Во првите шест месеци од годинава, Automobili Lamborghini постави уште еден рекорд во поглед на продажбата, прометот и профитабилноста. Сето тоа се должи главно на пазарниот успех на Urus и на Huracán. Суперспортскиот СУВ и цивилниот тркачки болид со мотор V10 се распродадени до планираниот завршеток на производството, што треба да се случи во втората половина од 2024 година.
Од јуануари до јуни, Сант Агата испорача 5.341 возило, што е за 4,9 проценти повеќе во споредба со првото полугодие лани.
Компанијата бележи раст и во прометот, којшто достигна 1,421 милијарда евра. Тоа е за 6,7 проценти подобро од истиот период лани. Оперативната добивка се зголеми за 7,2%, на рекордни 456 милиони евра. Соодветно и добивката од продажбата се подобри за 32,1 процент.
Штефан Винкелман, претседател и извршен директор на Automobili Lamborghini, кажува: „Постигнавме уште едно рекордно полугодие за нашата компанија, и повторно ни претставува големо задоволство да ги објавиме резултатите. Навистина сме возбудени со овие вредности, постигнати со само два модели во понуда, во годината што можеме да ја оцениме како посебна за Lamborghini.“
Покрај тоа што Lamborghini во 2023 одбележува 60 години од основањето, италијанскиот производител го лансираше и Revuelto, првиот модел со приклучен хибриден погон на марката. Сант Агата го претстави и SC63, како најнапреден тркачки автомобил во историјата на Lamborghini, којшто ја следи стратегијата Direzione Cor Tauri за електрификација на понудата од модели.
Во првите шест месеци се постигнати одлични резултати во трите главни продажни региони, EMEA (Европа, Среден Исток, Африка), Америка и Азискиот Пацифик, со продадени 2.285, 1.857 и 1.199 возила соодветно.
Најголем единечен пазар остануваат САД со 1.625 возила, следи Обединетото Кралство (514), Германија (511), Кина, Хонг Конг и Макао (450), Јапонија (280) и Италија (270).
















