Многу новитети и активности на штандот на Mercedes-Benz на салонот за мобилност ИАА во Минхен, што ќе се одржува од 4-ти до 10-ти септември.
Од моделите што веќе се дел од понудата, во Минхен ќе може да се погледнат освежените моделски годишта на целосно електричните EQA, EQB и EQV. Овие модели даваат голем придонес за да расте уделот на чисто електричните автомобили во продажбата на Mercedes. Станува збор за модели со погон на струја што се базирани врз GLA, GLB и V-Class. Промените кај овие модели се направени главно во нагласувањето на луксузниот карактер на марката.
Главниот настан секако дека е првото прикажување пред светската јавност на концептниот автомобил, со којшто се најавува новата генерација модели од компакт класата на Mercedes-Benz. Автомобилот ќе биде изложен спектакуларно во павилјонот на германскиот производител во Минхенската Резиденција, кралски дворец од 16-от до 20-от век.
Моделот е констуриран врз новата платформа MMA, којашто е проектирана со цел да послужи основа за целосно електрични модели, но пак е предвидено да вдоми и мотори со внатрешно согорување, во моделските изведби со приклучен хибриден погон.
Mercedes-Benz не наведува точно за кој модел станува збор. Но, од најавната слика може да се препознае дека тоа е новиот CLA. Премиерата на серискиот модел треба да се случи в година.
Подгревање за електричната G-Class
Место сегашните седум моделски варијанти во семејството на A-Class (B-Class, A-Class Limousine, CLA, CLA Shooting Brake, GLA, GLB), во иднина во т.н. „влезен луксузен“ сегмент ќе се нудат само четири варијанти. Mercedes-Benz става нагласок на своите S-Class и G-Class, поради што мора соодветно да се прекрои и основата на понудата на штутгартскиот производител.
Меѓу новините што ги донесува платформата MMA спаѓа и оперативниот систем MB.OS, со можност за освежување на софтверот по пат на податочен облак. Значително се подобрува и ефикасноста на електричниот погон, со што може да се очекува и соодветно зголемување на досегот на електричните модели.
И рекламите на Mercedes се „луксузни“
The spotlight is awaiting. Get ready to step into it. Customise your perfect Mercedes-AMG SL and drive off in style.
Find out more: https://t.co/vWhPQMqNLp#MercedesAMG #stepintothespotlight #manufaktur #bebold #becreative #3DBillboard #SL pic.twitter.com/ZI4AZiTHQG
— Mercedes-AMG (@MercedesAMG) July 20, 2023
Штутгарт ја пакува за салонот и новата E-Class во изведбата All-Terrain, со зголемено растојание од подлогата, за излети надвор од асфалтот. Тоа е третата моделска варијанта во семејството на E-Class, покрај лимузината и комбито T-Modell.
CLE Coupe, коешто е изведено од E-Class, имаше премиера пред неколку седмици. Со овој модел се повторува поглавјето од CLK, со купе и кабриолет модели што балансираат меѓу C-Class и E-Class. Извесно е дека новата E-Class (W214) е последен модел што е конструиран врз платформа што е наменета за мотори со внатрешно согорување. Според шефот Ола Келениус, таа ќе се нуди сé додека постои побарувачка за истата. А, тоа треба да биде долго време.
Во Апотекарскиот двор, како што се нарекува делот од Минхенската Резиденција каде што Mercedes-Benz ќе го постави својот павилјон, ќе биде изложена практично целата понуда од модели на марката со ѕвезда.
Планирани се бројни активности, вклучувајќи неделен семеен излет на 10-ти септември. Посебна атракција е можноста да се седне на совозачкото место во концептот EQXX, електричниот автомобил со најдолг досег (1.200 km) и носител на врвни технологии што ќе почнат да се применуваат во иднина. Посетителите ќе можат да ја погледнат и електричната G-Class, којашто исто така ќе има премиера во 2024 година.
















