Арапи вложуваат во кинески компании за електрични автомобили

Најголемиот пазар за патнички автомобили во светот, и воедно најголем пазар за електрични автомобили, привлекува инвестиции од арапските нации што се збогатија од нафтата и што гледаат нов рудник за злато во кинеските стартап-компании.

Арапски инвеститори збогатени од нафта, долг период вложуваа во акции во луксузни и спортски автомобилиски марки од Европа, како што се Mercedes-Benz, Porsche, McLaren и Aston Martin.

Тој тренд се смени и арапските нафтени богаташи сега вложуваат сé помасовно во акции на стартап-компании од Кина, што влегуваат во бизнис со електрични автомобили.

Холдингот CYVN, инвестициски огранок на владата на Абу Даби, потпиша договор со Nio, за купување акциски удел во висина од 7 проценти во стартапот за електрични возила со седиште во Шангај. Зделката ги чинеше Арапите околу 740 милиони долари.

Абу Даби е престолнина на Обединетите Арапски Емирати.

Двете страни „се спогодија да соработуваат во заедничко искористување на можностите во бизнисот на Nio на светскиот пазар, по завршувањето на инвестициската трансакција“, објавија Nio во соопштението.

Со оваа зделка, Nio станува втор кинески стартап за електрични возила, што добива финансиска подршка од богатите земји во Персискиот Залив.

Министерството за инвестиции на Саудиска Арабија на 11-ти јуни постигна договор со Human Horizons, за вложување 5,6 милијарди долари во оваа компанија за електрични автомобили со седиште во Шангај. Human Horizons е основана во 2017 година од Динг Леи, поранешен претседател на заедничката автомобилска компанија на кинески SAIC и американски General Motors.

Договорот беше потпишан на 10-та арапско-кинеска бизнис конференција во Ријад, главен град на Саудиска Арабија. Тоа го соопшти China Global Television Network, медиумска куќа со којашто управува кинеската влада.

Human Horizons и саудиското министерство имаат за цел да формираат заедничка компанија којашто ќе биде посветена на истражување, развој, производство и продажба на автомобили, сопштуваат CGTN.

Тоа е важна инвестиција за Nio и за Human Horizons, бидејќи двете компании уште немаат постигнато заработка, во периодот додека го шират производството и развиваат нови модели.

Nio и Human Horizons произведуваат престижни лимузини и кросовери со електричен погон во Кина.

Прашање е дали тие ќе произведуваат автомобили и во арапските држави, каде што им е обезбедена новата инвестиција?

Според конкурентска стартап-компанија за електрични автомобили од Кина, постои голема веројатност дека Nio и Human Horisons ќе го сторат тоа, откако добија инвестиција од арапски инвеститори.

Iconiq Holding Limited беше производител на електрични автомобили, основан во 2016 година од кинескиот бизнисмен Ален Ву во градот Тјанџин, на северот на Кина.

Овој производител во април 2022 година беше купен од NWTN, компанија што Ву ја основаше во Дубаи.

Со новиот капитал од Sultan Investments, водечка градежна компанија во Обединетите Арапски Емирати, NWTN изгради фабрика за производство на електрични возила во градот Џинхуа, на истокот на Кина.

NWTN исто така изгради фабрика во Дубаи, за монтажа на електрични возила од полуготови модули што се испорачуваат од фабрикатаа во Џинхуа.

Во декември, првиот континтент од 20 електрични возила со продолжен досег од фабриката во Дубаи им беше испорачан на локалните клиенти, јавуваат NWTN, компанија што нотира на њујоршката берза.

Претходна објаваKia го заврши првото полугодие со рекорд во Америка
Следна објаваОд каде доаѓаат 479.700 произведени автомобили на Tesla

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here