Renault првпат ќе го прикаже новиот Scenic на салонот на мобилност ИАА во Минхен, на 4-ти септември.
Францускиот производител објави фотографии од маскираниот Scenic, којшто ќе биде прв целосно електричен СУВ-модел од компакт класата на Renault. Тој ќе му се придружи на сестринскиот модел Megane E-Tech, електричната комбилимузина што беше лансирана лани.
Renault додаде и дека претсериските прототипи во текот на летото ќе се тестираат по европските патишта.
Новиот Renault Scenic ќе биде лансиран во 2024 година и ќе се произведува во фабриката на Renault на северот на Франција, во Дуе. Со вклучувањето на Scenic во понудата продолжува да се реализира стратегијата на извршниот директор на целата групација, Лука де Мео, за проширување и обновување на понудата од модели во компакт и средната класа, каде што се постигнува подобра заработка отколку во помалите класи.
Во минатата година имаше премиера уште еден важен модел на Renault, компактниот СУВ со име Austral (асоцијација на југ), којшто е достапен со класичен хибриден погон и со бензински мотори. На Austral наскоро ќе му се придружат уште два новитети, СУВ-моделот од средна класа Espace и купе-СУВ моделот од средната класа Rafale, како нов знаменосец на марката.

Renault Scenic E-Tech е воедно и сестрински модел на електричниот Nissan Ariya, чијашто продажба стартуваше лани
Дизајнот на Scenic беше прикажан уште во минатата година, преку концептниот автомобил Scenic Vision. Во концепот беше вграден водороден погон со горивни ќелии, комбиниран со батериски електричен погон.

Концептот Scenic Vision е долг 4.490 mm, со меѓуоскино растојание од 2.835 mm. За споредба, Austral е два сантиметри подолг. Погонот во концептниот автомобил се состои од електромотор со моќност од 160 kW, којшто испорачува сила до задната оска, во комбинација со батерија од 40 kWh и горивна ќелија со моќност од 16 kW. Водородот за горивната ќелија се чува во резервоар во предниот дел од возилото.
Тековните Scenic и Grand Scenic се компактни семејни ванови со голема историја. Побарувачката за возилата од оваа категорија опадна нагло, откако купувачите почнаа да покажуваат повеќе интерес за СУВ-моделите.
















