваДиректорка на Audi: „Кризата со чипови нема да исчезне во 2024“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here