Citroen го именуваше Лорен Дио, сегашен директор за маркетинг и комуникации во Abarth, за директор на поширокиот регион на Европа. Освен балканските земји, во регионот спаѓаат уште Источна Европа и неколку азиски пазари.
Дио оперативно ќе му рапортира на новиот извршен директор на Citroen, Тиери Коскас, а со функцијата ќе биде директно под директорот на Stellantis за Европа, Германецот Уве Хохгешурц, поранешен директор на Opel.
Првата задача на Дио ќе биде враќање на пазарниот удел на француската марка во Европа. Коскас неодамна посочи дека неговата цел се 5 проценти удел до завршетокот на 2023 година.
Сегашниот удел на Citroen на европскиот пазар изнесува 4,3 проценти, по извесниот пад лани, за што директорите јасно посочуваат на проблемите со логистиката, предизвикани од една страна од ковид, од друга страна од прекинот на синџирот на набавки поради ситуацијата во Украина.
Дипломец на париската L’Ecole Centrale, Дио почна да работи во групацијата Renault во 1997 година, одговарајќи на менаџерски позиции на интернационално ниво, за продажбата, маркегингот и унапредувањето на бизнисот. Меѓу неговите функции беше и место на извршен директор во португалскиот огранок на Renault, како и директор за Монако. Во 2020 година, тој беше назначен за директор за маркетинг за Франција.
Дио премина во конкурентскиот Stellantis во октомври 2021 година, на неговата сегашна функција во Abarth, со канцеларија во Торино.
Коскас, кој исто така е директор за продажба и маркетинг за групацијата Stellantis, пролетоска беше назначен за извршен директор на Citroen, на местото на Винсен Кобе. Citroen подготвува нова генерација на својот најпродаван модел, градскиот C3, којшто ќе биде достапен и во целосно електрична изведба.
















