По затишјето во преставувањето нови модели на Audi во изминативе неколку години, следи вистинска бура од новитети. Фановите на марката со четирите прстени ќе можат да се радуваат на дури осум нови модели.
Кругот на обновување на гамата почнува со електричниот СУВ-модел Q6 e-tron, којшто ќе го доживее своето деби кон завршетокот на годинава. Тоа е прв електричен автомобил што е развиен под раководство на Маркус Дусман. Но, Q6 e-tron е воедно и прв модел на Audi што ја користи платформата PPE (Premium Platform Electric), којашто е развиена во соработка со Porsche. Новата платформа што е наменета за модели од повисоките класи може да се користи и за СУВ-модели и за луксузни лимузини. Audi A6 e-tron исто така ќе се базира врз платформата PPE.
Лимузината се раководи според студијата што беше прикажана на салонот во Кина во 2021 година. Каросеријата завршува како купе и може да се очекува дека моделската ознака ќе биде дополнета со познатото име Sportback. Главниот дизајнер Марк Лихте верува дека „ниското е новиот премиум“ кај електричните возила и лани покажа на што мисли со тоа, преку студијата A6 e-tron Avant.
Електричното комби наиде на одлична прифатеност меѓу публиката. Се шират гласини дека во спортското одделение задоволни ги тријат рацете од добиените вести и планираат да изведат RS-варијанта од идниот A6 e-tron.
Нов начин на означување на моделските серии
За 2024 година се планира обновување на моделската серија A4. Таа и натаму ќе ја користи верзијата на платформата MLB што е наменета за модели со обични мотори. По пример на PPE, името на платформата на идниот модел од средната класа ќе се смени во PPC (Premium Platform Combustion). Бензинците и дизелите ќе работат како благу хибриди, а првпат во гамата на моделот ќе се нуди и изведба со приклучен хибриден погон.

Се менува номенклатурата. Во иднина сите модели на Audi со мотор со внатрешно согорување ќе носат непарна бројка во ознаката, додека на електричните модели e-tron ќе им припаднат парните броеви. Тоа значи дека идниот A4 ќе се преименува во A5, односно директно во A5 Sportback, затоа што Инголштат повеќе не планира да нуди класична лимузина во оваа моделска серија на европскиот пазар.
Неколку месеци по купе-лимузината ќе следи и комби моделот A5 Avant. Многу подоцна отколку што се планирашпе првично, дури во 2027 година, во гамата ќе пристигне A4 e-tron. Моделот е можно да ја користи новата 800-волтна архитектура SSP (Scalable Systems Platform).
Планиран е целосно електричен модел во компакт класата
СУВ-моделот од средната класа Q5 веќе се ближи кон завршетокот на својот производствен век. Наследникот доаѓа во 2024 година. Идниот Q5 ќе ги користи истите мотори што ќе се вградуваат во A5. Една година подоцна е ред да се освежи Q3. Исто како кај Q5, клиентите ќе може да изберат и купе-изведба Sportback.
Неизвесно е што планира Audi со својот компактен A3. Дусман веќе најави дека во 2027 година ќе биде претставен целосно електричен модел во компакт класата. Прашање е како ќе се означува тој модел. Според новата номенклатира, тој би требало да ја носи ознаката A2 e-tron. Уште не е решено околу тоа.
Тоа што се знае со сигурност е новата генерација на A6. Таа доаѓа во 2025 година, и според новата номенклатура ќе носи ознака A7, затоа што под хаубата уште ќе работат мотори со внатрешно согорување. Истото важи и за Q7, чијшто старт се планира за 2026 година. Audi за тогаш подготвува и уште поголем СУВ, со истата техника, под ознаката Q9. Луксузниот крстосувач ќе биде наменет првенствено за пазарите во Кина и САД, но е сосем извесно дека моделот ќе привлече интерес и во Европа.
















