Тоа може да биде единственото нешто што уште функционира правилно во оваа средина – електромобилоста, барем во делот што се однесува до улогата на увозниците. Речиси не постои електричен модел, што не бил донесен и воведен во редовна понуда на македонскиот пазар. Почнувајќи од Peugeot e-208 и Volkswagen ID.3, преку Citroen e-C4 или Fiat 500, до Toyota bZ4X или Audi e-tron GT, сите овие модели веќе одамна се дел од македонската автомобилска сцена. Важно поместување на сцената донесува Kia EV6.
Другиот дел од електромобилноста, без којшто првиов воопшто не може да функционира, уште запнува, главно поради тоа што вршителите на државнички функции уште немаат осознаено за електромобилноста, како што тоа им е осознаено за користените луксузни автомобили што се оставени по отпадите ширум ЕУ. Тој дел од електромобилноста, уште поважен од првиов, е прифаќањето на електричниот погон.
Домашната сцена уште има бројни и закоравени предрасуди околу електромобилноста: Првиот „проблем“ е ограничениот досег, вториот е недостигот од полначи, третиот е долгото полнење. Според тоа што читателите го коментираат на нашите објави, електричните автомобили мора да се возат бавно, гаранцијата на батеријата им трае „само“ осум години – небаре батеријата нема да трае и 20 години – потоа, студот им ја преполовува силата, па дури постои убедување и дека електричните автомобили се штетни за животната средина, поради производството на струја од јаглен. Последново, во земја што располага со триесетина поголеми хидроцентрали и масовно се вложува во соларни паркови.
Колку ли е само лесно и едноставно човек да се разубеди во сите тие предрасуди, кога на момент ќе се најде покрај оваа Kia EV6. Тоа е првиот модел на марката на Ceed и Sportage, што е конструиран врз наменска платформа за електричен погон, а тоа значи дека врз неа ќе се изведуваат единствено автомобили со целосно електричен погон. Бензинец или дизел не е предвиден ниту „под разно“ при конструирањето на платформата. EV6 е почеток на новото историско поглавје за Kia. Автомобил на ’22 година во Европа, патем.
Сите што ја виделе EV6 во живо, сложни се во едно. Појавата на овој автомобил во вистинско светло, далеку е од претставата што може да се стекне при гледање на фотографии или видеа. Одамна не е чудо да се случи дизајнерско чудо во Kia, марката којашто германскиот дизајнер Петер Шрејер (соевремено го има дизајниирано првиот Audi TT) ја научи на добар дизајн.
Пристигањето на Kia EV6 е важно за целата домашна сцена на електромобилноста
Македонскиот тим на Kia посебно ја чекаше оваа боја да стане достапна и EV6 со неа да го напише историското поглавје. Факт е дека EV6 менува многу нешта. Електричниот кросовер работи за марката, со тоа што им го подига имиџот на матичните Ceed и Sportage, но тоа што е уште поважно за нашата уште неразбудена сцена, оваа EV6 каква што ја дала фабриката, менува многу и во гледиштето со коешто македонските возачки и возачи, отсега па натаму, ќе гледаат на електричниот погон.
Секој електричен автомобил што се појавуваше во македонските салони, уште од Mitsubishi i-MiEV, па потоа VW ID.3, Peugeot e-208 и други, чекор по чекор ја подигнуваа свеста за електричниот погон. Секако дека не беа „само“ автомобилите, затоа што во некои скорешни времиња, за кои уште не знаевме дека биле добри, здружението Електромобилност организираше настани посветени на погонот на струја и воопшто на чистата енергија.
Не е премногу да се каже, дека Kia EV6, заедно со Toyota bZ4X, доаѓаат во време и со вредности, кога веќе може да се зборува за пресвртница. Следен чекор, во некои понормални времиња, мошне е извесно дека ќе биде подрршка за електромобилноста од страна на вршителите на државнички улоги, веројатно прво во изградба на мрежа од полначи и во обезбедување привилегии, од типот на бесплатен паркинг и ослободување од патарина, па потоа и субвенционирање.
Уште една дизајнерска мајсторија на Kia
Kia EV6 несомнено е дизајнерска вредност. Целиот нос оддава впечаток како да се стои пред моќно и отмено гран-туризмо од ковот на Aston Martin. Не се светлата или маската, тоа што го создава впечатокот, туку ширината на хаубата. Тоа не е без причина, затоа што кога ќе се погледне малку острана, се забележува дека тркалата завршуваат точно во линија со крилата – трагата на предната и задната оска е најширока што можело. Оваа Kia е конструирана за да биде спортски автомобил.
View this post on Instagram
Станува збор за моделска изведба од средианта на понудата во гамата на Kia EV6, за спортската верзија GT-Line, со погон на сите тркала и со моќност од 325 КС. Техничките податоци за Kia EV6 GT-Line се достапни во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК.
Како што одушевеноста од изгледот на електричната Kia не попушта, следна фаза е преоѓање на деталите. „Премиерната“ EV6 е во мат месечева боја, како што кажуваат од киа-тимот, промотивна боја што се појавува во сите реклами за EV6, и секако боја што е дефицитарна. Премиерата можеше да се случи и порано, но со друга боја, што е полесно да се обезбеди. Не е само до автомобилите, туку и до луѓето во Киа. Тие знаат дека прават историја со овој автомобил.
Потоа се покажува дека тоа што светка чудно и различно од сé што е видено дотогаш, всушност се задните трепкачи. Драма е далечинското отворање, но и затворање на поклопецот за приклучокот за полнење.
Во внатрешноста се чувствува тоа што Kia го пропагира со „спривностите се приивлекуваат“, како водечка идеја при дизајнирањето на автомобилите во оваа марка. Посебен впечаток оставаат материјалите. Кога ќе се допре горната површината на арматурната табла, а нешто постојано наведува внатре да се допира и открива EV6, следи големиот хај-тек момент. Тоа што изгледа како мек полиуретан, на допир се чувствува како платно. Седиштата исто така се обложени со мек материјал, налик на памук.
Електричниот кросовер на Kia, којшто е дел од „македонската електромобилна револуција“ наскоро ќе пристигне на тест возење во Аутомедиа, по што ќе може да се стекне целосната слика за овој автомобил со бројни изненадувања.















