
Странските производители на автомобили се соочуваат со тежок предизвик да фатат чекор со домашните компании, во поглед на цените, но и технологијата.
BYD ја зголеми предноста пред групацијата Volkswagen, како производител со најголема продажба на автомобили во Кина. Посебна популарност меѓу купувачите во земјата уживаат електричните автомобили, коишто BYD ги нуди во широк дијапазон.
Откако пред неколку месеци првпат го симна германскиот гигант од тронот, BYD во второто тромесечје продаде 595.300 приклучлни хибриди и целосно електрични автомобили. Со тоа, компанијата го зголеми својот пазарен удел на 11,2 проценти. За споредба, Volkswagen во истиот период продаде 544.000 возила, од коишто само 23.433 се целосно електрични, што одговара на продажен удел од одвај 4 проценти.
Tesla е на 12-то место со продадени 157.000 електрични автомобили. Доколку се земат предвид само автомобилите со погон на струја, Tesla е втора најпродавана марка во Кина, веднаш зад BYD.
Концернот VW долго време уживаше водечка позиција меѓу производителите на автомобили во Кина, конкретно од 2008 година, откако се објавуваат продажните стастистики за земјата.
Овој тренд е потврда дека слабее влијанието на традиционалните странски марки на кинескиот пазар, а воедно слабее и продажбата на автомобилите со бензински мотори. Кинеските производители на електрични автомобили го одредуваат темпото со софистицирани и достапни модели.
BYD widens its lead over Volkswagen as China’s top-selling automaker as local buyers continue to flock to its wide range of electric vehicles https://t.co/7T2FDf5R2B
— Bloomberg (@business) July 25, 2023
BYD во почетокот на годинава почна со продажба на електричната комбилимузина Seagull со цена од 73.800 јуани (10.300 долари). Верзијата на моделот со електромотор со 55 kW постигнува досег од 306 километри.
Продажбата на „возила на нова енергија“, каде што спаѓаат елеткрични и приклучни хибридни автомобили, во јуни порасна за 25 проценти на 736.000 возила. Два од секои пет продадени автомобили во Кина припаѓаат во оваа категорија.















