Во јули се одржа првиот од вкупно четирите планирани настани, на коишто Lexus го прославува доаѓањето на новиот модел, LBX. Бидејќи станува збор за модел во класа во којашто престижната марка на Toyota досега не била присутна, мораше да се осмислат и настани какви што сцената досега нема видено.
Раководејќи се според мотото „Everyday Extraordinary“, првиот настан што се одржа во Милано беше организиран во средина што личеше на традиционална автоперална. Секако дека само идејата беше средината да личи на „секојдневна“ автоперална, затоа што спектаклот се одржа во прочуената Палацо Бовара, позната меѓу другото и по тоа што во времето на Наполеон била седиште на француската амбасада во Милано.
Lexus покани почесни гости од цел свет, да присуствуваат на настанот од 18-ти до 20-ти јули, вклучувајќи ги танчарот и водител Стефано Ди Мартино, актерот Кристијано Какамо и турската пејачка Хадисе.
Инсталациите во просторот се поврзуваа со разладување и духовен спокој. Гостите се движеа низ просторот исто како што автомобил се движи низ автоперална. Доживувањето почнуваше од делот наречен „Soak“, со пулсирачка светлина од горе надолу, за да потсеќа на плакнење со вода.

Следната позиција беше наречена „Spray“, во којашто гостите се движеа низ тунел од светла. Идејата беше да се укаже на напредното амбиентално осветлување во кабината на Lexus LBX.
За ништо да не се пропушти, секако дека во просторот беа поставени и големи ротирачки четки. Тој дел беше наречен „Feel“, како една од главните атракции од којашто произлегоа и најмногу фотографии за споделување по друштвените мрежи.
По перењето автомобил е редно да се смени и мирисот во кабината, па така и овој момент беше испочитуван. Во духот на „омотенаши“, јапонски збор за гостопримливост, за гостите беше подготвен и простор за ужување во градина со природни мириси на „јузу“ и „којамаки“.

Томасо Граси, директор за корисничко искуство и комунијации во Lexus Europe, го коментира овој спектакл: „Одушевен сум од резултатот на нашиот прв поп-ап настан „Everyday Extraordinary“ во Милано, каде што бројните гости имаа можност самите да го почувствуваат волшебството на LBX и на филозофијата на Lexus.“
Преостанатите три настани ќе се одржат наесен, за потоа да следи почеток на продажбата, рано во 2024 година:
● The Extraordinary Car Park, Лондон, Обединето Кралство – од 21-ви до 23-ти септември 2023
● The Extraordinary Street Gallery, Мадрид, Шпанија – од 26-ти до 29-ти октомври 2023
● The Extraordinary Bakery, Париз, Франција – од 23-ти до 25-ти ноември 2023
















