Се случило ли ден, да чекате на семафор во Скопје, а некој да не пријави звучно во колоната што уредно чека, дека семафорот се пуштил. Да беше потребно, семафорите да имаат звучен сигнал, ќе имаа. Која е таа автошкола или инфлуенсер-ка, што народот ни го учи дека треба да се свири на семафор?
Во Скопје има семафори прилично долго време, и некои луѓе што се учени за тоа, ги поставиле каде што им е местото. Можеби треба да има семафор повеќе ваму или таму, можеби треба секој семафор да биде опремен со камера да снима кога се минува на црвено, можеби е корисно да се вратат бројачите и секој семафор да си добие сопствено напојување преку сончев колектор. Но, премногу наивно ќе беше за човек да се понадева дека состојбите ни напредувале дотаму. Овде, луѓето уште се во раниот среден век во поглед на сфаќањата за семафорот. Некои луѓе, но доволно ги има за и нормалните граѓани да бидат свесни за нивното присуство.
Тоа би било добра тема за утринска програма, добредојдена како промена од домашните земјоделски теми дали е поздраво авокадото или мангото, да се спроведе една анкета во живо по рандом избор, со прашање за возачите – зошто служат семафорите?
Несомнено е дека од тоа ќе произлезат многу поучни одговори и експертизи, со добар потенцијал да станат вирална објава на инста или фејс. Можеби треба соодветно да се смени и описот во возачките прирачници: Семафорот служи за тестирање на брзината на рефлексот, кој прв ќе притисне врз сирената, кога ќе се вклучи зелено светло.
Добро, што правите вие свиркачи додека се возите низ градов? Чекате на семафор со прстите на сирена, за случајно да не пропуштите да свирнете кога ќе се вклучи зелено? Толку сте му важни на светов што треба да се паничиме ако случајно задоцните во обложувалница или во државни јасли? Вие сте истите тие што поминувате на црвено во обид да убиете некого?
Градското живеење во срединава некогаш успевало многу подостоинствено и поотмено, отколку во овие чудни времиња. Премногу е наивно да се верува дека возењето и сé околу автомобилите, единствено напредувало и било унапредено, додека сé се уништува, од здравство и економија, од скопски јабучари до росомански праски, до создавање на сликата за земјава пред светот, и до семкари и бозаџии што се нашле да ставаат потписи на државни акти.
Семафорот, свиркачи, има функција и без вашето свирење. Во градов живеат граѓани на коишто им е сосем разбирлива причината за постоењето на направата што се нарекува семафор. Тие не гледаат потреба да свират кога ќе видат зелено, затоа што нивната интелигенција е доволна да им каже дека треба да појдат и да продолжат со возењето.
Можеби е тоа некој краварски или овчарски ген кај овие возачи свиркачи, што автомобилите пред себе ги гледаат како крави и овци, па ценат дека треба да свирнат за тие да појдат
Вие неоткриени улични свирачки таленти нема да смените ништо во однесувањето, со тоа што ќе свирите почесто, погласно и погневно. Постојат институции коишто треба да се грижат за тоа, за нешто што во развиениот свет го нарекуваат возачка култура. А, ако некој се задржува на семафор и ја сопира колоната зад себе, постојат господа сообраќајни полицајци што ќе го повлечат тој возач и ќе му ги објаснат нештата. Нив и за тоа ги нема, но чисто да не останат неспомнати.
Имате ли вие свиркачи претстава, колку ни го загадувате градот со тоа ваше свирење? Бучавата исто така претставува загадување на животната средина, меѓутоа за разлика од загадувањето од „нефилтрираните“ автомобили, тоа не може да се лажира или да се прикрие со лажна студија. Ве слушаме и преку глава сте ни.
















